Pantokrator.Matka.jpg
 VII. "НО ИЗБАВИ НЕ ОД ЛУКАВИОТ"

— е седмата прозба.


 Како што во почетокот на молитвата изговаравме "Оче наш", а не "мој" и потоа "лебот наш", "долговите наши", така и сега велиме "избави не" нас, а не мене. Со ова се учиме да се молиме еден за друг и да бараме Божја помош и застапништво еден за друг.
"Лукавиот" е ѓаволот. Тој е лукав не по природа, туку по својата слободна волја. Тој не е создаден како лош и лукав, туку таков постанал по својата слободна волја, определувајќи се за злото.
Не е речено: избави не "од лукавите," туку "од лукавиот" и со тоа се покажува дека ние не треба да се гневиме на луѓето за злото што ни го прават, туку треба да се лутиме на ѓаволот, оти, во основа, тој е виновникот за секое зло, оти тој е "човекоубиец од почетокот...", зашто е лажец и татко на лагата ("Јован 8,14). И затоа, Свети апостол Павле вели: "Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да го проголта" (1. Петр. 5,8).
Се молиме Бог да не избави од секакво зло што може да не снајде во овој свет кој "лежи во зло" (Јован 5,19; 8,44).
Причина за секое зло е ѓаволот, кој е непријател на луѓето и ние, велејќи "но избави не од лукавиот", бараме Божја помош и покровителство — Бог да не ослободи од злото. Како да велиме: Боже, зачувај не од лоши дела и заштити не од ѓаволот. Ти, Господи, можеш да ја скротиш злобноста на ѓаволот, на лошите духови и лошите луѓе и народи и да не спасиш од таквите зла.
"Па затоа, покорете се на Бога, а противете се на ѓаволот, и тој ќе побегне од вас!" (Јаков 4,7).
Затоа и Свети апостол Павле вели: "Верен е Бог, Кој нема да позволи да бидете искушувани повеќе од силата ваша, а заедно со искушението ќе ви даде излез, за да можете да трпите" (1. Кор. 10,13).
Амин = Нека биде така.
Дај, Боже, и помогни ни, Господи!

 

(Продолжува)

Подготви: Стојанка Тежак

Korica.Oce.nash.jpg
Автор: протоѓакон Ратомир Грозданоски - „Господовата молитва“
Издавач: “Магнат”- Скопје
Со благослов на Архепископот  Охридски и Македонски г.г.  Михаил

ПРЕДГОВОР

Возљубени браќа и сестри,
Голема е тајната и силата на Господовата молитва. Во толку кратка молитва, со малку зборови, содржана и искажана е голема духовна сила на молението.
Ако Бог е Отец на христијаните, тогаш тие не смеат молитвено да Го повикуваат преку молитвата "Оче наш" и Отец да Го нарекуваат, ниту Господовата молитва да ја кажуваат додека не се покаат и не се очистат од гревовите свои, оти така заповедал Свети апостол Павле и рекол: "Да отстапи од неправдата секој, што го произнесува името Господово!" (2. Тим. 2,19).
Како можеш да Му речеш на Бога "Оче наш," а живееш недостојно, сиот си во гревови и со својот карактер си станал ѓаволоподобен?
Оние, кои Бога Го нарекуваат Отец и кои се молат со "Оче наш" треба да бидат синови Божји, а синот треба да личи на отецот, треба да биде богоподобен во се: во своите мисли, во своите зборови, во своите чувства и во своите дела.
Ако си грешел, пак, брзо покај се и исповедај ги гревовите свои!
Направи и ти како што направил блудниот и непослушен син (Лука 15, 11-32). Погледни кон себе си и во себе си, согледај го гревот свој и обрати се — врати се кај Бога Отецот, па појди в црква кај свештеникот и пред него и пред лицето Божјо со смирение и покајание признај го и исповедај го својот грев, велејќи: — Оче згрешив против небото и пред Тебе и не сум веќе достоен да се наречам Твој син, но прими ме, оти се каам... (Лука 15,18-19). Тогаш Бог ќе ти прости и ќе те прими со радост.
И дури потоа заедно со сите христијани ќе можеш достојно да ја кажуваш молитвата "Оче наш" и Бога да Го нарекуваш твој Отец, а луѓето да ги чувствуваш како свои браќа. Така ќе имаш во себе вистинско богољубие и човекољубие, а тие се двете најголеми заповеди врз кои се темели целиот Закон и Пророците и преку кои се спасува човекот (Матеј
22,37-40).
Авторот.
 

Друго: