sv.Tihon.Zadonski.jpg 

ПОКАЈНИКОТ ПРИСТАПУВА КОН СВЕТАТА ТАЈНА ПРИЧЕСТ

                Во расказот за блудниот син, таткото примајќи го синот кој се вратил со покајание, откако го прегрнал, го бакнал во знак на прошка им наредил на слугите да го облечат и да подготват гозба, вечера светла и радосна. На родителското срце не му било доволно само да прости, уште повеќе сакало да го увери својот син во своето помирување со него и колку што е можно посилно да ја изрази радоста поради повторната средба со него, по толку болната разделба. Татковата љубов го дава и она што надежта на синот не го очекува. Кој грешник би можел да очекува нешто повеќе откако примил сепростување? А ете, него го повикуваат дури и на Вечерата Господова на која Самиот Господ му ја дава Плотта т.е. Своето Тело да го јаде и Крвта Своја за да ја пие. Тоа е круна на штедроста кон грешникот кој се обраќа, но сепак не е излишност, туку суштинска неопходност за соединување со Господа.
                Христијанскиот живот е живот во Господа Исуса Христа. Оној што поверувал се облекува во Христа и живее во Него. Оној, пак, кој по Крштението паѓа, ја губи таа благодат. Станувајќи од падот и враќајќи се кон Господа, тој повторно треба да се удостои за неа и се удостојува во Светата Причест. "Кој јаде од Моето Тело и пие од Мојата Крв - останува во Мене и Јас во него" (Јован 6, 56).
            Тука за покајникот е и почетокот на животот во Исуса Христа. Господ рекол дека Он е Лозата, а оние кои веруваат во Него се прачките (Јован 15, 4-6). За прачките нема живот ако не се на лозата; така и за верните нема живот ако не се во Господа. Никаде нема вистински живот освен на таа Лоза. Она што не е на Него - мртво е. Затоа оној што сака вистински да живее треба да ги прима од Христа животните сокови, да живее хранејќи се со нив. Тоа се остварува во Светата Причест, каде христијаните стануваат едно со Господа. Додека Господ само раководел со грешникот кон целосното покајание, само тропал на вратата од неговото срце, кога таа ќе се отвори со смирение и покајание, Он влегува внатре и вечера со причесникот.
              Сега човекот повторно се раѓа. Во него почнува нов начин на живот. Животот не може да се одржува без храна и тоа храна што му одговара. А таква храна се Телото и Крвта Господови. Самиот Господ рекол: "Моето тело е вистинска храна, и Мојата крв вистинско питие" (Јован 6, 55). Оној кој започнал нов живот треба со нив да го храни тој живот. Затоа, сосема е неопходно да се јаде таквата храна во првите часови, при првите чекори од својот нов живот. Велат дека првата храна има влијание врз карактерот на телесната исхрана и дека тоа потоа станува постојана потреба на телото. А каков треба да биде карактерот на животот на покајникот? Тоа е живот во Исуса Христа, нашиот Господ. Што е негова постојана потреба? Потребата за општење со Господ. Побрзај при првите чекори од овој живот да го вкусиш Телото и Крвта Христови, да го поставиш, така да се каже, темелот на животот сообразен на Христа и во тебе да се роди една жива потреба за постојано заедничарење со Него преку тоа јадење. Оној кој Него Го јаде, откако ќе ја почувствува сладоста на таа Манна небесна, повеќе не може да не биде се повеќе гладен и жеден за тоа јадење.
Значи, откако си добил помилување и простување на се во Покајанието, пристапи кон Светата Причест заради полнотата на оживувањето на твојот внатрешен човек. Нема потреба да се пропишуваат посебни правила за подготовка за тоа. Оној што се покајал веќе има се што е потребно и тој природно приоѓа кон Причеста. Кој ги исплакал своите гревови и се исповедал, тој е готов да пристапи кон таа голема Тајна. Ниту Апостолот не пропишува повеќе, само вели: "секој нека се испитува себеси и така нека пие од Лебот и од Чашата“ Би можело да се рече: прими го тоа што постои или не; - отфрли го тоа (зло) што го имаш - и доволно е.
               Според воспоставениот поредок кај нас меѓу Исповедта и Причеста не поминува многу време: вечерта, утрото и Светата Литургија. Во тие мигови треба да се погрижиме да ја сочуваме благонастроеноста донесена од храмот по исповедта и со неа да влеземе во заедничарење со Господа во Светата Причест.
а) Вниманието чувај го собрано и срцето непоматено. Чувај се од расејување и од грижи, пазејќи се од се, влези во себе и биди сам со единствена мисла за Господа, Кој ќе дојде кај тебе. Отстрани го секое движење на мислата и согледувајќи Го едниот Господ моли Му се со собрана срдечна молитва.
    б) Ако мислата не може да ти живее само во тоа, дај и да се занимава со размислување за самата Причест, а за да не блуди многу, врзувај ја со зборовите на Господа и на Светите апостоли за оваа Света Тајна.
    в) Размислувајќи за некој исказ на Господа и на Светите апостоли, извлекувај ја од нив поуката и орасположувај се за смирена молитва. Кога молитвата ќе дојде, падни пред Господа и не отстапувај од неа, ако молитвата ти се дава.
    г) Во такви молитви помини ја вечерта, додека сонот не ти ги склопи очите. Ќе настане утро. Кога ќе дојдеш при себе, откако ќе се разбудиш, пред се воскресни ја свеста за големината на денот кој настапува за тебе. Но не трчај забрзано посветувајќи внимание само на она што ќе се случи со тебе и во тебе. Чувај се! Гаволот на секој начин искушува за да ја доведе душата во лоша состојба, настојува или да ги расее мислите, или да разбуди грижа за нешто, или незадоволство со нешто, или зловолја кон некого. Внимавај на себе молејќи се на Господа, и ќе ги избегнеш тие камења за сопнување.
   д) Влегувајќи во храмот, чувствувај се како да си во Сионската Горна одаја во која Господ ги причести Светите апостоли, и повеќе од секогаш внимавај на она што се пее и чита, и насочувај се на мислата дека Самиот Господ подготвува спасителна Вечера.
    ѓ) При ова разгорувај ја верата во реалното присуство на самиот Господ и Спасител, во Светите Тајни. Поаѓајќи од таа вера и согледувајќи дека Самиот Господ веќе, така да се каже, доаѓа кон тебе, самопонизно повикај: "Не сум достоен да влезеш под мојот покрив". Од самопонизност премини во синовски страв, кој не плаче во грч, туку принесува трезвеност со стравопочитување. Поради тоа, пак, што Самиот Господ не повикува и заповеда да пристапиме, биди подготвен да пристапиш радосно, со желба и жед, како елен кон изворите водни, исчекувајќи со увереност дека Го примаш Самиот Господ, а со Него и сите животни богатства, скриени во Него, свртувај-ќи се кон себе од тоа исчекување што нема да те посрами. Во подготвеноста да Го сретнеш Господа, посилно разгори ја срдечната смиреност и повтори го ветувањето дека ќе се оддалечиш од гревот, дури поради тоа да мораш и да умреш.
    е) Потруди се да ја отстоиш целата Литургија и преоѓајќи од едно чувство во друго, во тоа благонастроение пристапи најпосле кон Чашата Господова, која кога ќе ја здогледаш поклони Му се на Господа Кој ти доаѓа и отворајќи ги устата и срцето, прими Го смирено и со стравопочит воскликни заедно со апостолот Тома: "Господ мој и Бог мој“ Слава Ти Боже! Слава Ти Боже! Слава Ти Боже!
              Кога си пристапил со такво расположение кон Чашата Господова и одејќи си од неа ќе чувствуваш во своето срце: "Вистинито е словото, дека причестувајќи се со божествените благодати не сум повеќе сам, туку со Тебе Христе мој, со Трисончевата Светлина која го просветлува светот". Отсега ти почнуваш да го носиш во себе Христа. Потруди се на секој начин да Го држиш во спокојство и да Го задржиш во себе. Ако е Христос во тебе, кој ќе биде против тебе? И се друго ќе можеш во Господа Кој те укрепува.
Со ова се завршува обликувањето на духовниот живот во човекот христијанин, кој по гревовниот пад повторно се обратил кон богоугодување.
             Тоа е, ете, сеопштиот поредок на обраќањето! Тој овде е претставен во вид на долга историја заради тоа појасно да се согледаат сите пресврти низ кои треба да помине оној што се обраќа, при заемно дејствување на слободата и благодатта. Се што е речено понапред се случува во секој обратеник, но како и во која мера - тоа зависи од личноста и од околностите кај секого посебно. Кај некого целото обраќање се случува за неколку минути, а во меѓувреме е поттикнат со благодатта, и се кае, и се возвишува до решеноста. Духовните појави се моментални. Впрочем, примерите за такво обраќање се многу ретки, почесто обраќањето не се случува одеднаш, туку постепено. И иако самите внатрешни промени се моментални, до нив не се доаѓа одеднаш, туку понекогаш дури по доста долга работа на себеизградување. Кај некои целосното обраќање од таа причина се раздолжува на повеќе години. Главните точки во кои доаѓа до застој се оние во кои е потребно да настрада нашето самољубие, на пример, при совладувањето на пречките или на причинителот на гревот, при исповедта и др. Онаа крајна состојба до која треба да се дојде е целосното одврзување од себе и предавањето на Господа. Од тој момент и почнува целосниот и навистина христијански живот, затоа што тогаш човекот доаѓа до својата цел - да биде скриен во Бога. Се зависи од срдечноста со која човек ќе се зафати да се обработува себеси и од увереноста дека она што е неопходно треба и да се направи, дали веднаш или подоцна, но дека треба да се стори, и тоа подобро - сега.
             Ако веднаш почнеш да дејствуваш на ова, бргу и ќе се утврдиш. А да се утврдиш во Бога е главна задача на нашето обраќање.

 (Продолжува)

 

  СВЕТАТА ТАЈНА ПРИЧЕСТ

Издавач: ЃАКОНИЈА ,Скопје,  2002

Главен и одговорен уредник

Митрополит г. Агатангел