ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

 

Тропар во чест на
неракотворениот лик на
Господ наш Исус Христос
16 / 29 август


глас 2
На Твојот пречист образ се поклонуваме, Благи,
барајќи прошка на гревовите наши, Христе Боже,
оти доброволно си благоволил да се искачиш на крст,
 за да ги избавиш оние што Си ги создал,
од ропството на ѓаволот.
Затоа благодарствено Ти повикуваме:
Со радост си Ги исполнил сите, Спасителу наш,
Кој Си дошол да го спасиш светот.

 
Извор МПЦ-ОА

  Извор МПЦ – ОА

 

  Тропар на светиот
Јоаким Осоговски
16 август / 29 август



Богоносен оче наш Јоакиме, си се јавил како жител на пустината, ангел во тело и чудотворец. Откако преку пост, бдение и молитва прими небесни дарови, ти ги лекуваш болните и душите на оние што со вера ти пристапуваат. Слава на Оној што ти дал сила, слава на Оној што те овенчал, слава на Оној што преку тебе сите ги лекува.



 Извор МПЦ – ОА

 

 
Tропар на преподобниот отец
Херимон
16 август / 29 август

“Не спие и не дреме Оној Кој го чува Израилот”:
на твоите усни се најде вистината о, Херимоне преподобен оче,
и не го пречека Жнеачот без елеј во кандилото,
и не те сретна Милостивиот без молитва на усните.
Затоа радувај се подвижниче,
и за нас моли се пред Вистинитиот.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светиот
Христов маченик
Стаматиј
16 август / 29 август

На вистината радувајќи се Стаматие свети,
не се приклони кон лагата на мракот,
и како добриот Самарјанин животот за братот го положи,
исповедувајќи дека во Христа е силата и благодатта.
Радувај се мачениче и за нас моли се
пред Светлината незалезна.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на светиот
Христов маченик
Диомид бесребреник
16 август / 29 август

Љубовта твоја кон Господа Диомиде свети,
те направи сад на благодатта Негова,
од кој мноштво народ добиваше
исцеленија на душата и телото,
затоа за нас сега застапи се пред Спасителот
Кој Себеси се принесе за измена
за смртта и спасение на нашите души.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на преподобниот отец
Нил Ерикусијски
16 август / 29 август

Исповедниче на верата Православна,
ревнителу на светоотечките преданија,
Ниле преподобен, мудроста на овој свет ја отфрли,
останувајќи верен на отците преподобни.
Моли се за нас пастиру на пустината,
верни до крај да останеме на вистината.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на преподобниот отец
Рафаил Банатски
16 август / 29 август

Душата твоја која по Бога чезнееше
благодатно телото го смири исчекувајќи
Го Христа, о, Рафаиле преподобен молитвениче,
лишувајќи се од овој времен свет
се насели при населбите на светите,
од каде Бога моли Го да ги спаси нашите души.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на преподобниот отец
Роман
16 август / 29 август

Словото Божјо преку тебе народ поведе
кон спасение, о, Романе преподобен,
благодатниот подвиг ревносен
Царство небесно ти донесе,
и денес чудотворни исцеленија на верните
се подаваат во слава Божја од моштите твои целебни.
Смирено за нас моли се оче свети
пред Христа нашиот Бог.

 
*моштите се во манастирот
Св.Роман помеѓу Ражан и Ѓунис


Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на светиот отец
Тимотеј епископ Еврипски
16 август / 29 август

Само Оној Кој Е насекаде и сѐ исполнува
знае за подвизите твои свети о, Тимотее преподобен оче,
само Оној Кој срцата ги испитува ја мери
пастирската љубов твоја облагодатена: епископе свети.
Он нас сега, тебе за наш застапник
пред Вечноста те подари,
молител да бидеш за нашите души.
Господи слава Ти.

 
*основател на манастирот Успение на
Пресвета Богородица на гората Пантели на Евија.



Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Од Верскиот календар на МПЦ (29.08.2020)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2019лето Господово

 Од Верскиот календар:

 

sv.Nikola.slava.jpg

Преподобен Јоаким Осоговски

Се подвизуваше во втората половина на 11 век на Осоговските Планини, на местото наречено Сарандопор во една пештера. На тоа место подоцна подигна црква еден друг подвижник, Теодор од Овче Поле, на кого Свети Јоаким му се јави во сон. Од моштите на преподобен Јоаким потоа низ вековите се случуваа многубројни чуда.

 

Светиот маченик Диомид

Лекар од Тарс, од прочуен род. Лечејќи го народот, го поучуваше и на верата Христова. Царот Диоклецијан нареди и му ја отсекоа главата во Никеја, во 298 година. Оние што му ја отсекоа главата и му ја донесоа на царот ослепеа, а кога му ја вратија главата на телото и се помолија, оздравеа.

 

Светиот маченик Стамат

Селанец, родум од Волос во Тесалија. Кога некој нечовечен ага собираше од народот царски даноци и многу го угнетуваше народот, Стамат појде со неколкумина другари во Цариград за таму да се жалаат кај везирот. Но заради острите обвиненија кон агата Стамат се замери со големците на султанот и тие го уапсија. Најнапред сакаа да го потурчат со ласкање и ветувајќи му богатства, слава и чест. На тоа маченикот возвикна: „Моето богатство, слава и чест е мојот Христос!“ Тогаш Турците го мачеа и најпосле пред Света Софија го заклаа, во 1680 година. Така овој Христов војник стекна венец маченички.