ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

Тропар на светиот
апостол Христов
Вартоломеј
(пренос на мошти)
25 август / 7 септември


Благата вест ширејќи се по земјата,
се изли и од устата твоја дури и до Индија,
о Вартоломее апостоле Христов,
на крст стрмноглаво прикован,
покажа дека смирението е совршено,
кога ќе помине низ огнот пеколен,
свети мачениче сотрудниче на Јована и Филипа,
моли се челадта да не престане да бара мир од Господа.

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
отец Мина
патријарх Константинополски
25 август / 7 септември

Добродетелниот живот твој Мино свети
послужи на верниот народ кој се смири
под пастирството ти од Христа дарувано:
мноштво притекнаа кон купелот на слободата,
верата се зацари и ја осветли темнината.
Нека молитвите твои за наше спасение
бидат примени пред Спасителот на светот.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на светите
Едески исповедници
25 август / 7 септември

О деца на благодатта Христова
кои поведени од Варсис пастирот,
глави кон идолите не приклонивте,
а вера како дијамант цврста, засилена од Евлогиј,
исповедничка стана за православната Едеса.
Радувајте се исповедници бидејќи семето
на благодатта преку вас до нас стигна и Бога Го
прославува во вечни векови.


 
*Едеса е денес градот Урфа, југоисточна Турција
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на светиот
Христов Апостол
Тит
25 август / 7 септември

Примајќи обрезание по срце свети Апостоле,
Господ благодатно те закрепна, преку тебе творејќи чудеса:
идолите паднаа, мноштво народ поверува во Христа,
животот твој засветли на земјата,
и не се стави под поклоп туку на Бога послужи:
о, Тите, моли се за нас пред Оној Кој
твоето преминување во животот го осветли.



 
  
Извор МПЦ – ОА
Манастир Св. Јован Претеча Слепче

Од Верскиот календар на МПЦ (07.09.2020)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2020 лето Господово

 Од Верскиот календар:

 

sv.Lup.jpg

Пренос на моштите на Светиот апостол Вартоломеј

На овој ден се празнува преносот на моштите на Свети Вартоломеј, додека неговиот главен празник е на 11 јуни. Кога овој голем апостол беше распнат на крст во Албанопол Ерменски, христијаните го симнаа неговото тело и чесно го погребаа во оловен ковчег. Па бидејќи на неговиот гроб стануваа многубројни чуда, особено исцеленија на болни, заради што се зголемуваше бројот на христијаните, незнабожците го зедоа ковчегот со моштите и го фрлија во морето. Во исто време фрлија и четири други ковчези со мошти на четворица маченици: Папијан, Лукијан, Григориј и Акакиј. Но по Божја Промисла ковчезите не потонаа, туку носени од водата допливаа, и тоа: Акакиевиот во градот Аскалус, Григориевиот во Калабрија, Лукијановиот во Месин, Папијановиот на друга страна во Сицилија, а Вартоломеевиот на Липарските острови. Липарскиот епископ Агатон во некое таинствено откровение дозна за приближувањето на моштите на Свети Вартоломеј до островите. Во таа прилика од моштите на апостолот се случија многубројни исцеленија на болни. Агатон со клирот и народот излегоа на брегот и го дочекаа ковчегот со голема радост. Моштите беа положени во црквата на Свети Вартоломеј и лежеа овде до времето на Теофил Иконоборец (околу 839 година), па бидејќи тогаш муслиманите ги загрозија Липарите, моштите на апостолот беа пренесени во градот Беневет. Така Господ го прослави Својот апостол со чуда и за време на животот и после смртта.

Светиот апостол Тит

Еден од Седумдесеттемина. Роден е на Крит и воспитан со грчката поезија и философија. По еден повод тој зеде да го чита Пророкот Исаија и се посомнева во елинската мудрост. Откако чу за Господ Исус Христос, дојде во Ерусалим со уште некои Критјани и лично ги слушна зборовите на Спасителот и ги виде Неговите силни дела. Неговото младешко срце се прилепи за Христа. Подоцна беше крстен од апостол Павле, кому во евангелското дело му служеше како на татко. Павле толку го возљуби Тит, што го нарекуваше ту син (Тит 1, 4) ту брат (2 Кор. 12, 18). Тит многу патуваше со големиот апостол на народите и од него беше поставен за епископ Критски. При Павловото страдање во Рим беше присутен и Тит, којшто чесно го погреба телото на својот учител и духовен отец. Потоа се врати на Крит и таму со голем успех ги крштеваше незнабожците и мудро управуваше со Црквата Божја до длабока старост. Се упокои во деведесет и четвртата година од својот живот.

Светите Едески Исповедници

Страдаа многу по затвори и во прогонство заради православната вера во времето на царот Валент, кој се држеше за ариевската ерес. Но беа ослободени од царот Теодосиј.

Свети Мина, патријарх Цариградски

Мудро управуваше со Црквата од 536 до 552 година. Претходно управуваше со домот за бедни и неволни на Св. Сампсон. При неговата хиротонија за епископ учествуваше и папата Агапит, којшто тогаш дојде во Цариград за побивање и симнување на патријархот Антим.