Angel.gakon.jpg


Од Прво послание на апостол Јован (1 Јн 3,21-24; 4,1-6), читање:

Возљубени, кога нашето срце не не осудува, тогаш ние имаме слобода пред Бога, и, што и да побараме, добиваме од Него, бидејќи ги чуваме Неговите заповеди и правиме што е благоугодно пред Него. А заповедта Негова е таа, да веруваме во името на Неговиот Син Исус Христос и да се љубиме еден со друг, како што ни заповедал. И оној, што ги чува заповедите Негови, пребива во Него, и Тој - во него. А дека Тој пребива во нас, знаеме по Духот што ни Го дал. Возљубени; не верувајте му на секој дух, туку проверувајте ги духовите: дали се од Бога, бидејќи многу лажни пророци се јавија во светот. По ова распознавајте Го Божјиот Дух и духот на лагата. Секој дух што признава дека Исус Христос дошол во тело, од Бога е. А секој дух, што не признава дека во тело дошол Исус Христос, не е од Бога; тоа е духот на Антихристот, за кого сте слушале дека доаѓа, па и сега е веќе во светот. Вие сте, чеда, од Бога и нив сте ги победиле; зашто Оној, Кој е во вас, е поголем од оној што е во светот. Тие се од светот, затоа и световно зборуваат, а светот ги слуша. Ние сме од Бога. Кој Го познава Бога, не слуша нас; кој не е од Бога, нас не не слуша.

Од Прво послание на апостол Јован (1 Јн 4,11-16)

Возљубени, кога така не возљуби Бог, тогаш и ние сме должни да се љубиме еден со друг. Бога никој никогаш не. Го видел. Ако се љубиме еден со друг, Бог пребива во нас и љубовта Негова е совршена во нас. Дека ние пребиваме во Него и Тој во нас, знаеме по тоа што ни дал од Својот Дух. И ние видовме и сведочиме дека Отецот Го испрати Синот како Спасител на светот. Кој исповеда дека Исус е Син Божји, во него пребива Бог, и тој - во Бога. И ние ја познавме љубовта, која Бог ја има кон нас; и поверувавме во тоа дека е Бог љубов, и дека оној, кој пребива во љубовта, пребива во Бога, и Бог - во него.

Од Прво послание на апостол Јован (1 Јн 4,20-21; 5,1-5)

Возљубени, ако некој рече: „Го љубам Бога" а го мрази својот брат, тој е лажливец: зашто, кој не го љуби својот брат, кого го видел, како може да Го љуби Бога, Кого не го видел? И таа заповед ја имаме од Него: кој Го љуби Бога, да го љуби и братот свој. Секој, кој верува дека Исус е Христос, од Бога е роден, и секој, кој Го љуби Оној Кој родил, Го љуби и Оној, родениот од Него. По ова знаеме дека ги љубиме чедата Божји, кога Го љубиме Бога и ги извршуваме Неговите заповеди. Бидејќи љубовта кон Бога се состои во ова: да ги пазиме заповедите Негови, а Неговите заповеди не се тешки. Зашто се што е родено од Бога, го победува светот; и ова е победата што го победи светот - верата наша. Кој го победува светот, ако не оној кој верува дека Исус е Син Божји?