Voznesenie.Markov.jpg

ВОЗНЕСЕНИЕ

По Своето воскресение Господ не бил постојано со своите ученици, но им се јавувал во разни места и разно време, откривајќи се Себеси жив во славата на своето воскреснато Тело.

 

На кои и по своето страдање им се покажа жив со многу вистински докази јавувајки им се четириесет дена и зборувајќи им за Царството Божјо (Дела. 1,3)

Треба да се напомене, дека периодот од 40 дена се сретнува во Библијата многу пати и означува полн и доволен временски период (Бит. 7, 17; Исх. 16, 35; 24, 18; Суд. 3, 11; Цар. 17, 16; II Цар. 19, 8; Јон. 3, 4; Мт. 4, 2). И така на 40. ден по Велигден, откако се вознесе на небо, Христос конечно го заврши Своето служење како Спасител и Месија и се врати при Отецот.
Празнувајќи го Христовото Вознесение од овој свет, ние знаеме дека тоа се случи поради нас и за сите луѓе. Господ замина за да биде прославен во Бога Отецот, за да не прослави и нас заедно со Него. Тој замина за да подготви место за нас, за да не донесе во блаженството на Божјото присуство. Тој замина, за да му отвори пат на своето создание во небеското светилиште... Светото Место несоздадено со рака (види Евр. 8-10) и чистата вистина, која ја воздигнал Господ, а не човекот (види Евр. 8, 2), замина за да ни го прати Светиот Дух за да сведочи за Него и за Неговото Евангелие во целиот свет, правејќи го силно присутен во животот на Неговите ученици.
Како антифони на празничната Литургија служат стиховите од 46., 47. и 48. псалм. Празничниот тропар што се пее за време на малиот вход се јавува и како причестен стих:

Си се вознел во слава, Христе Боже наш, и си ги зарадувал учениците со ветувањето на Светиот Дух, а со благословот си ги уверил дека Ти си Син Божји, Избавителот на светот (Тропар).
Бидејќи ја исполни одредбата за нашето спасение, и тоа што е земно си го соединил со небеското, си се вознел во слава Христе Боже наш, не одделувајќи се, туку останувајќи и понатака (со нас), и говорејќи им на тие што Те љубат: Јас сум со вас и никој не може на вас (Кондак).
 Pedesetnica.Markov.jpg

СЛЕГУВАЊЕТО НА СВЕТИОТ ДУХ

(ПЕДЕСЕТНИЦА)

Празникот Педесетница се одбележува 50 дена ио Велигден. Ние веќе говоревме дека во Стариот Завет Велигден бил споменување на еврејскиот излез од Египетското ропство, а Педесетницата била спомен на Божјото дарување на Законот, (десетте заповеди), на Мојсеј, на Синајската гора.

Во Новиот Завет со Месија пасхалниот настан прима ново значење како славење на Христовата смрт и воскресение, на излегувањето на луѓето од овој грешен свет во Царството Божјо. Во Новиот завет е остварен и празникот Педесетница којшто постана ново доаѓање на новиот закон, слегувањето на Светиот Дух врз Христовите ученици.

И кога се навршија педесет дена, сите апостоли беа собрани заедно. И наеднаш настана шум од небото како шум на силен ветар, и ја исполни собата каде што седеа; и им се покажаа разделени јазици како од оган, и слезе по еден на секој од нив. И се исполнија сите со Свет Дух... (Дела 2,1-4).

Апостолите добиле сила од горе и почнале да проповедат и сведочат за Исуса како за воскреснат Христос, Цар и Господ. Овој момент обично се вика раѓање на Црквата.

Во богослужбата празникот симнување на Светиот Дух се одбележува заедно со јавувањето на Светата Троица на луѓето, затоа што во доаѓањето на Духот кај луѓето се покажува полнотата на Божеството, Неговато самообјавување и самодарување на светот, своето создание. Во православното предание Педесетницата често се нарекува и ден на Света Троица, дури, во средината на храмот на овој ден се изнесува иконата на Светата Троица, во вид на трите ангели кои му се јавиле на праотецот Аврам. А иконата на слегувањето на Светиот Дух, ги прикажува огнените јазици како лебдеат над Богородица и дванаесетте апостоли, првобитниот прототип на Црквата, кои заедно ја опкружуваат симболичната слика на космосот, светот.

Во денот на Педесетницата се заврши делото на спасението, затоа педесеттиот ден станува почеток на новата ера која излегува надвор од пределите на нашиот свет. И самиот број, како во јудејската, така и во христијанската традиција, означува вечна и небесна исполнетост: седум помножено со седум плус еден.

Педесетницата уште се нарекува и апокалиптичен ден (т.е., ден на последното откровение, или есхатолошки ден (ден на целосен и совршен крај) затоа што кога доаѓа Месија и се приближува Денот Господов, настапуваат последните денови, во кои кажува Бог: ќе го излеам Духот Мој на секое тело (Дела. 2, 17; Јоил. 2, 28-32). Ова древно пророштво се споменува од апостолот Петар во неговата прва проповед на денот на Педесетницата.

Боженствената Литургија во овој ден ни напоменува на нашето покрстување и повторно наместо Трисвето се пее крстителното песнопеење од Посланието до Галатјаните. Обичните антифони исто така се заменуваат со стихови од псалмите соодветни на празникот. Во апостолските и евангелските читања се говори за слегувањето на Духот врз луѓето. Во кондакот се пее за Божјото дејство, спротивно на вавилонската поделба на јазиците: во Педесетницата Бог ги обединува народите со единството на Духот. Тропарот го прогласува собирањето на сета вселена во Божјата мрежа преку работата на апостолите. За првпат по Велигден се пеат молитвите Цару Небески и Ја видовме Светлината на вистината, повикувајќи го Светиот Дух да дојде и да се всели во нас и прогласувајќи, дека сме дах на Духот Небесен. Храмовите се украсуваат со цвеќиња и летно зеленило во знак на тоа дека Божјиот Дух доаѓа како живототворен Дух Носител за да ги обнови сите суштества.

Благословен си, Христе Боже наш, Ти ги направи премудри риболовците, испраќајќи им го Светиот, Дух; преку нив ја улови вселената. Човекољупче, слава Ти (тро.)
Кога Вишниот слезе и ги измеша јазиците, ги разделуваше народитe. Кога ги раздели огнените јазици, ги повика сите луѓе да се обединат. Така сложно го славиме СесветиотДух (кондак).

На Великата Вечерна се читаат три долги молитви за време на кои верниците по прв пат по Велигден ги приклонуваат колената.

Понеделникот по Педесетницата е празник на Светиот Дух, Духов ден; а следната недела е празник на Сите Свети. Таквата литургиска последователност е потполно логична, бидејќи Светиот Дух се пројавува во луѓето, осветувајќи ги, што се јавува како главна цел на создавањето и спасението на светот: Осветувајте се и бидете свети, бидејќи Јас, Господ Бог ваш, сум свет (Лев. 11, 44-45; I Петр. 15-16).

 Voznesenie1.jpg

 

Друго: