Исусовата молитва – пат на срцето кон Горниот Ерусалим

01.12.26.Gavril.Velichki4
              Во времето во кое живееме, обележано со внатрешна расеаност, брзина и немир, човекот – а особено младиот човек – сè почесто се соочува со прашања што немаат лесни одговори. Под притисокот на надворешните очекувања и внатрешните борби, срцето останува гладно за смисла, а умот уморен од премногу зборови и премалку тишина. Токму во таков свет, Црквата не нуди теорија, туку проверен и жив пат. Тој пат има име и содржина: Исусовата молитва – „Господи Исусе Христе, помилуј ме.“
Исусовата молитва не е само збор, ниту пак побожна навика. Таа е живот. Таа е здив на душата, светлина за умот и тивок мир за срцето. Во нејзината едноставност се крие длабочина што го опфаќа целиот човек. Преку неа, човекот застанува пред Бога таков каков што е – слаб, ранет, но бескрајно сакан. Таа молитва не го прикрива човекот, туку го открива; не го воздигнува лажно, туку го смирува и исцелува.
                Пораката што Црквата ја упатува, а особено до младите, е јасна и татковска: непрестајно изговарајте ја Исусовата молитва – во радост и во болка, во движење и во тишина, во светлина и во темнина. Таа не бара посебни услови, ниту повлекување од животот, туку будно срце и доверба во Бога. За христијанинот што живее во Црквата – што се исповеда, се причестува и се труди да живее според светите добродетели – нема побрз и попрост пат кон жива и лична заедница со Бога од Исусовата молитва.
              Оваа вистина не е плод на умствени размислувања, туку е посведочена со животот на светителите. Меѓу нив, за нашиот народ, со особена светлина блеска ликот на Светиот Гаврил, Епископ Велички. Тој беше кринот од градината на Пресвета Богородица за нашата Црква – израснат во светогорската тишина и напоен со покајничка молитва. Во школата на безмолвието, таму каде што човекот престанува да зборува, а Бог почнува да дејствува, Свети Гаврил ја научи тајната на внатрешната молитва.
                 Неговиот живот беше ангелоподобен. Повеќе наликуваше на небесна литургија отколку на земно секојдневие. Неговото срце беше олтар, а неговите зборови – мевлем. Како огнен молитвеник со ангелско име, тој го носеше пламенот на Божјата љубов – оган што не согорува, туку просветлува. Надарен како тајновидец со Богородична благодат, тој ја чувствуваше болката на човекот уште пред таа да биде изговорена, носејќи ги туѓите страдања како свои и положувајќи ги во молитва пред Христа.
                Неговата сила не беше во надворешниот авторитет, туку во смирението и во длабоката, скриена молитва. Во пораките што ни ги остави, а особено во пророчката реченица: „Ве чекам во Горниот Ерусалим“, Свети Гаврил нè потсетува дека животот не завршува овде и дека нашата конечна цел е Царството Небесно. Исусовата молитва е пат кон Горниот Ерусалим.
                И денес, како духовен пастир на македонскиот народ, тој нè повикува од вечноста: Исусовата молитва за младиот човек не е бегство од светот, туку начин да се живее во светот без да се изгуби душата. Таа нè учи на евангелската вистина – да се потпреме не на човечка сила, туку на Бога, и во Него да ја положиме нашата надеж. Затоа, таа молитва не смее да се занемари, туку да стане сопатник и тивка, но силна поткрепа на секојдневниот живот.


                Преку непрестајната Исусова молитва и дејството на Светиот Дух, умот се очистува и слегува во срцето, а човекот станува жив храм на Божјото присуство. Тогаш животот добива длабочина и смисла што ја надминува логиката на овој свет и се открива тајната на духовното искуство за кое сведочи апостолот Павле: „Дали во тело, или надвор од телото – не знам.“


                   Исусовата молитва не го оддалечува човекот од животот. Таа го преобразува, го осмислува и го прави вистински жив.

 

Блажески Дејан

12ти јануари 2026 лето Господово