ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

 

 

Тропар на светите
Христови маченици
Адријан и Наталија
26 август / 8 септември

Благословувајќи го бракот о Господи,
апостолот за Христа и Црквата ни прозбори,
мажот преку жената може да се спаси,
според тие зборови Адријане свети мачениче,
во познание Божјо беше приведен,
по молитвите на света Наталија за Христа обручен.
Молете се за нас о вие, исповедници на животот вечен ангелски.

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
Христов преподобномаченик
Адријан Ондрусовски
26 август / 8 септември

Славата Христова преку твоите поуки
оче преподобен Адријане се рашири над оние
кои болни, живот и спасение побараа,
но најмногу со честа која Господ ја покажа на телото твое
за наше спасение и вразумување на многумина.
Затоа моли се да нѐ помилува Оној
Кој власт има над душите човечки.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светиот
Христов маченик
Адријан
26 август / 8 септември

Откажувајќи се од земното царување
се приви кон нозете Христови о, Адријане свети мачениче,
и Царство Небесно доби, напоен од благодатта Господова исповедник стана во одбрана на вистината.
Затоа застапи нѐ пред милоста Божја
нас кои го чествуваме споменот твој свет.
 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на преподобниот отец
Титој Египетски
26 август / 8 септември

Блажен си ти оче преподобен Титое,
кој го пронајде патот на смирението,
облагодатен во подвигот на воздржание,
молитва и секој да го сметаш за подобар од себе.
Моли се за нас небесен човеку
и земен ангелу, да го спознаеме вечниот
 мир на Небесното Царство.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на преподобниот отец
Ивистион Египетски
26 август / 8 септември

Љубовта твоја кон Господа,
благодатни солзи ти донесе кои душа
ти измија и срце очистија: моли се за нас
пустиножителе, по твоите молитви свети
да стигнеме до местото каде нема ни жал,
ни воздишки, туку радост бесконечна.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на светите Христови
дваесет и три маченици
26 август / 8 септември

Свети исповедници Христови,
маченици достојнославни кои вера сочувавте,
вистина објавивте, надеж за нас постанавте.
Имајќи пример молитвен во страдалникот Адријан,
молете се за нас вие кои стигнавте во небесните висини.

 
*Имињата: Минодиј, Синетос, Платон, Евретос, Тирс, Евитиј, Антим, Евтихиј, Форентриј, Тентилиј, Клавдиј, Анатолиј и Наталија, Мардониј, Ермоген, Антиох, Јован, Теодор, Троадиј, Кириак, Елевтериј, Картериј, Теогон, Марин и Адријан.

 Извор МПЦ – ОА
Манастир Св. Јован Претеча Слепче

Од Верскиот календар на МПЦ (08.09.2023)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2023 лето Господово

 Од Верскиот календар:

sv.Andrijan.Nikomid.jpg

Светиот маченик Адријан и преподобна Наталија

Маж и жена, обајцата од благороден и богат род, од Никомидија. Адријан беше незнабожец и началник на преторот, а Наталија потајна христијанка. Беа млади и живееја во брак тринаесет месеци до мачеништвото. Кога свирепиот цар Максимијан ја посети Никомидија, заповеда христијаните да се фаќаат и да се подложуваат на маки. Во близина на градот, во една пештера, беа собрани дваесет и тројца христијани. Некој ги поткажа кај власта и беа луто камшикувани со воловски жили и биени со стапови, па потоа ги фрлија во затвор. По ова ги изведоа од затворот и ги одведоа кај преторот заради попис на имињата. Адријан ги гледаше овие луѓе, измачени и трпеливи, мирни и кротки, па ги заколна да му кажат што очекуваат од својот Бог за толкуте претрпени маки. Тие му говореа за блаженството на праведните во Царството Божјо. Кога го чу тоа и повторно се вгледа во нив, Адријан одеднаш се сврте кон писарот и му рече: „Запиши го и моето име со светите, и јас сум христијанин.“ Писарот, кога чу, го праша: „Да не слезе од умот?“ Одговорот на Адријан беше: „Не слегов од умот, туку си дојдов на умот.“ Откако слушна за ова Наталија многу се израдува и кога Адријан со другите седеше окован во затворот, таа дојде и им служеше на сите; а кога мажот ѝ го биеја и го измачуваа со разни маки, таа го храбреше да истрае докрај. После долги маки во затворот, царот нареди таму да се однесе наковална за да им ги толчат со чекан рацете и нозете. Ова беше извршено, и така Адријан и останатите дваесет и тројца мажи издивнаа во претешки маки. Нивните мошти Наталија ги пренесе во Цариград, каде што ги погреба чесно. По неколку дена ѝ се јави Свети Андреј, сиот во светлост и надземна убавина и ја повика да појде кај Господ. Света Наталија мирно Му го предаде на Бога својот дух.