ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

 

Тропар на светите
Христови маченици Леонтиј
и со него Ипатиј и Теодул
18 јуни / 1 јули



Воину Божји, Леонтие свети,
душата за Христа ја обручи,
со вера која во маченички подвиг те закрепнуваше.
Гостољубие покажувајќи, ги приведе Ипатиј и Теодул,
во познание на Силата која е Творец на сé,
молете се о свети маченици,
времињата да поминат,
а Словото кое дава живот вечен,
да не ги одмине нашите души.

 Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар
на преподобниот отец
Леонтиј прозорлив
18 јуни / 1 јули

Мироносен оче наш Леонтие,
вратата манастирска двапати  за тебе се отвори,
а небеската само еднаш зад тебе се затвори,
примајќи го подвижникот
и за целиот свет молитвеникот неуморен.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар
на светиот Христов маченик
Етериј
18 јуни / 1 јули

Исповедниче на животот свет и непорочен,
мачениче Христов Етерие,
телото мачењата не го изобличија
бидејќи ангел Господов него го сочува
неповредено од злобата човечка.
Ти сега за нас моли се, пред Оној Кој
душата твоја ја воведе во населбите на светиите.
 



 Извор МПЦ – ОА

Манастир Св. Јован Претеча Слепче

 

 Од Верскиот календар на МПЦ (01.07.2021)

 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2021 лето Господово

 

Од Верскиот календар:

Светиот маченик Леонтиј    

sv.Leontij.jpg

Беше римски војвода во финикискиот град Триполис, во времето на царот Веспазијан. Родум од Елада, „растолит, снажен, крепок и храбар во битките.“ Царскиот намесник Адријан испрати еден одред војска за да го фати Леонтиј, зашто Адријан им беше јаросен противник и гонител на христијаните. Старешината на тој одред, Ипатиј, по пат се разболе од лута треска, па одредот мораше да го забави својот од. Една ноќ му се јави ангел Божји на Ипатиј, велејќи: „Ако сакаш да бидеш здрав, возвикни трипати кон небесата ти и сите твои војници: „Боже Леонтиев, помогни ми!“ Ова свое видение Ипатиј им го раскажа на своите другари и тие сите едногласно возвикнаа како што ги посоветува ангелот. Ипатиј одеднаш оздраве. Ова чудо ги восхити сите, а особено некој Теодул. Тогаш Ипатиј и Теодул отидоа напред, да го најдат војводата Леонтиј. А Леонтиј ги прими убаво и ги нагости. Кога им ја изложи својата вера во Христа, нивните срца се разгореа со љубов кон Него, и во тој час светол облак се спушти над Ипатиј и Теодул и од облакот падна на нив роса.

Со ова Самиот Дух Божји ги крштеваше новообратените души, а Свети Леонтиј во оној миг ги изговори овие зборови: „Во името на Пресвета Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух“. Кога дозна Адријан дека и Ипатиј и Теодул станале христијани, нареди да ги бијат безмилосно, а потоа главите да им ги отсечат со секира. Такво беше кончанието на тие две духовни чеда на Свети Леонтиј. Тогаш Адријан наложи лути измачувања за Леонтиј, но тој остана непоколеблив во својата Света вера.

Телото цело му го покрија со рани, но светителот усрдно Му се молеше на Бога да не го остава. Сред најлутите маки му се јави ангел Господов и го охрабри и го утеши. Најпосле го налегнаа маченикот на земја и го тепаа додека не Му го предаде својот дух на Бога. Страдањето на Свети Леонтиј го виде со свои очи еден кир Нотариј, којшто сето тоа го запиша на оловни плочи, а плочите ги положи во гробот на маченикот. Свети Леонтиј пострада чесно во 73 година.

Преподобен Леонтиј проѕорлив    

По потекло Грк од Пелопонез. Се подвизуваше во манастирот Дионисијат шеесет години и се престави кога имаше осумдесет и пет години, во 1605 година. За овој светител велат дека само еднаш влегол во манастирот и само еднаш излегол од него во текот на сите тие шеесет години. Имено, влегол тогаш кога првпат стапил во манастирот Дионисијат, а излегол тогаш кога мртов го изнеле за да го погребаат. Имал чудесен дар на проѕорливост и пророкување, а по смртта од неговите мошти потекло миро.