Пред 25 години, на 5 август 1995 година, на Вечерната богослужба во чест на Светата Маченица Христина, во преславниот храм на Чесниот Претеча во Свештениот Бигорски Манастир, нашиот Старец, Игумен и Владика, Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј го прими на себе светиот рамноангелски образ.


Свештениот и превозвишен чин на монашкиот потстриг беше извршен од нашиот сакан и почитуван архипастир, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во присуство на духовенството од нашата и од други епархии, како и на родителите и роднините на Старецот, верните чеда од земската Црква, и најважно, во присуство на Пресвета Богородица, Свети Јован Крстител, многубројните Светии и безбројните Ангели од небесната Црква.

Легнувајќи крстообразно пред Царот Небесен, воден од маченичка ревност и совест, тогаш 24-годишниот вљубеник во Христа, се предаде себеси „во жртва жива, света и благоугодна на Бога“ (Рим. 12,1), станувајќи самиот една непрестајна молитва, една постојана духовна богослужба. Се распна за светот, умирајќи заради Христа, а многумина оживеа за љубовта Божја; ги напушти световните задоволства и радости, а стана радост за илјадници; остави сѐ, а Бог го направи пријател Свој…

Сеќавајќи се на овој далечен настан, во чест на 25-годишнината од замонашувањето на нашиот Старец, Владиката Партениј, браќата монаси и сестрите монахињи од Свештените Обители: Бигорски, Рајчица и Пречиста, приредија трпеза на љубовта и му ја искажаа својата почит, верност, благодарност и љубов на својот духовен татко. А тој, низ солзи и трепетен глас, откако длабоко им се поклони на своите монашки рожби и чеда, ни се заблагодари и ни ја искажа својата радост што сега гледа толку монаси и монахињи на место кое некогаш, пред две и пол децении, беше живеалиште само на лилјаци и глувци. Во продолжение, тој сподели со нас дел од своите спомени од почетокот на неговиот монашки живот, за вечерта на неговото монашење, за неговите натчовечки искушенија и борби, за тоа како бил спроведен првиот кабел со електрична енергија во трпезаријата на Горни Палат, за првите богослужби, за доаѓањето на првите браќа…


Нека биде благословен великиот Бог и Спасител наш, Господ Исус Христос, што го повика слугата Свој со апостолски призив!

Нека биде благословен оној ден, во кој неговите душа, срце, ум и усни во полнота изговорија: Сакам испоснички живот, Високопреосвештен Владико!

Нека биде благословена раката на нашиот достојнопочитуван и свет Владика, Митрополитот г. Тимотеј, што во тој ден ја положи над главата од Старецот наш!

На многаја лета, Владико наш Партениј, татко наш во Христа!

 

https://www.youtube.com/watch?time_continue=2&v=pVX4bNSv2kg&feature=emb_logo

 

 


Извор:
    
   https://bigorski.org.mk/vesti/nastani/dvaeset-i-pet-godini-od-monashenjeto-na-nashiot-starec-partenij/