ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

 

 Тропар на св. Павле
патријарх Цариградски
6 ноември / 19 ноември

Со исповедувањето на Божествената вера,
Црквата те покажа како втор Павле,
ревнител меѓу свештениците:
со тебе повикува и Авел кон Господа,
и Захариевата крв праведна.
Оче преподобен, моли го Христа Бога,
да ни дарува милост голема.

 

Извор МПЦ-ОА     


Православен календар за 19/11/2023
 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2023 лето Господово

 

Од Верскиот календар:    

Свети Павле Исповедник, патријарх Цариградски

Кога блажениот патријарх Александар лежеше на смртна постела, ужалените верни го прашуваа кого го остава зад себе за архипастир на словесното стадо Христово. Болниот патријарх им рече: „Ако сакате да имате патријарх којшто ќе ве учи и ќе ви блеска со добродетел, изберете го Павле, а ако сакате да имате само убав човек и однадвор украсен, изберете го Македониј“. Народот го избра Павле. Но ова не им беше право на аријанските еретици ниту на царот Констанциј, којшто во тоа време беше во Антиохија. И наскоро го симнаа Павле и тој заедно со Св. Атанасиј Велики побегна во Рим, каде што обајцата беа убаво примени од папата Јулиј и од царот Констанс, коишто ги поддржаа во нивната православна вера. На писмо од царот Констанс и папата Јулиј, Павле го вратија на престолот, но кога умре овој цар аријанците кренаа глава и го протераа православниот патријарх во Кукуз во Ерменија. Во прогонство Св. Павле еднаш служејќи литургија беше нападнат од аријанците и удавен со омофорот, во 351 година. Во времето на царот Теодосиј неговите мошти во 381 година беа пренесени во Цариград, а во 1236 година во Венеција, каде што се наоѓаат и денес. Неговите омилени клирици и секретари Маркијан и Мартириј пострадаа наскоро после својот патријарх (под 25 октомври).