ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

 

Pojasot.Bogorodicen.jpg

Тропар на полагање на ризата
на Пресвета Богородица
31 август / 13 септември


Богородице Приснодево, заштитнице на луѓето,
ризата и појасот на твоето пречисто тело
си ги дарила на твојот град како моќна ограда,
останувајќи нетлена поради твоето бессемено раѓање,
зашто во тебе се обновува и природата и времето.
Поради тоа те молиме, мир на твојот град да му даруваш,
а на душите наши милост голема.
 

 Извор МПЦ – ОА

Тропар на светите
Христови четворица маченици
од Перга Памфилиска
31 август / 13 септември

Исмејувањето на тие кои низ оган ве спроведуваа,
се претвори во небесен пој на ангели кои ве дочекаа
и маките со венец маченички ги крунисаа,
о, достојнославни страдалници, затоа искушенијата наши
од овој живот, да бидат заменети со јаглења угаснати,
од кои мудрост да добиеме Христа достојно
да Го пречекаме при нашиот исход кон Него.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на светиот
Христов патријарх
Генадиј Константинополски
31 август / 13 септември

Кроток Христов пастиру, ревносен молитвениче
кој достојно стадото го пасеше,
Генадие свети денес Бога прославувајќи Го,
го чествуваме споменот свет твој,
и како што за земниот живот пазеше вистината
и мирот да пребива во Црквата,
така и сега измоли од Господа
Невестата Негова да се излекува од немир,
разномислие и несоборност,
за спасение на сите во слава Господова.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светиот
свештеномаченик Христов
Кипријан епископ Картагински
31 август / 13 септември

Допирот со Вистината о, земни мудрецу Кипријане,
те вознесе до благодатното крштение
и очите се отворија за Христовиот нов војник
кој ја отфрли заблудата и се запали со покајание.
Радувај се смирен свет епископе кој
преклонувајќи ја главата на посекување,
 ја доби љубовта и спасението од Главата на сите
и за нас сега моли се пред Оној Кој сѐ гледа и Е насекаде.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 Тропар на светите
Христови маченички
седум девојки од Газа
31 август / 13 септември

Мечот кој бараше глави да приклоните
пред него, стана свеќа која пред Христа ве доведе
 и венец маченички ви донесе, о, свети девственички достојнославни, кои молитвен елеј на радост
денес од Бога ни измолувате, бидете молитвени сопатници
на душите наши до престолот на вечноста.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на светиот отец
Јован митрополит Киевски
31 август / 13 септември

Те испрати виорот на вистината
да ја возвестиш слободата Христова,
срце ти запали ревноста да ја браниш честа
на Црквата, о, Јоване слуго и пастиру Божји,
моли се за нас и застапи се пред Господа
денови за преумување да добиеме.



 Извор МПЦ – ОА
Манастир Св. Јован Претеча Слепче

 


Од Верскиот календар на МПЦ (13.09.2020)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2020 лето Господово



 Од Верскиот календар:

 

Подобен: Како храбар:

 Ковчегот што го чува твојот појас секогаш е познат како кивот на осветување за твоите слуги, и света тврдина, и слава и пофалба, и извор на исцеленија, каде што денес, свешетено собрани, ги воспеваме твоите бројни величија, и бездната на чудеса.

Pojasot.Bogorodicen.jpg


Празник на појасот на Пресвета Богородица    

После своето успение, Пресвета Богородица му го даде својот појас на апостолот Тома. Тој појас подоцна беше пренесен во Цариград и чуван во запечатен ковчег во црквата на Пресвета Богородица во Влахерна, што ја изгради царицата Пулхерија. Овој ковчег никогаш не се отвараше, сѐ до времето на царот Лав Мудриот (886 г. – 912 г.). Сопругата на Лав, царицата Зоа, душевно се разболе, и според некое таинствено видение посака врз неа да го положат појасот на Пресвета Богородица. Царот го помоли патријархот, па го отворија ковчегот, го извадија појасот и го положија врз болната царица. Таа веднаш оздраве. Во спомен на тоа чудо се востанови овој празник. Дел од тој појас се наоѓа во Грузија, во Зугдид. Имено, ќерката на царот Роман се исцели со помош на овој појас и подоцна, кога се омажи за царот Абухаз Грузиски, таа понесе дел од појасот со себе. На заповед од рускиот цар Александар I изградена е посебна црква во Мингрелија во Зугдид, каде што се чува тој дел од чудотворната облека на Пресветата Божја Мајка.