Vecerna.Ksenija.jpg

6. СРЕБРОЉУБИВАТА ДЕВОЈКА

Во Александрија живееше една, но само по името, девојка; бидејќи иако по надворешноста беше смирена, сепак во душата беше скржава, горда и до крајност лакома за пари. Таа повеќе беше златољубива, отколку христољубива и од својот имот таа никогаш не даваше ниту една паричка, ниту на странец, ниту на сиромав, ниту на питач, ниту на монах. ниту на девственичките, ниту на Црквата. Наспроти многуте опомени од светите отци, таа од себе не го симнуваше товарот на богатството. Таа имаше и роднини, и ја зеде при себе, за да ја воспитува ќерката на својата сестра, на која деноноќно и го ветуваше својот имот, оти самата беше отпаднала од небесната надеж. Бидејќи и лакомството кое ѓаволот, под изговор на љубов кон роднините го раѓа кај човекот, е еден облик на гаволовите измами. Бидејќи општопознато е дека ѓаволот не води грижа за роднините, туку ги учи луѓето на братоубиство, мајкоубиство и таткоубиство, како што се гледа од Светото писмо. Но, и кога изгледа дека тој ја поттикнува грижата за роднините, тој тоа не го прави од наклонетост кон нив, туку за да ја вовлече душата во неправедни дела, знаејќи ги јасно зборовите на Апостолот: Неправедниците нема да го наследат царството Божјо (1. Кор. 6, 9). Оној човек кого го води духовната мудрост и божествената љубов, и не напуштајќи ја својата душа, може да им помага на роднините при неволја и да им даде различна утеха. Но, кога човекот сета своја душа ќе ја потчини на грижата за роднините, тогаш паѓа под судот на законот, оти лекомислено ја зема својата душа. И свештениот псалмопејач Давид пее за оние кои со страв Божји се грижат за својата душа: Кој може да излезе на гората Господова и кој ќе застане на Неговото свето место? Оној, чии раце се невини и чие срце е чисто, кој не се колнел во душата своја напразно (Псал. 23, 3-4). А лекомислено ја земаат својата душа оние кои мислат дека таа се распаѓа заедно со телото и не се грижат за духовни добродетели.
Пресветиот Макариј, презвитер и надзорник на домот за сираци, болни и сакати, сакајќи да ја излечи оваа девојка од лакомството, која само по името беше девојка, оти била многу далеку од подвижништвото, го измисли ова средство. Тука треба да забележиме дека тој во својата младост бил точан на скапоцени камења. Тој дошол кај неа и и рекол: "Ми дојдоа до раце некои скапоцени камења: смарагди и јакинти, и не умеам да кажам дали се украдени или купени, само тие се неизмерно скапоцени. Оној што ги има ги продава за петстотини златници. Ако мислиш да ги купиш, дај ми петстотини златници. Ти, пак, можеш за еден од тие камења да ги добиеш своите петстотини златници, а останатите употреби ги за украс на твојата роднина". Приврзана со својата душа до роднината, девојката се израдувала на можноста да ја украси, таа паднала пред нозете на Макариј и му рекла: "Те преколнувам, немој да ги продаваш на друг!" Тогаш ја повикал светителот, велејќи: "Дојди при мојот дом за да ги видиш камењата". Но, таа, немајќи трпение, веднаш му дала петстотини златници, велејќи: "Те молам, ако сакаш, да ми ги дадеш тие камења, оти не сакам да се видам со човекот што ги продава". Откако ги примил од неа петстотините златници, свети Макариј ги употребил за сиропиталиштето.
Поминало подолго време, а девојката не се осмелувала да го опомени свети Макариј, бидејќи тој имал голем углед во Александрија како целосен богољубив и милосрден презвитер (тој живееше околу сто години, и ние некое време му бевме современици). Најпосле, таа го пронашла во црквата и го за-прашала: "Те молам, што стана со оние камења, за кои ти дадов петстотини златници?" А тој и одговорил: "Оној ист ден кога ми ги даде парите, јас ги дадов за камењата. И ако сакаш да ги видиш, тогаш дојди со мене во сиропиталиштето, бидејќи камењата лежат таму; разгледај ги и види дали ти се допаѓаат. во спротивно земи си ги назад своите пари".
Девојката согласна тргнала. Сиропиталиштето имало два ката: на горниот биле жените, а на долниот мажите. Кога стигнала до домот, светителот ја вовел низ вратата и ја запрашал: "Што посакуваш најнапред да видиш: јакинтите или смарагдите?" Таа му одговорила: "Како што ќе кажеш". Тогаш тој ја одвел на горниот спрат, и ги покажал жените: куци, сакати, со нагрден изглед, и и рекол: "Ете, тоа се јакинтите!" Потоа ја симнал на долниот кат, и покажувајќи и ги мажите, и рекол: "Ете, тие се смарагдите, и јас сметам дека од нив ништо поскапоцено не ќе најдеш. Ако не ти се допаѓаат, тогаш земи си ги назад своите пари". Засрамена девојката излегла и, доаѓајќи дома, се разболела од голем жал, бидејќи направила големо дело не од љубов кон Бога, туку против својата волја. По тоа таа му благодарела на презвитерот откако девојката, за која се грижела, по мажачката умрела бездетна, а таа понатаму почнала да го употребува својот имот онака како што треба.

 

Издавач:

ЃаконијА

Скопје, 2002

Главен и одговорен уредник: Митрополит Брегалнички г. Агатангел

Преведе: ѓакон Игор Никовски

vozdvizenie.jpg