Игумен Никон Воробјов-

ПРОЛЕЈ ЈА СВОЈАТА КРВ И ПРИМИ ДУХ" –
ОПШТ ЗАКОН ЗА СИТЕ ХРИСТИЈАНИ

Мир на тебе, сестро!
Зошто пишуваш толку очајни писма? Зар само ти поднесуваш тешкотии? Не е работата во надворешните тешкотии, а ти тоа, мислам го разбираш, но во душевното расположение. Каде и да тргнеш, од себе и од ѓаволот не можеш да се сокриеш. Се што е твое ќе биде со тебе и ќе те мачи, а на друго место уште повеќе отколку овде. Не треба да заборавиш дека духовниот закон гласи: „Низ многу маки се влегува во Божјото Царство".
А светите отци ја поткрепуваат таа мисла со краток и силен израз: „Пролеј ја својата крв и прими Го Духот". Тоа е општ закон за сите кои се спасуваат. Ако се загледаш во примери, тогаш во секое житие ќе најдеш доказ за тој закон: образец за сите е Господ Исус Христос, а по Него се апостолите, мачениците, исповедниците, преподобните. Тоа се јасни примери кои им се познати на сите. Помалку страдале сите останати кои сакале побожно да живеат за Исуса Христа, но биле прогонувани, злоупотребени, трпеле болести и надворешни и внатрешни жалости.
Тоа е до таа мера точно и неопходно што е најдобар знак за богоизбраноста и Божјата љубов кон човекот - мноштво на болести и незгоди кои го напаѓаат. И обратно: ако човекот се смета себе за верен христијанин, а незгоди и болести нема, тоа е - по мислењето на светите отци - показател дека Господ не го благоволи таквиот човек.
Сега примени го на себе претходно кажаното. Господ сакајќи го твоето спасение, те љуби, ти испраќа како средства кои се неизбежни за сите, без исклучок, незгоди и жалости. А ти тоа не го разбираш, и нив ги сметаш за излишни па дури и штетни. Непријатностите и жалостите се навистина штетни, но не за твојата душа туку за твојата падната, грешна природа, и штетни се за стариот човек, но спасоносни за „новиот". Ѓаволот го знае тоа и те збунува, ти влева лажни мисли, нетрпение, очајание, те тера да осудуваш луѓе, ситуации, животот, властите и др. Тоа треба да го разбереш, да го спознаеш со опит и да му се спротивставиш на ѓаволот. Според зборовите Божји, жалостите и страдањата во земниот живот на христијанинот не само што не се зло, туку се - дар Божји: „Го заборавивте советот за кој ви говорам како на синови: Сине мој, не презирај ја казната од Господа и не опаѓај со духот, кога те изобличува, зашто Господ го казнува оној, кого што го сака; го камшикува секој син, кого што го прима".
Жалостите и незгодите, неопходни за спасение на човекот можат да се примат тешко или лесно во зависност од човечкото расположение. Ако човекот го прима со вера Светото Писмо како неизбежно и неопходно за спасение, ако ги познае своите безбројни гревови, со зборови, дела и помисли - ќе разбере дека потиолно ги заслужил не само пратените страдања, но и многу повеќе, ќе се смири пред Бога и луѓето и тогаш ќе му биде полесно, а потоа во него ќе се роди она што е највредно од целиот свет со сите негови земни радости, по зборовите на апостол Павле: „Што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му паднало". Ако, пак, почне да ги , жали поради незгодите и болестите, ќе ги бара виновниците во луѓето, злите духови, во ситуациите и ќе почне со сите средства да ги избегнува, а тогаш и ѓаволот ќе му помогне во тоа, укажувајќи му на измислените противници (власт, ситуации, соседите и др.), ќе побуди во него непријателство и омраза кон нив, желба за освета, желба да ги понижи, и преку нив душата на таквиот човек ќе се урне во мрак, очајание, безнадежност, желба да замине каде било, само да не остане тука, желба да се покрие под земја, само да не слуша и да не го гледа ѓаволот, а во суштина ќе биде послушен на својот вистински смртен непријател, на ѓаволот кој го наговара на тоа зло и сака да го убие, да го наведе на самоубиство, т.е. на вистинска пропаст.
Ако сакаш да најдеш душевен мир и вистинско спасение, смири се под крепката рака Божја, и таа ќе те крене, а тоа значи: прими се што се случува со тебе, како од раце Божи, а не од луѓето, зашто навистина се што се случува со нас не може да дојде без Божја волја. Луѓето и ситуациите се оружје Божјо, кои не го разбираат она што го прават. Господ Исус Христос им објавил на сите дека крстните маки кои Му претстоеле не се дело на луѓето - на фарисеите, на книжниците, на Пилата, на Јуда - кои се само оружје: „Чашата што ми ја даде Мојот Отец зар да не ја испијам?" Чашата на страдањата на Исуса Христа не му ја дале луѓето, туку Небесниот Отец за искупување на паднатото човештво. И на сите нас, кои сакаме да се спасиме Господ ќе ни даде чаша со страдање, а не луѓето. Ако Господ страдал за нас, кажи ми, како тогаш ние да не страдаме поради безбројните гревови, кои не ги гледаме?
Треба да Го молиме Господа: „Дај ми да ги видам своите прегрешенија". Ако добиеме дар да ги видиме своите гревови и ја почувствуваме сета нивна тежина, и забележиме колку сме потонати длабоко во нив и неприемливи на Бога, и колку е неопходно да добиеме од Него проштевање и очистување на своите лепрозни души со силата Божја - тогаш ќе се прилепиме кон Господа, ќе заплачеме пред Него како жената грешница, и од сета душа ќе Го молиме како цариникот: „Боже, биди милостив кон мене грешниот, прости ми ги гревовите, очисти ја мојата лепрозна душа, и не ме лишувај од Небесното Твое Царство, не предавај ме во рацете на моите непријатели - злите духови". Смири се пред Бога, т.е. како благоразумниот разбојник и речи од сето срце: „Сети се на мене Господи во Твоето Царство". Не поистоветувај се со другиот разбојник, кој негодувал за се, пцуел, ги 1 осудувал другите за своите страдања и со тоа само си ја отежнувал својата состојба и затоа загинал засекогаш. Господ се направил за наше спасение; Тој сака спасение за секој грешник, а ние сме должни да се потрудиме околу сопственото спасение, да се трудиме да живееме, т.е. да дејствуваме, мислиме и чувствуваме како што Господ наш Исус Христос не учи во Евангелието...

 

Издавач: Скопска православна епархија