ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ

Тропар на светиот
Христов маченик Талалеј
бессребреник
20 мај / 2 јуни


Со благодатта Христова спознавајќи го животот вечен,
утеха си носел на родот човечки,
лекувајќи ги бесплатно нивните болести,
со Божјото слово мелем на душите нивни постави,
со сила Христова демони протера,
маченички крвта твоја се пролеа,
засекогаш за нас да биде утеха
и доказ дека силата Христова во немоќта се покажува.
О Талалее моли го Христа Бога
да го прими секој кој кон тебе приоѓа во Неговата рајска градина.

 Извор МПЦ – ОА
Манастир Св. Јован Крстител - Слепче

 

Тропар на светиот
Христов маченик
Аскалон
20 мај / 2 јуни

Каменот што го отфрлија Јудејците,
ти го прими во срцето твое, мачениче Аскалоне,
каменот на нозете од нечестивите,
те ослободи од маките на минливоста.
Моли се за нас исповедниче на верата,
по твоите свети молитви,
да добиеме од Христа милост голема.

 

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир Св. Јован Крстител - Слепче

 

Тропар на преподобниот отец
Таласиј мироточив
20 мај / 2 јуни

Не дознавме оче свети од тебе само зборови,
туку дела на Љубов, воздржување и живот духовен,
кој сила имаше закрилен од молитвите пред Бога,
на Максим великиот, о Таласие преподобен оче.
Затоа ти брану на Христовата благодат,
спомни нé во твоите молитви свети пред Седржителот,
Бога, Троичниот.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на преподобните отци
Никита, Јован и Јосиф
од Нов манастир Хиоски
20 мај / 2 јуни

Подвигот ваш преподобен Небото го виде,
и срца ви испита, па испрати светол прозорец:
икона на Богомајката на која и денес се поклонуваме
о, свети отци Никита, Јоване и Јосифе.
Молете се за нас свети подвижници
кои нов елеј долеавте во кандилото пред Христа Господа.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на преподобниот отец
Стефан Пиперски
20 мај / 2 јуни

Поита Стефане свети кон Оној Кој живот ти осмисли,
Оној Кој срцето ти исполни, кон Оној Кој вечност ти подари.
Под покровот на Богомајката со благодатта Христова,
се развеа мракот на незнаењето, стравот и заплашувањето
и Господ нетленост на телото ти подари
за сведоштво и наше спасение по твоите свети молитви.



  

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Од Верскиот календар на МПЦ (02.06.2023)
Hristos.adam.jpg

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2023 лето Господово

 

Од Верскиот календар:

 

markov.sv.Zlata1.jpg

Светиот маченик Талалеј

Родум од Ливан, од татко Верукиј и мајка Ромилија; осумнаесетгодишно момче со прекрасен изглед, со коса црвеножолта. Лекар по занимање. Пострада за Христа за време на царувањето на Нумеријан. Кога храбро ја исповеда својата вера во Господ Христос пред мачителот, овој им нареди на двајцата џелати Александар и Астериј со сврдел да му ги дупчат колената, да му провлечат јаже низ издупчените коски и да го обесат за едно дрво. Но на џелатите како една невидлива сила да им го зеде видот и наместо Талалеј тие издупчија една штица и ја обесија на дрвото. Кога дозна за ова мачителот помисли дека тоа го направиле намерно и нареди да ги бијат. Тогаш Александар и Астериј повикаа: „Жив Господ, отсега и ние сме христијани, веруваме во Христа и страдаме за Него!“ Кога го чу ова, мачителот нареди и ги убија со меч. Тогаш самиот мачител зеде сврдел за да му ги дупчи колената на Талалеј, но рацете му премалеа, па мораше да го моли Талалеј да го спаси, а овој тоа и го стори со молитва. Потоа го фрлија во вода, но тој жив му се јави на мачителот. (Зашто Талалеј во себе Го молеше Бога да не умре веднаш, туку да му се продолжат маките.) Кога го фрлија на ѕверовите, тие се умилкуваа околу него и му ги лижеа нозете. Најпосле беше убиен со меч и се пресели во Царството Небесно, во 284 година.

Светиот маченик Аскалон

Пострада во Антиној, град мисирски, во времето на Диоклецијан. Беше биен, стружен, горен со свеќи, но остана докрај непоколеблив во верата. Кога мачителот Аријан се превезуваше со кораб преку Нил, Аскалон со молитва го запре коработ насред река и не му даваше да се помрдне дури Аријан не потпиша дека верува во Христа како во единствен и семоќен Бог. Но припишувајќи го тоа чудо на магиска вештина, мачителот заборави што потпиша и продолжи да го мачи Божјиот човек и натаму. Најпосле на Аскалон му врзаа камен на вратот и го фрлија во Нил. Третиот ден христијаните го најдоа неговото тело на брегот и чесно го погребаа, 287 година. Со него пострада и Светиот маченик Леонид. А нивниот мачител Аријан подоцна се покаја, поверува во Христа од сесрце и јавно почна да ја покажува својата вера пред незнабожците. Тогаш незнабожците го убија и него, та и некогашниот мачител на христијаните, Аријан, се удостои со маченички венец за Христа.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир Св. Јован Крстител - Слепче

 

 

 Православен календар за 01/06/2018  

 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2018 лето Господово