Vecerna.Ksenija.jpg

3. ПОТАМИЕНА

Блажениот Исидор гостопримникот ми раскажуваше дека при средбата со светиот и блажен Антониј, слушнал од него за еден настан, кој вреди да се забележи. Имено: во времето на Максимин гонителот, како робинка кај некој сладострасник била некоја многу убава девојка, по името Потамиена. Нејзиниот господар долго се мачел со различни ветувања да ја заведе, но не успевал. Најпосле, бесен од гнев, тој ја предал кај тамошниот градоначалник на Александрија, како христијанка која поради гонењата зборува лошо за управата и царевите, и му ветил пари ако ја казни. Ако ја убедиш, му велел на градоначалникот, да се согласи на мојата желба, тогаш немој да ја предаваш на мачење. А ако, пак, остане упорна како и порано, тој го молел градоначалникот со мачење да ја убие; за да не ми се смее жива, велел, на мојата страсна жед.

Храбрата девојка била изведена пред суд и нејзиното тело било мачено со различни направи за мачење, а во исто време ја убедувале со многу различни зборови, но таа во својата душа останала непоколеблива како камен. Тогаш судијата ја избрал најстрашната и најужасна направа за мачење: тој наредил да наполнат еден голем котел со смола, а под него да запалат силен оган. Кога почнала смолата да врие и клокоти, немилосрдниот судија и го предложил следното на блажената девојка: "Или оди си и покори и се на волјата на твојот господар, или знај дека ќе наредам да те фрлат во котелот". А таа одговорила: "Да чува Господ, но никогаш не ќе постои толку неправеден судија како тебе, кој наредува да се покорам на сладострасноста". Разлутениот судија наредил да ја соблечат и фрлат во котелот, но таа го кренала својот глас, велејќи: "Те заколнувам со животот на царот, од кого ти се плашиш, ако веќе пресуди така да ме мачиш, тогаш не наредувај да ми ја соблечат облеката, туку заповедај постепено да ме спуштаат во зовриенава смола, за да можеш да видиш колкаво трпение ми дарува Христос, Кого ти не Го знаеш". И така спуштана постепено, во текот на речиси три часа, таа починала кога смолата и дошла до нејзиното грло.

Издавач:

ЃаконијА

Скопје, 2002

Главен и одговорен уредник: Митрополит Брегалнички г. Агатангел

Преведе: ѓакон Игор Никовски

vozdvizenie.jpg