ПЕДЕСЕТНИЦА, слегување на Светиот Дух (втор ден)

 ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ

Тропар на светиот Христов
Исповедник и епископ
М и х а и л Синадски
23 мај / 5 јуни


Иако жедтта на душата за Љубовта Божја,
е поголема од потребите на телото, ти оче Михаиле од Бога измоли напојување на сувите усти човекови,
но Бога го прослави, кога силно застапувајќи се за Светите икони,
славата од овој свет пред нозете на еретиците ја положи.
Исповедувајќи дека Бог се овоплоти,
и нам изобразените икони како прозорци кон вечноста ни ги остави,
ти оче двоен венец од Владиката прими,
сега за нас моли се исповедниче, да достигнеме небесна висина,
со душа налик на Неговата Икона.

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на преподобниот отец
Пајсиј Галички
23 мај / 5 јуни

Учејќи од тебе за преподобноста оче свети Пајсие,
денес славословие ти вознесуваме,
и покров од твоите молитви пред Бога наоѓаме,
славејќи Го Оној пред Кого ти времето земно го помина,
и не отстапи непрестано да се молиш
пред Пастирот добар на родот човечки.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на светиот Христов
преподобномаченик
Михаил Црноризец
23 мај / 5 јуни

Црноризецу верен на Христа Бога,
пострада маченички и Љубовта не ја изневери,
а таа облека нетлена ти подари,
и со венец безсмртен те закити.
Сега мачениче свети Михаиле, нека твојата молитва
и на небеста продолжи за родот човечки.



 
извор МПЦ - ОА
Манастир Свети Јован Претеца Слепче

 

 

 

 Од Верскиот календар на МПЦ (05.06.2023)

 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2023 лето Господово

Од верскиот календар:

Свети Михаил, епископ Синадски

Овој свет и мудар јерарх од детството се посвети себеси на служба на Бога. Се подвизуваше заедно со Свети Теофилакт Никомидиски. Еднаш во време на суша овие двајца светители со своите молитви низведоа изобилен дожд на земјата. Заради неговиот подвижнички и девствен живот, уште од неговата рана младост патријархот Тарасиј го посвети за епископ Синадски. Учествуваше на VII Вселенски Собор. По желба на царот одеше кај калифот Харун-ал-Рашид заради мировни преговори. Во времето на злобниот Лав Ерменин беше симнат од архиерејскиот престол и испратен во прогонство заради иконопочитување. Таму умре во беда и сиромаштија, останувајќи му докрај верен на Православието. Во царството на Царот Христос се пресели во 818 година.

Преподобниот маченик Михаил

По смртта на своите родители овој Михаил го раздаде сиот свој имот на сиромасите, а самиот отиде на поклонение на светостите во Ерусалим. Потоа стапи во обителта на Свети Сава Осветен и таму се замонаши. Михаил беше млад и убав на лице, но од строгиот пост сув и блед. Во тоа време со Ерусалим владееја Арапите. Еден ден духовниот отец го испрати Михаил да отиде во градот за да го продаде ракоделието. На улица го сретна евнух на арапската царица и го одведе кај царицата за да ѝ го покаже неговото ракоделие. Кога виде убав монах, царицата се распали со нечиста похот и му предложи на монахот телесен грев, како некогаш жената Петефриева на целомудрениот Јосиф. Штом Михаил го одби скверниот предлог и почна да бега, гневната царица нареди да го бијат со стапови, а потоа го обвини кај царот дека божем хулел на верата Мухамедова. Царот му предложи да ја прими таа вера, но тој одби. Тогаш му дадоа некој јак отров за да го отрујат, но тој го испи отровот и не му беше ништо. По ова царот нареди и го убија со меч насред Ерусалим. Монасите го најдоа неговото тело и го пренесоа во обителта на Свети Сава, каде што беше чесно погребан. Пострада за Христа и се прослави во 6 век.