СИНАКСАР
прво од Минеј, а потоа од Триод.
Стихови:
Ако си блудник како мене, биди храбар, оди,
Зашто вратата на Божјите добрини се отвори за сите.

Zoran.sv.Simeon.jpg

Во овој ден го празнуваме враќањето на блудниот син. Божествените отци ова го направија од следниве причини: бидејќи има некои што во себе мислат многу неумесни работи, кои живеат мошне блудно уште од рана возраст, се пијанат, прават нечисти работи и, кога вака ќе пропаднат во бездната на злото, паѓаат во очајание, кое е плод на горделивоста. Не сакајќи повеќе да се вратат на патот на добродетелите, тие понатаму прават уште полоши работи. Светите отци, имајќи љубов и кон таквите луѓе и, сакајќи да ги извлечат од очајанието, определија оваа парабола да се чита на овој ден, со цел: страста на очајанието да ја истргнат од корен и човекот да го приведат на патот на добродетелите, покажувајќи им ја човекољубивата и предобра Божја милост и на оние што многу згрешиле; покажувајќи со оваа Христова парабола дека нема ниту еден грев кој со Неговото човекољубие нема да биде победен.

 

Двата синови од параболата се два човека - праведен и грешен. Постариот син живее според заповедите Божји, и секогаш ги ужива Неговите добра и никогаш од Него не отстапува. Помладиот, пак, кој го возљуби гревот, и со срамни дела се одрече да живее со Бога, се оддалечи од Него и живееше блудно, како роб на страстите и на демонот.

Гревот е нечиста работа. Оној што греши, тоа го прави заради привремена наслада. Далеку од Бога, се храни со рокчиња, како свиња. Во почетокот рокчињата му се чинат како нешто слатко, а на крајот како нешто горчливо. Кога блудниот син си дошол на себе, кога се отрезнил, се враќа при таткото, велејќи: Татко, згрешив на небото и пред тебе, и не сум достоен да се наречам твој син. Тој го прима покајникот, без да го срамоти, прегрнувајќи го со татковска љубов, и му дава облека, односно, свето крштение, печат и прстен, односно благодатта на Сесветиот Дух. Покрај тоа, му дава и обувки, за да не ги каснат змии и скорпии неговите нозе, но да може да ги сотре нивните глави. А потоа, од голема радост, го коле заради него и угоеното теле, односно Отецот го дава телото и крвта на Својот Единороден Син, за да се причести. Кога постариот син се чудеше на неговото неизмерно човекољубие, како што е кажано во параболата, Човекољубецот и него го замолчи со тивки, кротки и љубезни зборови, велејќи: Ти секогаш си со мене и требаше да ја споделиш радоста со мене, зашто овој мој син беше мртов поради гревот и оживеа, откако се покаја за своите лоши постапки; беше загубен, и се најде. Оваа парабола може да се однесува и на еврејскиот народ, а и на нас, бидејќи ги поттикнува на покајание оние што згрешиле како блудниот син. Таа е и силно оружје за одбивање на стрелите на непријателот, и крепка помош.

Со Твоето неискажливо човекољубие, Христе Боже наш, смилувај се и на нас. Амин.


Извор: ПОСЕН ТРИОД

Издавач: МПЦ Црква Св. Петка-Мил Парк, Викторија- Австралија и Австралиско- новозеландска епархија и Преспанско- пелагоника епархија

Превод: преводот и препев од црковнословенски јазик, го направи   д-р Јован Таковски

 

 

Друго:

takovski.jovan9.jpg