ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

 

Тропар на светиот Христов
апостол Матиј
9 август / 22 август



На Твоето Име слава подај Господи,
на Твоето Име слава воздај,
преку устата на апостолот вистината пред старата црква се посведочи.
Израменете ги патиштата Господови, Бог се овоплоти,
нека биде прославено Името Господово,
моли се апостоле, моли се мачениче,
лозарите лозјето добро да го негуваат,
плодови навреме да принесуваат и
обрезание Христово во срцата да сочуваат.

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
Христов маченик
Антониј
9 август / 22 август

Минувајќи низ огнот на искушението
зборови во вселената испрати,
Христовото учење величајќи го:
„Не робувајте на телото, туку грижете се за душата“,
о Антоние свети мачениче,
и денес времето минува,
но вистината јавена одозгора останува вечно.
По неговите свети молитви, Господи спаси и помилуј.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светите
Христови маченици
Јулијан, Маркијан и други
исповедници на Иконите
9 август / 22 август

Крвта телесна се пролеа,
животот вечен се доби: вратата кон безвременоста
да остане отворена – се исповедаа Иконите свети.
О мажествени Христови воини,
мачеништвото како награда го примивте,
со венци при Господа заминавте,
од каде сега за наше спасение молете се.



 
*Имињата: Јулијан, Маркијан, Јован,
Јаков, Алексиј, Димитриј, Фока, Петар, Леонтиј,
Марија патриција, Теодосија монахиња.

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар
на преподобниот отец
Макариј Оредежски
9 август / 22 август

Спознавајќи ја силата Божја
молитвено продолжи по патот на спасението,
поттикнат од великиот Свирски воин Александар,
по чии молитви мноштво подвижници
се накалемија на учењето Христово.
Моли се оче благодатен Макарие,
достојно да застанеме пред Оној Кој Е насекаде.

 

 

Извор МПЦ – ОА

Манастир Св. Јован Претеча Слепче

Од Верскиот календар на МПЦ (22.08.2020)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2020 лето Господово

 

 Од Верскиот календар:

 

Светиот апостол Матиј

Родум од Витлеем, од племето Јудино. Му беше ученик на Свети Симеон Богопримец во Ерусалим. Кога Господ излезе да проповеда за Царството Божјо, тогаш и Матиј им се придружи на оние што Го љубеа Господa, зашто и самиот од сесрце Го љубеше, со сладост ги слушаше Неговите зборови и ги гледаше Неговите дела. Во почетокот Матиј беше прибројан кон Седумдесеттемина помали Христови ученици, но по воскресението на Господ, бидејќи местото на Јуда којшто Го предаде беше испразнето, апостолите со жрепка го избраа Матиј за еден од Дванаесеттемина големи апостоли (Дела 1, 23). Откако Го прими Светиот Дух на Педесетница, Матиј појде на проповед на Евангелието и проповедаше најнапред во Јудеја, потоа во Етиопија, каде што претрпе големи маки за Христа. Се смета дека проповедал и во Македонија, каде што сакаа да го ослепат, но тој стана невидлив за своите мачители и така ја избегна опасноста. Кога се најде вo затвор, му се јави Господ, го укрепи и го ослободи. Најпосле повторно се врати на работа во Јудеја. Овде беше обвинет и изведен на суд пред првосвештеникот Анан, пред кого неустрашливо сведочеше за Христа. Анан, оној истиот којшто претходно го уби апостолот Јаков, го осуди и Матиј на смрт. Тогаш Светиот апостол Матиј го изведоа и го убија со камења, а отпосле му ја отсекоа главата со секира (ова беше римски начин на погубување на осуденици, а Евреите го применија врз мртов човек за да претстават пред Римјаните како убиениот да бил и противник римски). Така заврши овој голем Христов апостол и се всели во вечноста на својот Господ.

 

Светиот маченик Антониј

Граѓанин александриски. Изведен пред кнезот незнабожечки, тој слободно ја објави својата вера и беше мачен, биен и стружен, но не сакаше да се одрече од Христа. Најпосле го фрлија во оган и од сред огнот му говореше на народот: „Браќа мои возљубени, не робувајте му на телото, туку повеќе грижете се за душата, којашто ви е дадена од Бога и Нему Му е сродна, Нему и на Божествените сили.“ И така поучувајќи го народот и горејќи во огнот, Му ја предаде својата света душа на Бога.

Светите маченици Јулијан и Маркијан и другите со нив

Пострадаа во одбрана на иконите од злобниот цар Лав Исавријанин, во 716 година и се закитија со невенлива слава.