о. Спиридон Василакос

И така, искушението му дава смисла на животот. Искушението е мое крштение, бидејќи ме соочува со вредноста на животот и ми ја открива неговата возвишена димензија. Заеднички белег на животот на Светиите е токму искушението. Нема Светија којшто не бил испитан. Но треба да видиме како Светиите гледале на искушението. Тие не го нарекувале искушение, туку можност, прилика. Ова ни се чини парадоксално, бидејќи спротивно на нив, ние на секаков начин се обидуваме да ги избегнеме, да ги прогониме сите испитанија, болки, искушенија, тешкотии. А Светиите во нив гледале една нова можност. Тешкотиите што ние ги нарекуваме испитанија, Светиите ги нарекле посети од Бога. Колку сме различни. Јас ги гледам несреќата, испитанието, тешкотијата како еден вид на богооставеност, додека тие, гледајќи од друга височина, во една поинаква духовна состојба, нив ги нарекуваат Божји посети. Пак ќе кажам – колку сме различни. Многу пати велиме: „Тешко ми е да се искачам“ никој не вели: „Тешко ми е да слезам“. Според тоа, би можеле тешкотијата да ја наречеме своевидно скалило.

Еден канадски поет вели: „Ме убива, не планината што ја гледам пред себе, туку камчето во мојот чевел“. Така е. Тоа е нашата тешкотија. Сака да каже дека тешкотијата не е во планината што ја гледаш и ја сметаш за висока и недостапна, туку се наоѓа во тебе самиот. Затоа треба да сфатиме дека испитанието не се наоѓа во она што го среќаваме околу нас, туку длабоко во нас. Толку длабоко е вкоренето во нас, што ни пречи да ги активираме своите духовни сили, да се помолиме, да поверуваме и да одиме напред. Значи искушението сме ние, а не самата тешкотија. Силниот ветар го принудува малото дрво да пушти подлабоки корења. На ист начин, силното искушение го тера човекот уште повеќе да се задлабочи во својата душа, во својот живот, во своето минато. Од искушението, човекот кој се бори не излегува празен туку свет. Од искушението, човекот кој што се бори не излегува слаб туку силен, придобил длабочина, широчина и висина, среде битката и испитанието. Големиот поет Одисеј Елитис вели: „За да стигнеш до блесокот, секогаш мораш да минеш низ огнот“. Значи не можеш да заблескаш, ако претходно не поминеш низ огнот на искушенијата.

Имено, при искушението првосоздадените луѓе го сретнале ѓаволот. И што гледаме? Ѓаволот е едно возмутување, немир, разделување. Ѓаволот бил на небото и паднал на земјата. Човекот пак живее на земјата, но тоа што го прави се одразува и на небото. Ова е многу важно. Ѓаволот се кренал против небото и паднал на земјата. А човекот кој што живее на земјата, ако вистински возљуби, се покае, се смири, прости и се труди да ја живее Божјата воља, сето тоа има одраз на небото. Животот на човекот се простира и на небото. Навистина за нас е пораз, пропаст и грев животот да си го ограничиме само на земјата. Ѓаволот со бунтот против Бога, паѓа од небото на земјата и тоа е една од најголемите причини, зошто тој го спречува човекот да се искачи на небото. Бидејќи тој паднал од таму, прави сè за човекот да не може да се издигне на небото. И се разбира, многу пати ќе го чуеш прашањето: „Зошто Бог го дозволува тоа?“ Зошто? Намерно го остава, за овој преку искушението да го созрее човекот, да направи човекот духовно да се развие и да застане цврсто на нозете.

Hristos.Iskushenie3

(Продолжува…)

 

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/za-smislata-na-iskushenijata-ii-del/

 Друго:

Hristos.Iskushenie2