ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

Тропар на светата
Христова маченица
Агрипина
23 јуни / 6 јули



Оковите железни го опфатија телото твое,
но љубовта кон Христа даде ослободување,
не само од маченички болки,
туку од заробеноста светска која кон тебе иташе,
о јагне Христово Агрипино, света девственичке,
твоите молитви да бидат темјан пред престолот Божји,
за спасение на родот човечки.

 Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар во чест на чудотворната икона
на Мајката Божја наречена
,, Владимирска “
23 јуни / 6 јули

глас  4
Денес градот Москва, кој прославува, светло се украсува
 примајќи ја како сончев зрак, Твојата чудотворна Икона;
 кон Неа сега притекнувајќи и Тебе молејќи ти се, повикуваме:
моли се на воплотениот од тебе, Христос нашиот Бог,
да го сочува овој град и сите градови и земји христијански,
неповредени од сите замки непријателски,
 и да ги спаси душите наши како Милостив.

 
Извор МПЦ-ОА

Тропар на светиот покајник
Теофил
23 јуни / 6 јули

Благословен си Ти Христе Боже наш,
Кој несовладливо оружје – покајанието го
предаде во рацете човечки, неразбирливо за непријателите,
прославувано од Ангелите
и достојнославна мудрост на Светиите.
Радувај се Теофиле, кого Бог до крај на смрт не го предаде, туку преку Пресветата достојно покајание допушти,
за да твојата душа се излечи
и лицето благодат светла покажа.



 
Извор МПЦ – ОА

Тропар на светите
Христови маченици
Евстохиј, Гај и децата Лолија,
Прова и Урбан
23 јуни / 6 јули

Евстохие свети, саду на Божјата благодат,
Христос ја посети душата твоја
и срцето го подигна за сведоштво маченичко,
од кое се исползува Гај, кој татковски покров
непоколеблив на верата, за Лолија, Прова и Урбан постана.
Небесата сите вас со венци нетрулежни
и радост неодминлива ве дочека,
а ние ве чествуваме денес, на вашите
свети молитви надевајќи се.
 

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир Св. Јован Претеча Слепче

 

 

 Од Верскиот календар на МПЦ (06.07.2021)

 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2021 лето Господово

 Од житието на светителот

 

 sv.Agripina.jpg

Светата маченичка Агрипина

Родена и воспитана во Рим. Од детството се подвизуваше да живее евангелски, одгонувајќи ја од срцето смрдливоста на страстите и налевајќи го со благоухание на девствена чистота, со целомудрие. Му беше вереница на Господ Христос и како Негова невеста пострада во времето на царот Валеријан. Претрпе биење со стапови, сѐ дури не ѝ ги скрушија коските. Ѝ се јави ангел Господов и ја укрепи. Во натамошните маки го предаде својот дух. Нејзините другарки Васа, Пауна и Агатоника ѝ ги пренесоа моштите на островот Сицилија и таму ги погребаа чесно. Подоцна овде подигнаа црква во име на Света Агрипина. Од нејзините мошти стануваа безбројни чуда. Едно од нив е повлекувањето на Агарјаните пред силата на Светите мошти на оваа маченичка од пред градот во којшто беа положени. Света Агрипина се упокои во 275 година.

Светите маченици Евстохиј, Гај и другите со нив

Евстохиј беше идолски жрец во времето на царот Максимијан. Гледајќи го херојството на христијанските маченици го отфрли незнабоштвото и се крсти. Го крсти самиот епископ Антиохиски Евдоксиј. Потоа Евстохиј полека ги обрати сите свои роднини во Христовата вера. Гај му беше роднина и се крсти заедно со тројцата младенци: Пров, Лолиј и Урбан. Сите овие, а уште и други со нив, беа изведени пред суд, мачени и искасапени заради верата во Господ Христос, во Листра. Нивните души се преселија во бесмртното Царство Христово.

 Bogorodica.Vvadimirska.jpg

Споменот на Владимирската икона на Пресвета Богородица

Кога татарскиот цар Ахнет ја опколи Москва, кнезот Јован Василевич тргна со војска да ја брани Москва. Иако војската на овој кнез беше малубројна и послаба од војската татарска, сепак таа излезе победоносна. Зашто навали одеднаш неопислив страв на Татарите, та се збунија и се разбегаа. Овој неочекуван успех сите ѝ го припишуваа на иконата на Пресвета Богородица пред којашто народот се молеше за избавување од Татарите. Заради ова во Русија е одреден за спомен на ова чудо денот 23 јуни.

Повест за покајанието на Теофил

Од завист кон епископот, Теофил му ја предаде душата на ѓаволот и на хартија се одрече од Христа и од Богородица. Но потоа горко се покаја, по четириесетдневен пост и солзливи молитви, плачејќи испроси прошка од Светата Пречиста и ја прими назад напишаната хартија што му ја беше дал на ѓаволот. Јавно го исповеда својот грев во црквата пред епископот и народот. И кога епископот му изрече простување и го причести, лицето на Теофил заблеска посилно од сонцето. Тој е пример дека Бог не само што им ги простува гревовите на вистинските покајници туку и ги вбројува меѓу светителите.

 

пп