vinjeta.5.jpg

sv.spas.dek.jpgЦрквата претставува свето место, каде што Бог се слави и велича, каде што се извршува најсветата Христова жртва - Литургијата и каде што верниците се собираат за да бидат учесници на спасителните вистини и дарови. Затоа, должност на секој христијанин е редовно да го посетува светиот храм, а особено во неделните и празничните денови.
Секој кој влегува во храмот, треба да биде пристојно облечен: на жените не им приличи да влегуваат во пантолони, во куси здолништа, гологлави и со козметика на лицето, а мажите пред влезот треба да ја симнат капата од својата глава.
Пред да влеземе во светиот храм се прекрстуваме на следниов начин:
Ги составуваме палецот, показалецот и средниот прст од десната рака, ги ставаме на челото и изговараме: "Во името на Отецот", па под градите и ги изговараме зборовите "и Синот" потоа на десното и левото рамо и ги изговараме зборовите "и Светиот Дух. Амин". Невнимателното и неправилното крстење Го жалости Бога и претставува радост на нечестивиот, додека правилното крстење ги застрашува ѓаволите, ги стивнува грешните страсти и ја привлекува Божествената благодат (св. Јован Златоуст).
Притоа, правиме три мали поклони со зборовите: "Боже, биди милостив кон мене грешниот" и влегуваме во храмот. Откако влеговме, ги бакнуваме светите икони. Треба да знаеме дека главните икони на иконостасот се бакнуваат само на почетокот и по свршетокот на светата богослужба. Треба да знаеме и дека иконите со ликот на Господ Исус Христос се бакнуваат при крај или по нозете (ако Тој е претставен во целиот раст), а иконите на Пресвета Дева Марија (Богородица) и на другите Божји угодници
( светители)  се бакнуваат во рака или отстрана, а никако во лице.
Додека сме во светиот храм, целото свое битие треба да го предадеме во молитва која што претставува духовен разговор со самиот Бог. Ако видиме некој познат, може да го поздравиме само со наведнување на главата, а не смееме да започнеме разговор кој секако ќе им пречи на свештенослужителите при светата богослужба, но и на сите верници кои дошле за да се молат.
Кога свештеникот, за време на богослужбата, го благословува народот со крст, Евангелие, икона или Путир (Света чаша), тогаш сите треба да се прекрстат, наведнувајќи ја својата глава, а ако благословот е со рака, тогаш верниците треба само да ја наведнат главата.
Кога се пристапува до Светата чаша ( да се причестиме), треба прво да ги пропуштиме најмалите и старите. Жените не смеат да имаат црвенило на својата уста.

 Изборот: од свештенството на  храмот Св.Спас, Драчево( Скопје)

 

 Посети:{moshitsi}