vozdvizenie.jpg

2. АВА ДОРОТЕЈ

Откако ме предаде на Доротеј, еден тивејски подвижник, кој ја поминуваше шеесеттата година во својата пештера, тој ми нареди да Останам кај него три години, поради скротување на моите страсти (бидејќи тој знаеше дека овој старец води многу строг живот), и ми заповеда по истекот на три години повторно да му се вратам, за понатамошна духовна поука. Но јас не можев да останам три години кај него, бидејќи тешка болест ме натера да го напуштам пред одреденото време. А тој преку целиот ден та и во врелината на пладнето, собира¬ше камења во приморската пустина, постојано ѕидајќи ќелии, кои им ги предаваше на оние што не можеа самите да си изградат. Секоја година тој градеше по една ќелија. Еднаш му реков: "Што правиш, оче, со твојава старост убивајќи го телото со таков труд на големава жештина?" Тој ми одговори: "Тоа ме убива мене, а јас ќе го убијам него".
Дневно јадеше по шест унции леб (една унција изнесува 30 грама) и грст салата, и пиеше по малку вода. Бог ми е сведок, дека јас никогаш не го имав видено да ги испружи нозете, или да легне да спие на рогозината, или на постелата, туку цела ноќ седеше и плетеше палмови гранки (за правење кошници), на тој начин заработувајќи го лебот. Сметајќи дека поради мене започнал да води ваков строг подвижнички живот, јас започнав грижливо да се распрашувам кај многуте негови ученици, дали низ целиот живот така се подвизувал (некои од тие ученици живееја сосема одвоено и веќе беа славени со добродетелен живот), а тие ми одговорија: уште од млад така живее, никогаш не легнал со намера да спие, освен што во текот на работата, или за време на јадењето, тој за миг ќе ги затвори очите, така што залакот често пати му паѓаше од уста, од преголема сонливост. Еднаш кога се обидов да го принудам овој свет човек малку да прилегне на рогозината, тој возбудено ми рече: "Ако некогаш ангелите ги наговориш да заспијат, тогаш ќе го наговориш и ревносниот подвижник".
Еднаш, беше околу три часот по пладне, тој ме прати до неговиот бунар, да ја наполнам стомната, бидејќи беше близу времето за јадење. Кога дојдов до бунарот, јас на дното здогледав отровница, и од страв не зафатив вода, туку отрчав кај него и завикав: "Пропаднавме, ава, оти на дното од бунарот видов отровница".
А тој сериозно ми се насмевна, се загледа во мене подолго време, и вртејќи со главата ми рече: "Ако на ѓаволот му падне на памет во сите бунари и водни извори да нафрла отровници, или змии, или отровни животинки, зар ти сосема ќе престанеш да пиеш вода?", и излегувајќи од својата ќелија, тој самиот ја наполни стомната, ја осени водата со крстознамение и прв се напи од водата, велејќи: "Каде што крстот осенува, таму е немоќно злото на сатаната".

 

 

Издавач:

ЃаконијА

Скопје, 2002

Главен и одговорен уредник: Митрополит Брегалнички г. Агатангел

Преведе: ѓакон Игор Никовски

vozdvizenie.jpg