АРИТМЕТИКА

Протојереј Адреј Ткачев

Нешто ме влече да направам едноставна пресметка. Еве, Н. М. Карамзин, проучувајќи ја историјата на нашата татковина, небаре некој непознат простор, во читање и пишување поминал триесет (!) години. Осумстотините години историско патешествие на државата, тој го пропуштил низ себе за време од три десетлетија. Резултат - осум томови книжевно систематизирани знаења. Пушкин, паднат во силна болест, не станувајќи од болничката постела, не само што го прочитал, но го „проголтал" сиот тој осумтомен труд. Ги проголтал и до наситување на духот, во себе ги сварил историските собитија од осум века.
Мене, отсекогаш ме интересирале овие релации на животот, неговото разбирање, пишувањето книги за она што е познато и усвојувањето на напишаното од страна на читателите. Во дадениот случај, аритметиката е едноставна: осумстотини години историја, триесет години труд, две недели внимателно читање. Но мене, како свештеник, ме интересира проповедта и аритметиката поврзана, имено, со неа.
Денес, проповедта станува многу потребна. Не каква било, туку квалитетна, силна, чесна и длабока. Со тивок чекор се упатуваме кон Богословскиот факултет, таму каде што се воспитуваат и се образоваат идните пастири.
Аритметиката е едноставна. Да претпоставиме дека еден училишен ден се состои од четири академски часови, секој од нив, во времетраење од четириесет и пет минути. Ова е средна вредност. Одбираме пет дена во неделата, повторно на ист начин пресметувајќи го заедничкото количество наставни часови. Се на се, дваесет наставни часови во текот на седмицата: догматика, историја, историја на Црквата и нејзините канони, омилитика, пастирска психологија и слично. Се добиваат осумдесет часови на месец. Тоа е минимум. Одиме понатаму, ги пресметуваме трите месеци (што само по себе еуживање), училишните распусти. Помножуваме девет со осумдесет, добиваме седумстотини и дваесет академски наставни часови пастирска обука и здобивање корисни знаења.
Тоа е година во којашто не се пресметани часовите за самоподготовка, лични усилби и контакти, размислувања, молитви, литургиска практика, неделни богослужби со задолжителна проповед. Какви ли пастири треба да произлезат од овие подготовки, на физички план слични на подготовките за пристапување во редовите на полиција за специјални операции! Понатаму, академската година (седумстотини и дваесет часови) ја помножуваме со четири години обука, и како минимум добиваме две илјади осумстотини и осумдесет часови.
За да ни биде полесно, еве, да ги скратиме на две илјади и петстотини. Па, предавачот на Богословскиот факултет може да се разболи, нели, да замине некаде, на крајот, може и да направи пропуст и слично, како и да се земе, бројката ве тера да ставите прст на чело. Да ја запомниме, две илјади и петстотини часови исполнети со корисни знаења. Тие се предаваат со цел, слушателите да ги усвојуваат знаењата за следни предавања на овие знаења за паствата. И ете, се доближуваме до заклучокот. А тој заклучок е таков што не сите знаења коишто биле здобиени за време на две илјади и петстотините часови настава ќе бидат предадени на други: едно знаење ќе се заборави, друго, пак, нема да се усвои. Во тој случај, заедничкиот износ ќе го поделиме на три и она што ќе се добие се состои во тоа дека за предавањето на своите знаења во вид на проповед сте должни на осумстотини часови.
Многу ли е ова или малку? Доколку тие се изложуваат исклучиво за време на неделните служби во времетраење на половина час или на класичните академски четириесет и пет минути, тогаш, во текот на еден месец вие искажувате четири часови проповед во чиста временска мерка, не сметајќи го тука квалитетот на изложеното. Четири часови во текот на месецот и четириесет и осум во текот на една година. Приближно, вам ви се потребни околу седумнаесет години да го предадете она што ве научиле, духовно ве напоиле и наситиле, сето тоа за само четири години обука на Богословскиот факултет.
Времето неизоставно го бара своето, вие ќе се изморите, ќе подостарите, ќе заглавите во егзистенционални проблеми и проблеми во семејството, ќе се олошите, и ќе ви успее и да згрешите. Но, за да ги предадеме акумулираните знаења преку паствата, би ни биле потребни макар десет години, во тој случај, би ни било неопходно да проповедаме четири до петпати повеќе отколку што вообичаено проповедаме.
Заклучок: или нас лошо не учат, или ние лошо учиме, или и едното и другото во ист кош. А можеби, ние заминуваме во пастири не заради тоа да станеме пастири? Во секој случај, расчекор помеѓу едното и другото. Се затресла планината, како што старите Римјани умееле да кажат, и се родил глушец. Човекот ќе прочита стотина книги, а од кажанато за самиот живот не умее да состави ниту најтенка брошура. Човекот го учат, го учат, а тој со неподнослива леснотија заборава се, во едно уво влегло, низ другото излегло, и единствено што се постигнува е тој да ги отфрли коридорите на сопствената almamater.
Па нели ние не се здобиваме со знаења само заради нас самите. Никој не се здобива со такви знаења: ниту лекарот, ниту инжинерот, ниту авијатичарот. Знаењата се здобиваат за да бидат предадени. Во тој случај говориме за правилен начин на живот. Да се изеде, а тоа да не се свари - тоа е смрт поради дисфункција на желудникот.
Ете, таа аритметика ме интересираше веќе некое време. Колку е нужно да се проповеда, и како тоа да се направи за да се оправда сопственото долготрајно престојување во училишните клупи на Богословскиот факултет и здобивање со уникатно и интегрирано образование? Колку ли губи нашата паства поради гореукажаните и усвоени причини? Какви еклисиолошки проблеми се раѓаат од сета таа молчелива мрзеливост или поради формалното образование?
Одговор се уште нема. Има само некои цифри коишто тврдоглаво се бришат од листот хартија, и дури и во ретко исечен и скратен вид, небаре крвта на Авел, силно вика кон небото.

 

25.09.2018 лето Господово

Извор: МИСИОНЕРСКИ ЗАПИСИ

Издавач: Скопска православна епархија