ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

 

Тропар на светите
Христови маченици
Гуриј, Самон и Авив
15 ноември / 28 ноември

Избирајќи живот по вашата вера,
наместо виделина од очите телесни,
Гурие и Самоне, Бога го прославивте
во вашето мачеништво, при вистината останавте
и ревност подаривте на Авива ѓаконот.
Радувајќи се сега во царството Христово,
молете се за нас вие свети маченици,
и бидете брзи застапници на оние,
кои го повикуваат преку вас Бога Седржителот.


       
                                         Нивните свети мошти се наоѓаат во градот Воден (Едеса).

7.Vselenski.sobor

Извор МПЦ-ОА     
Манастир св Јован Претеча Слепче


Православен календар за 28/11/2023

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2023 лето Господово

 Од Верскиот календар:

 

sv.Jov.Zlatoust.jpg        

Светите маченици Гуриј, Самон и Авив

7.Vselenski.sobor

Гуриј и Самон беа угледни едески граѓани. За време на едно гонење на христијаните се засолнија надвор од градот и живееја во пост и во молитва, храбрејќи ги правоверните коишто ним им притекнуваа за совет. Но ги фатија и ги изведоа пред судијата. Судијата им се закани со смрт ако не се покорат на царската наредба за поклонување на идолите. Светите Христови маченици му одговорија: „Ако ѝ се покориме на царската наредба ќе пропаднеме дури и ако ти не нѐ убиеш“. После лути маки беа фрлени во затвор, во којшто трпеа глад, темнина и тегобност од 1 август до 10 ноември. Тогаш повторно ги изведоа и ги мачеа, па бидејќи останаа непоколебливи во Христовата вера, беа осудени на смрт и убиени со меч во 322 година, за време на свирепиот цар Ликиниј. Подоцна и едескиот ѓакон Авив прими маки за својот Господ Исус Христос и го предаде духот свој во оган. Мајка му го извади неговото цело тело од огнот и го погреба во гроб заедно со Светите Гуриј и Самон. Кога престана гонењето, христијаните подигнаа храм во чест на тројцата маченици Гуриј, Самон и Авив и ги положија нивните чудтворни мошти во еден ковчег. Од безбројните чуда над моштите на овие прекрасни маченици се издвојува едно. Една вдовица во Едеса имаше ќерка со која се ожени еден Гот, војник на грчката војска. Бидејќи мајката се плашеше да ја даде девојката во далечна земја, тој Гот се заколна на гробот на тројцата маченици дека никакво зло нема да ѝ направи на нејзината ќерка, но дека ќе ја земе за своја законска жена, бидејќи, рече, е неженет. Всушност тој беше женет. Кога ја одведе девојката во неговата татковина ја држеше како робинка додека не умре неговата законска жена. Тогаш тој, во договор со останатите свои роднини, со мртвата жена ја закопа и својата жива робинка. Робинката им се молеше со плач на Светите маченици да ја спасат. И тие ѝ се јавија во гробот, ја зедоа и моментално ја пренесоа од Готската земја во Едеса, во својата црква. Утредента кога ја отворија црквата ја најдоа ќерката на онаа вдовица покрај гробот на Божјите светители и дознаа за нејзиното чудесно избавување.