Kliment.Vencavka.jpg

Бракот како света тајна

 

 ... За христијанинот, Бог не е идеја која треба да се разбере, туку Личност Која треба да се прими: „Јас сум во Мојот Отец и вие сте во Мене, и Јас сум во вас“ (Јн.14, 20). Човекот го открива своето човештво во Бога, бидејќи е создаден по „ликот Божји“. И Христос, како вистински Бог, покажал, исто така, вистинско Човештво, не како спротивност на Својата Божественост, туку затоа што Тој е вистински Бог. Во Него гледаме Божественост како вистинска норма на Човештво.
 Кога се крштева човекот и кога постанува „едно тело“ со Христа во Евхаристијата, тој всушност постанува целосен. Тој ја обновува вистинска врска со Бога и со ближните и се враќа на своите световни должности со сите од Бога дарувани и безгранични можности на создавањето, на службата и на љубовта.
 Така, ако свети Павле го именува бракот со „Тајна“, тогаш тој укажува дека човекот во бракот не ги задоволува само своите потреби за земна, световна егзистенција, туку исто така подразбира нешто особено важно, крајната цел за која е создаден; тој влегува во Царството на Вечниот Живот. Човекот во светот поседува различни таланти и сили – материјални (световни), умни и сетилни – но, неговата егзистенција е ограничена со време. „Да се биде роден со вода и Дух“ значи да се влезе во Царството на Вечниот Живот, бидејќи преку Христовото Воскресение ова Царство е веќе отворено и може да се доживее, а ние можеме во него да учествуваме. Именувајќи го бракот со „Тајна“, свети апостол Павле потврдува дека бракот има свое место во Вечното Царство. Мажот станува едно битие, една „плот“ со својата жена, како што и Синот Божји престанал да биде само Бог, туку постанал исто така Човек за да заедницата на Неговиот народ исто така би постанала Негово Тело. Ова е затоа што евангелските изреки многу често го споредуваат Царството Божјо со свадба, која ја исполнува старозаветната пророчка визија на бракот помеѓу Бог и Израилот, избраниот народ. Поради тоа, христијанскиот брак е нешто единствено, не по силата на некој апстрактен закон или етички норми, туку исклучиво поради тоа што тоa е Тајна на Цaрството Божјo, кое го воведува човекот во вечна радост и вечна љубов.
 Христијанскиот брак како Света Тајна секако доаѓа во судир со практичната, емпириска реалност на грешниот, „паднат“ човек. Тој, како и Евангелието, изгледаа недостижен идеал. Меѓутоа, постои голема разлика помеѓу „света тајна“ и „идеал“. Светата Тајна не е замислена апстракција. Таа е доживување во кое човекот не настапува поединечно, туку дејствува во заедница со Бога. Преку Света тајна, човечката природа учествува во повисока реалноста на Духот, но, при тоа сепак, не престанува да биде човечка природа. Всушност, човекот постанува особено човечен и го исполнува своето изворно провидение. Светата тајна е „премин“ кон вистинскиот живот. Таа е човечко спасение. Таа е отворена врата во вистинска, неискривена човечност. Според тоа, Светата тајна не е магија. Светиот Дух не ја ограничува човечката слобода, туку го ослободува човекот од синџирот на гревот. Во новиот живот невозможното станува возможно, ако човекот слободно го прифати она што Бог му го подава. Ова исто така се однесува и на бракот.
 Грешки, недоразбирања, па дури и свесна побуна против Бога, т.е. грев, се можни сè додека човекот живее во сегашното емпириско и видливо постоење на „паднатиот свет“. Црквата го разбира ова многу добро и затоа „тајната“ на Царството објавена во брак не е редуцирана во Православната традиција во збир од законски норми. Но, вистинско разбирање и оправдана попустливост на човечка слабост се можни само ако некој ги препознава апсолутните норми на Новозаветната догматика на бракот како Света тајна. 
  
Брак и Евхаристија
 Ако, како што видовме, Црквата го разбрала бракот како „света тајна“, која е насладување на радоста на Царството Божјо, како можеме да го објасниме фактот дека раната Црква не го потврдувала бракот со никаква особена свеченост или обред?
 Наместо тоа, таа го сметала за нормален брак оној кој е склучен според законите на световното општество. Црквата никогаш не се обидувала да ги укине тие закони, ниту да го уништи поредокот, со кои е востановен. Одговорот на ова прашање лежи во фактот дека христијанскиот и нехристијанскиот брак се разликуваат по тоа што, првиот се склучува помеѓу двајца незнабошци, додека вториот помеѓу двајца христијани... Една од останатите опомени на свети Павле е, дека Бог не живее во „ракотворни храмови“ и дека „нашите тела се храм на Светиот Дух“. Кога човекот и жената стануваат „една плот“ во бракот, иако двајцата се делови на телото Христово, нивната врска ја потврдува Светиот Дух кој е во нив. А Евхаристијата е таа што ги прави делови на Телото Христово.
Врската помеѓу бракот, кој е спомнат во приказната за свадбата во Кана                (Јн 2, 1-11) и Евхаристијата се чита денес во обредот на „крунисување“. 
Тој е еден од бројните текстови кај апостолот Јован кои се однесуваат на Крштението и Евхаристијата. Како што водата се претвора во вино, така и грешниот живот на човекот може, со присуство на Христа, да се преобрази во нова реалност на Царството Божјо.
Раните христијански писатели – истите тие кои целосно го признаваат граѓанскиот брак „според законите“ – исто така, потврдуваат дека Евхаристијата му дава на бракот особено христијанско значење. Така Тертулијан (2 век.) пишува дека „бракот е уреден со Црквата, потврден со бескрвната Жртва (со Евхаристијата), запечатен со благословот, а на небото напишан од Ангелите Божји“ (За Неговиот живот). Секој христијански пар, кој посакува брак би требало да помине низ формалностите на граѓанска „регистрација“, која на бракот му давала полноважност во световното општество, а потоа, нивното заедничко учество во редовните неделни Литургии, во присуство на целата помесна христијанска заедница примал благослов од епископот. Со тоа, нивниот граѓански договор постанува, исто така, Света тајна со вечна (полноправна) важност, Тајна која ги надминува нивните земни животи бидејќи е „напишана (исто така и) и на Небесата“, а не само во земниот регистар. Тој постанува вечна врска во Христа. Истата постапка е опишана во писмото на познатиот великомаченик Игнатиј Антиохиски (околу 100): Оние кои се венчаваат треба да се венчаваат со знаење на епископот за бракот да биде во Господа, а не според човечка желба (До Поликарп, 5,2).
Она што бракот го прави Света тајна не му е потребен посебен видлив гест, извршен од свештеникот. Всушност, самата Црква, како таинствена заедница на Бога со Неговиот народ, е Света тајна, Таинство на спасението. Кога човекот е вклучен во таа заедница преку Крштение, тоа е навистина Света тајна бидејќи во тој случај Таинството на спасението се однесува на секоја негова поединечна обврска. Но, сите тие поединечни „Свети тајни“ „се исполнуваат“ во Евхаристијата (Литургијата), како што тоа го читаме кај Никола Кавасила, големиот православен мистик и богослов од 14 век (За животот во Христа). Всушност, Евхаристијата самата по себе е свадбено прославување, чесно спомнувано во Евангелието како што пишува Кавасила: „Ова е најмногуславената свадба во која Младоженецот ја води Црквата како невеста Девица... кога постануваме плот од неговата плот и коски од Неговите коски“.
Крштението, во раната Црква, се извршувало за време на Литургијата, а исто така, до ден денес, ракополагањето на ѓаконството, свештештенството и епископството. Ова се однесувало и на бракот. Но, ова разбирање на христијански брак како составен дел на Светата тајна, од која Евхаристијата е „исполнување“, може да објасни зошто постојат канонски одредби против „мешани бракови“ и против „повторени бракови“. Таквите бракови не можат да бидат во потполност светотаински. Совршено „законски“ за граѓанскиот закон, тие бракови не можат да се вклучат во Евхаристијата.
Многу забуни и недоразбирања, кога е во прашање бракот во нашата современа православна пракса, би можеле да се отфрлат кога би се воспоставила првобитна врска помеѓу бракот и Евхаристијата. Теориски, Православното светотаинско богословие – дури и во своите црковни книги – ја сочувала таа поврзаност потврдувајќи ја, наспроти римокатолицизмост, дека свештеникот е „извршител“ на Светата тајна Брак. Западната средновековна теологија, напротив, направила низа забуни присвојувајќи – како и во многу други области – римски легализам како основа за светотаинска теологија: бракот, кој според тоа разбирање е „договор“, склучен помеѓу мажот и жената, кои се „служители“ на Светата тајна, а свештеникот е само сведок. Како законски договор, бракот се раскинува со смртта на еден од партнерите, но е нераскинлив додека двајцата се живи... Раскинат со смртта, изедначен со човечкиот разум, бракот, според превладувачкиот западен поглед, е само земна обврска, која се однесува на „телото“, недостојно да влезе во Царството Божјо. Некој би се запрашал дали така разбраниот брак сè уште може да се нарече Света тајна. Но, потврдувајќи дека свештеникот е служител на Светата тајна Брак, како што е служител и на Евхаристијата, Православната црква посредно го вклучува бракот во вечна Тајна, каде границите се бришат помеѓу небото и земјата и во која човечката одлука и однесување добиваат вечна димензија.
Сепак, парадоксално, Римокатоличката црква го сочувала старото христијанско предание во својот литургиски поредок; брак помеѓу двајца римокатолици сè уште се склучува на миса... Воспоставување на таков поредок во Православната црква секако би одговарало на православното богословие на бракот подобро отколку тврдиот коцепт на празнување што преовладува во римокатолоцизмот од времето кога неговата теологија престанала да го гледа своето литургиско предание како извор на своето богословие...   


Превод од англиски:
Александар Божиноски
  

Друго:

Томас Хопко - Брак