ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

 

Тропар на светиот
Свештеномаченик Христов
Евтихиј
24 август / 6 септември



Кадилница на апостолите Јован и Павле,
саду Христов миомирисен, Евтихие рамноапостолни,
ангел пред тебе патот го отвараше,
Духот во тебе Христа го сведочеше,
животот во Христа двоен венец ти донесе,
спомни не и нас во твоите молитви
принесени за спасение на родот човечки.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на светата
Христова маченица
Сира
24 август / 6 септември

По ликот твој трагаме денес,
Христова света маченичке Сиро,
по ликот озарен од благодатта Господова,
осветлен од солзната молитва, ликот кој
се удостои Бога да Го види и од Него помош да добие.
Моли се за нас света девице и благодатно
поведи нѐ на патот спасоносен.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на преподобниот отец
Арсениј Комељски
24 август / 6 септември

Пастиру преподобен, Арсение свети,
зборови за живот вечен: „да се љубите еден со друг“,
знамение станаа на пустинскиот устав
кој ти облагодатен од Христа Бога како омофор
го разви над обителта монашка.
Радувај се оче преподобен кој во осаменост
ја доби полнотата на Христовата благодат
и за нас моли се пред Небесниот Цар.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на светиот
Христов маченик
Татион
24 август / 6 септември

Венецот на победата ти беше испратен
од Христа Бога со глас од небесата за:
мачеништвото поднесено, верата непоколеблива
исповедана и сведоштво за Господовата вистина,
о, Татионе свети, застапи се за нас сега
пред Оној Кој тебе те удоми.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светиот
исповедник Христов
Георги Лимниот
24 август / 6 септември

Мудроста на Христовото учење се зацари
во тебе преподобен оче Георгие,
преподобноста благодатна те направи
пастир на многумина, седината на телото
не се исплаши од исповедништво на Иконите Божји,
о свети мачениче, моли се за нас да истраеме
до крај по твоите свети молитви.

 

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир Св. Јован Претеча Слепче

 

Од Верскиот календар на МПЦ (06.09.2023)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2023 лето Господово

 Од Верскиот календар

Светиот свештеномаченик Евтихиј

Еден од помалите апостоли, родум од Севастопол. Ученик и подражател на Светите апостоли Јован Богослов и Павле. Иако не е вбројан во Седумдесеттемина апостоли, сепак се нарекува апостол затоа што им беше ученик на големите апостоли и затоа што во евангелската служба покажа вистинска апостолска ревност. Посветен за епископ-мисионер, Евтихиј многу патуваше, имајќи за сопатник ангел. Во затворот примаше небесен леб од ангелот. Кога му го стружеа телото со железо, од него течеше крв со необично благоухано миро. Го фрлаа во оган и на ѕверови, но најпосле го убија со меч во Севастопол.

 Светиот маченик Татион

По потекло од Мантинеја, близу Клавдиопол во Витинија. Страдаше во времето на Диоклецијан. После големи мачења жив го зарија во земја и така ја предаде душата на Бога.

Светата маченичка Сира

Роднина на Св. Марија Голиндуха (12 јули). Персијанка, од градот Хирхаселевкос, ќерка на голем жрец огнопоклоник. Воспитана во незнабоштво, девицата Сира дозна за Христос од некои бедни жени христијанки и нејзиното младо срце се распали со љубов кон Господ. Еднаш кога боледуваше, а додека сѐ уште не беше крстена, побара од христијанскиот свештеник прав од црквата, но тој како некрстена ја одби. Тогаш таа со голема вера се допре до одеждите на свештеникот и оздраве. Тоа чудесно исцеление уште ја доутврди во Христовата вера. Но нејзиниот бездушен татко ја предаде на измачувања, при што беше охрабрувана со небесни виденија. Ја удавија насилно со коноп и ја потопија во вода, во 558 година, во времето на персискиот цар Хозрој I, а во осумнаесеттата година од нејзиниот живот. Така оваа Света девица го заврши патот на земјата и се пресели во ангелските престојувалишта на небото.

sv.Arsenij.Komeljski.jpg

 Преподобен Арсениј Комељски

Родум од Москва, од род на големци. Како момче стапи во монаштво во обителта на Св. Сергеј Радоњежски. Бидејќи беше примерен монах, го избраа за игумен. Но тој жеднееше за молитвена осаменост и се оддалечи во Комењската шума, каде што се подвизуваше до смртта, борејќи се храбро со големите демонски искушенија. Се упокои во Господ во 1550 година.

Свети Георгиј Лимниот (Езерски)

Исповедник. Голем подвижник Олимписки. Пострада на старост од деведесет и пет години, во времето на иконоборството, во 716 година.