Божјата милост е поголема од секој грев

Жалењето може да биде почеток на исцелението, но може да стане и затвор ако не прерасне во покајание. Човекот постојано се навраќа на својата грешка, се обвинува, се прекорува и на крај почнува да верува дека неговото минато е посилно од Божјата милост.
Очајот не вели само: „Паднав“, туку шепоти: „Повеќе не вреди да станам.“ Токму тука се крие измамата. Падот ранува, но очајот се обидува раната да ја претвори во пресуда. Го наведува човекот самиот да се откаже од себе, уште пред Бог некогаш да се откажал од него.
Недовербата во Божјата сила често е израз на повредена гордост. Човекот го мери Божјото простување според своите мерила и, бидејќи самиот не може да си прости, мисли дека ниту Бог не може да му прости. Но Божјата милост не може да се измери со човечкиот ум и не се исцрпува сè додека срцето искрено бара светлина.
Вистинското каење не го парализира човекот, туку го води кон исповед. Не ја крие раната, не ја оправдува и не ја претвора во свој идентитет. Ја положува пред Бога и бара исцеление.
Најголемата загуба не е исповеданиот грев, туку одбивањето да се вратиме кај Бога. Додека во срцето постои барем една искрена воздишка, патот не е затворен. Бог може да го подигне човекот и таму каде што тој гледа само урнатини и безнадежност. Срамот од самиот себе може да стане темен затвор на душата. Тогаш веќе не боли само грешката, туку и самото постоење. Човекот почнува да верува дека тој е својот грев, дека повеќе не е достоен за љубов, прошка или близина. Се крие од другите, но и од сопственото срце, носејќи пресуда што Бог никогаш не ја изрекол.
Покајанието вели: „Згрешив и се враќам.“ Болниот срам вели: „Изгубен сум и за мене веќе нема враќање.“ Првото ја отвора раната за исцеление, а второто ја покрива со темнина. Кога вината не се исповеда, таа се претвора во осаменост, страв и неспособност да се прими љубовта.Бог не бара уништување на човекот, туку неговата вистина.
Исповедта не е судница на душата, туку место каде што лагата што човекот ја создал за себе ја губи својата сила. Таму паѓаат маските и оправдувањата. Останува раната, но останува и Лекарот.Најтешкиот пад не е гревот, туку одбивањето да се поверува дека Божјата милост може да слезе и дотаму. Очајот шепоти дека сè е завршено, но Бог никогаш не го затвора патот на враќањето. Тој чека искрена воздишка, една солза, една молитва изговорена со последната сила.Исцелението започнува тогаш кога човекот ќе престане да се поистоветува со својата рана. Гревот може да биде исповедан, простен и очистен. Образот Божји во човекот не се поништува со падот. Вистината боли, но ослободува; скриениот срам убива, а примeната љубов ѝ ја враќа на душата силата повторно да живее.
Мајка Силуана / подготви С.Стефковски
30.07.2026