ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

Тропар на светиот
Божји пророк Самуил
20 август / 2 септември



Ах, Господе Боже наш, народ не те послуша,
наместо Љубов власт над себе од човек побара,
да го води на каде не сака, да не се прашува каква е Божјата волја.
Самуиле, Самуиле пророче на Животот во векови,
 и денес опомена од тебе како знаме се развива:
на Бога народе во љубов да послужите,
за семето ваше да преживее, едни со други да се љубите,
затоа што само така Царство ќе наследите.

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

    
Тропар на светите
Христови свештеномаченици
Филип епископ, Север свештеник
и Хермес ѓакон
20 август / 2 септември

Трагајќи по вистината, го надминавте човечкото мудрување:
Филипе кој во омофор на благодатта се облече,
Севере кој Евангелски паствата ја раководеше
и Хермесе гласнику на Бога Живиот.
Стигнавте поведени од Христа
во небесните дворови каде венци маченички примајќи,
заедно со уште триесет браќа по дух,
молете се за нас кои го чествуваме
вашиот свет спомен.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на светите
маченици Христови
Илиодор и Доса
20 август / 2 септември

Исповедници на Православието,
непоколебливи противници на злославието
пред цареви земни и мудрувања човечки,
Илиодоре и Досо, венецот на мачеништвото
и благодатта Господова ве направија сопричесници
на Царството Небесно, од каде сега закрепнете ја
нашата вера во Господа, за спасение на душите наши.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 Тропар на светиот
Христов маченик
Лукиј од Либија
20 август / 2 септември

Газејќи по лагата од овој свет,
не само душата твоја што ја спаси
Лукие свети, туку и Христа Го прослави
исповедувајќи Го пред неверието човеково.
Затоа со венец маченички беше украсен
ти кој непрестано љубовно се молиш
за спасение на неразумните,
пред олтарот на Мудроста.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на светите
Христови маченици Север, Мемнон
и со нив триесет и седум маченици
во Визија Тракиска и Филипол
20 август / 2 септември



Радувајте се Христови исповедници,
радувајте се наши истрајни молитвени
патеводители, примери на вера ревносна
кои преминавте во вечноста,
отфрлувајќи го минливото земно живеење.
Поучени од Север и охрабрени од Мемнон
до Царството на славата стигнувајќи
молете се за спасение на нашите души.
 

*останатите: Агатон, Атинодор, Антан, Антилин, Ахилеј, Виктор, Восвас, Гај, Генетлије, Дифил, Дометијан, Епафродит, Евдемон, Евстатије(Еврос), Зотик, Зоило, Коронин(Керкан), Максим, Местос, Молиан, Неофит, Никон, Панастеније, Пантирије, Палмат, Пантолеон, Ринос, Савин, Санторин, Силуан, Стратон, Теосевије, Тимотеј, Тиранос, Хрисант, Орион и Орос.

 

 


Извор МПЦ – ОА
Манастир Св. Јован Претеча Слепче

Од Верскиот календар на МПЦ (02.09.2023)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2020 лето Господово

 Од Верскиот календар:

 

 prorok.Samuil.jpg

Светиот пророк Самуил    

Петнаесетти и последен од Судиите на Израилот. Живееше илјада и сто години пред Христа. Роден е во племето Левиево, од родителите Елкан и Ана, во местото Рамат или Ариматеја, каде што подоцна се роди и благообразниот Јосиф. Бездетната Ана со солзи го измоли Самуил од Бога и штом наполни три години Му Го посвети на Бога. Самуил живееше во Силоам крај ковчегот на заветот, а кога имаше дванаесет години имаше вистинско откровение од Бога за казната што му претстои на домот на првосвештеникот Илија заради расипаноста на неговите синови Офин и Финес. Тоа откровение наскоро и се изврши: Филистејците ги избија Израилците, ги убија обајцата синови на Илија и го запленија ковчегот на заветот. Кога гласникот му ја соопшти оваа вест на Илија, тој падна мртов на земја и издивна на деведесет и осумгодишна старост. А тоа истото се случи и со неговата снаа, жената на Финес. Оттогаш дваесет години Израилците им робуваа на Филистејците. По овој рок му го испрати Бог на народот Самуил за да му проповеда покајание, ако сака да биде избавен од своите непријатели. И народот се покаја и ги отфрли туѓите идоли на коишто им служеше и го призна Самуил за пророк, свештеник и судија. Тогаш Самуил појде со војска против Филистејците и со Божја помош ги збуни, и ги уби, и ги ослободи земјата и народот. Потоа мирно му судеше на народот до својата старост. Гледајќи го дека остаре, народот му рече да им постави цар наместо себеси. Самул го одвраќаше народот од ова велејќи им дека единствен нивни цар е Бог, но народот остана упорен во ова барање. Иако ова Му беше неугодно на Бога, Бог му нареди на Самуил и им го помаза за цар Саул, Кисовиот син, од Венијаминовото племе. Саул царуваше кратко време и Бог го отфрли заради неговата непослушност и дрскост, па му нареди на Самуил Давид Јесеев да биде помазан за цар наместо Саул. Пред својата смрт Самуил го собра сиот народ и се прости со нив. А кога умре, по него плачеше сиот Израил, а го погребаа чесно во неговиот дом во Рама.