Собор на сите македонски Светители

 ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ

 

Тропар на светиот
Христов епископ
преподобен Евмениј Гортински
18 септември / 1 октомври


Милостив Евмение, пастиру Христов,
со помош Божја себе најпрво се излечи,
соблекувајќи го стариот човек телото го умртви,
осиромашувајќи за светот, во Христа се обогати,
моли се ти кој за стадото душата ја полагаше
да се спасиме по твоите свети молитви.

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светата
Христова маченичка
Ариадна
18 септември / 1 октомври

Го сокри Христос во срцето твое
о, Ариадно света девственичке,
а Он те заштити во љубовта Негова,
и дом ти припреми во вечноста, света маченичке.
Тварта гласот на благодатните молитви твои,
го принесе пред Господа,
и земјата ја сокри убавината,
која Небото сега ја прославува.
На тие молитви и ние се надеваме,
милост да имаме пред Бога.

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир Св. Јован Претеча Слепче

Од Верскиот календар на МПЦ (01.10.2023)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2023 лето Господово

 

 Од Верскиот календар:

Свети Евмениј, епископ Гортински на Крит

Од младоста сесрдно одеше по Христа, ослободувајќи се од двете големи бремиња: од бремето на богатството и од бремето на телото. Од првото бреме се ослободи раздавајќи го сиот свој имот на ништите и на сиромасите, а од другото со голем пост. И така се исцели прво себеси, па потоа почна и на другите да им дава исцеление. Бестрастен и исполнет со благодат на Светиот Дух, Евмениј заблесна со светлина којашто не може да се скрие. Па како што е напишано дека не може да се сокрие град на врв планина (Матеј 5, 14) така не можеше и Свети Евмениј да се скрие од светот. Како епископ тој управуваше со стадото Христово како добар пастир. Им беше татко на сираците, богатство на ништите, утеха на нажалените, исцелител на болните и прекрасен чудотворец. Со молитвата вршеше бројни чуда: умртви една опасна змија, изгонуваше демони, исцелуваше болни, и тоа не само во своето место туку и во Рим и Тиваида. Во Тиваида со молитва испроси дожд од Бога во време на суша; и таму најпосле го заврши својот земен живот и се пресели во вечните живеалишта на својот Господ. Живееше и дејствуваше во 7 век.