„Вистината без љубов може да стане камен во туѓа рана“

Понекогаш човек вели: „Јас само ја кажувам вистината“, но зад зборовите може да се крие желбата да победи, да казни или да го понижи другиот. Вистината изговорена со суровост не станува повистинита; може да стане камен фрлен во веќе отворена рана.
Зборот што доаѓа од Бога ја осветлува грешката без да ја скрши личноста. Не ласка и не го сокрива злото, но секогаш остава простор за покајание и враќање. Кога по кажаната „вистина“ остануваат само срам и очај, треба да се преиспита намерата на срцето.
Пред да исправи некого, човекот може да се праша: „Дали ја сакам неговата исцелување или мојата победа?“ Понекогаш најголемото покајание е да замолчиш, да се молиш и да научиш да ја кажуваш вистината без отров. Бог не бара победа во расправија, туку зачувување на љубовта во вистината.
„Да ја исцелиме раната, за да не ја пренесеме понатаму“
Понекогаш не се оддалечуваме од родителите затоа што не ги сакаме, туку затоа што нивната близина повторно ги разбудува раните што сме ги сокриле уште од детството. Бегаме од некој глас, од некој поглед или од некое сеќавање и тоа бегство го нарекуваме „мир“. Се браниме со студенило, молчење и рамнодушност, но раната не исчезнува. Ја носиме во бракот, во односот со сопствените деца и на сите места каде што од другите ја бараме љубовта што не сме ја добиле.
Болна вистина е дека нашите родители честопати нè сакале онолку колку што знаеле и колку што можеле, носејќи и самите неизлекувани рани. Да им простиме не значи злото што ни го направиле да го наречеме добро, ниту повторно да прифатиме злоупотреба. Тоа значи да одбиеме тоа зло и понатаму да живее преку нас. Непростувањето го задржува оној што нè повредил во нашата внатрешност и му дава моќ да нè повредува секој ден.
Исцелувањето започнува кога ќе престанеме да се срамиме од болката и ќе ја принесеме пред Христа, во молитва и исповед. Ако е можна близината, да не ја одложуваме до моментот крај гробот. Ако е опасна, да поставиме граници без омраза. Бог не бара од нас да ја негираме раната, туку да Му дозволиме да ја преобрази, за примениот страдален товар да не стане страдање што ќе им го пренесеме на другите.
Мајка Силуана Влад
Подготви Симеон Стефковски