ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ  

 

Тропар на светата Христова маченичка
  Февронија
25 јуни / 8 јули

Светлино тивка на светата Христова слава,
девственичке од хорот на Пресвета Богородица,
цвету небесен подарен на Христијаните,
Февронио света маченичке,
моли се ти која ни покажа,
колку човек може да биде од Бога возвисен над ангелите,
а исто така по злоба понизок од демоните.
Христе Боже,
слава на Тебе Кој ни ја покажа,
Љубовта во тело човечко.

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на преподобниот отец
Дионисиј ктитор на Дионисијат
25 јуни / 8 јули

Во слава Господова, чистотата на срцето твое Дионисие свети,
посака благодатно во храм Божји,
живеалиште на подвижници да ја претставиш,
пред светот и Ангелите,
о верен слуго на Бога Живиот.
Со застапништвото на Претечата
и покровот на Игуманијата Атонска,
Спасителот ја услиша молитвата твоја,
затоа радувај се и за нас моли се преподобен оче наш.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на преподобниот игумен
Дометиј Дионисијатски
25 јуни / 8 јули

О убавино на благодатта,
дар непотрошлив во себе примајќи,
Дометие оче духоносен, жезол на Божјата волја,
за Дионисиј постана и пастир достоен,
кој деца подигнува и кон Христа ги возведува.
Моли се за нас секогаш, преподобен горостасу
на чии молитви се надеваме пред Бога Живиот.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светиот
 преподобномаченик Христов
Прокопиј
25 јуни / 8 јули

Блажен си ти Прокопие преподобен оче,
 на кого Христос совеста ја пробуди,
и ревноста ја засили маченичко покајание да принесе.
Не отстапи од тебе Оној Кој прв те возљуби
свети исповедниче, и затоа за нас
ти сега моли се, до крај во верата
да истраеме за спасение и живот вечен.



Извор МПЦ – ОА
Манастир св. Јован Претеча Слепче

 

 Од Верскиот календар на МПЦ (08.07.2021)

 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2021 лето Господово

Од Верскиот календар:

 

Преподобната маченичка Февронија     

Ќерка на сенаторот Просфор од Рим. За да избегне брак со смртен човек, си Го избра себеси Христа за вереник и се замонаши на Исток во земјата Асирска, во манастир каде што тетка ѝ Вриена беше игуманија. Лисимах, син на еден големец, имаше желба да се ожени со Февронија, но затоа што Диоклецијан наѕираше во него потаен христијанин, го испрати на Исток со чичко му Селин да заробува и убива христијани. Селин беше суров како ѕвер, сегде немилосрдно ги убивашe христијаните. Лисимах пак, каде што можеше ги штедеше христијаните и ги засолнуваше пред својот ѕвероподобен чичко. Кога направи пустош кај христијаните во Палмира, Селин дојде во градот Сивапол, во чијашто близина имаше девствен манастир со педесет испоснички, меѓу кои и Февронија. Иако имаше само дваесет години, во манастирот и во градот ја почитуваа Февронија заради големата кротост, мудрост и воздржливост. Во тој манастир го држеа правилото на блажената Платонида, поранешната игуманија на манастирот - секој петок го минуваа во молитва и во читање од светите книги, тој ден ништо друго не работеа. Од свештените книги, како што одреди Вриена, на сестрите им читаше Февронија, и тоа стоејќи скриена зад завесите за никој да не се замајува и плени со нејзиното прекрасно лице. Кога чу за Февронија, Селин нареди да му ја доведат. Бидејќи Светата девица не сакаше да се одрече од Христа и да се согласи на брак со смртен човек, нареди да ја шибаат, па да ѝ ги избијат забите, потоа ѝ ги отсекоа рацете, па градите, па нозете и најпосле ѝ ја отсекоа главата. Истиот тој ден мачителот го снајде ужасна казна: во него влезе демон и го обзеде некој смртен ужас, во тој ужас тој удри со главата во мермерен столб и падна мртов. Лисимах нареди и телото на Февронија го собраа и го однесоа во манастирот, каде што чесно го погребаа, а тој и голем број од војниците се крстија. Од моштите на Февронија стануваа многубројни исцеленија, а и таа се јавуваше на денот на нејзиниот празник и стоеше меѓу сестрите на своето вообичаено место додека сите сестри ја гледаа со страв и со радост. Света Февронија пострада чесно и се пресели во вечното блаженство во 310 година. Во 363 година нејзините мошти беа пренесени во Цариград.

 

Преподобен Дионисиј    

Ктитор на манастирот Свети Јован (Дионисијат) на Атон. Родум од Корица, Албанија. Неговиот постар брат, Теодосиј, се оддалечи на Света Гора, каде што со време стана игумен на манастирот Филотеј. Кога порасна и Свети Дионисиј дојде при брат му во Филотеј и овој го замонаши. По Божја Промисла Теодосиј, бавејќи се за една манастирска работа во Цариград, беше избран и посветен за митрополит во Трапезунт. На Дионисиј пак, почна да му се јавува некоја чудна светлина секоја ноќ на она место каде што подоцна ја подигна Светата обител на Свети Јован Предвесник. Објаснувајќи ја појавата на онаа светлина како знак дека таму треба да подигне манастир, Дионисиј отиде во Трапезунт кај брат му и кај царот Алексиј Комнен да побара помош. Царот му даде и пари и повелба, којашто и денес ја чуваат во манастирот. Во 1380 година Дионисиј ја основа обителта на Свети Јован Предвесник. Но еднаш кога морските разбојници ја ограбија обителта, Дионисиј повторно отиде во Трапезунт и таму се упокои, во седумдесет и втората година од неговиот живот. А манастирот Дионисијат до денес напредува и цвета. Во тој манастир се наоѓа иконата на Пресвета Богородица наречена П о ф а л б а , којашто царот Алексиј Комнен му ја подари на Дионисиј. Според Преданието пред оваа икона за првпат е читан Акатистот кон Пресвета Богородица, составен од патријархот Сергиј.