ТРОПАРИ И КОНДАЦИ за Недела, 22 мај, Петта по Пасха (Самарјанка и пренос на моштите на Св.Николај)by Mpc Sv Petka Cikago on Saturday, May 21, 2011 at 11:31pm
ТРОПАРИ И КОНДАЦИ за Недела, 22 мај, 2011(Петта по Пасха, посветена на Самарјанката) во која се празнува и споменот на Св.Николај Архиепископ Мирликијски, чудотворец (пренос на неговите свети мошти).

 

*Оваа недела е и Попразненство на празникот Преполовение, но, според Типикот, заради поклопувњето со празникот на Св.Никола, службата за Попразненство се изостава.

 

Тропарите и кондаците се кратки химни составени во чест на Светиите и Празниците. Постојат посебни опширни одредби околу нивниот редослед, но, во главно, најпрво се пеат тропарите, а потоа следуваат кондаците, завршувајки со „Слава...и сега и секогаш...амин, пред последниот Кондак (или „Слава“пред предпоследниот , проследено со: „и сега и секогаш...“ пред завршниот кондак).

 

При малиот вход, веднаш после пеењето на входниот стих, певците пеат тропари и кондаци, додека свештеникот ја чита посебната молитва на „Трисветото пеење.“

Еве како познатиот типичар Скабаланович го објаснува тој момент: „ Поаѓајки од идејата дека при входот на свештенослужителот во олтарот, на вход заедно со него одат и Светиите, Црквата токму во тој момент ги воспева Светиите, одредувајќи после входот да им се пеат тропари и кондаци...На Литургијата овој дел (пеењето на тропарите и кондаците) е (речиси) ЕДИНСТВЕНОТО МЕСТО КАДЕ ШТО МУ СЕ ОДДАВА ЧЕСТ НА ПРАЗНИКОТ НА ДЕНОТ. Значи, од песнопенијата посветени на денот, одбрани се најпознатите (т.е. ТРОПАРИТЕ и КОНДАЦИТЕ) ЗА ДА ЈА ИЗРАЗАТ НАЈДОБРО СУШТИНАТА НА ПРОСЛАВУВАНИОТ ПРАЗНИК!

Таа е, значи, улогата на тропарите и кондаците кои неретко се надополнуваат според нивната содржина. Оваа група на песнопенија се обидува да ги опфати сите празнувања поврзани со денот на Литургијата, симболизирајќи дека бескрвната Жртва се принесува за сите и за се...“.

 

Тропари и Кондаци за неделна Литургија, 22 Мај 2011

 

Значи, веднаш по малиот вход, на светата Литургија следуваат тропарите и кондаците, и тоа, ова недела, по следниов редослед :

 Воскресниот Тропар, Тропарот на Св.Николај (пренос на неговите мошти), потоа Слава - Кондакот на Св.Николај, И сега и секогаш... – Кондак на Празникот (Неделата на Самарјанката).

 

Воскресен Тропар гл.4

Штом ја дознаа од Ангелот светлата проповед за Воскресението, Господовите ученички ја отфрлија прадедовската осуда и фалејќи им се на Апостолите говореа: се уништи смртта, воскресна Христос Бог, дарувајќи му на светот голема милост.

 

 

Тропар на Св.Никола (пренос на моштите) гл.4

Дојде денот на сесветлото торжество, градот Бари се радува, а со него и целата вселена ликува со песни и пеења духовни; зашто денес е светото торжество на пренесување на честните и многуцелебни мошти на светителот и чудотворец Николај, кој засветли како сонце незалезно со светлозарни зраци, растерувајќи го мракот на искушенија и неволји од оние што со вера викаат: спасувај не, како наш застапник, велики Николае!

 

Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух

 

Кондак на Св.Никола (пренос на моштите), гл.3

Твоите мошти, светителу Николае, излегоа како ѕвезда од исток до запад; морето се освети со твоето патување и градот Бари бара благодат преку тебе, зашто заради нас се јави како извонреден, прекрасен и милостив чудотворец.

 

И сега и секогаш и во вечни векови, амин.

 

 

Кондак на Самарјанката, гл.8

Самарјанката, која со вера дојде на кладенецот, Те виде Тебе - Водата на премудроста и, откако се напи од неа изоилно, го наследи вечното Царство небесно, и затоа нејзиниот спомен трајно се слави.

Подготви: С.Л.