о. Спиридон Василакос

Првосоздадените луѓе пројавувале послушност кон Божјата љубов, зашто таа љубов ги хранела. Дошло искушението. Требало да бидат испитани. Тие сигурно имале вера, имале добродетел, чистота, силна врска со Бога, чиста врска помеѓу себе. Сето тоа го имале, но ако тоа не се испита, не би можело реално да му помогне на човекот. Тоа што не се испитува, не созрева. Така, доаѓа искушението, кое е една силна лекција. Преку искушението што Самиот Бог го определува, стекнуваме утврдување во верата, цврстина на добродетелта, растење во љубовта, духовно созревање на човекот. Искушението е онаа силна лекција којашто го забрзува нашиот избор. Тоа му помага на човекот да биде слободен, да има одговорност за својот избор, ги активира неговите потенцијали. Без искушенија, многу од оние сили, потенцијали и можности што ги имаме во себе би останале неактивирани. Токму тие го издигнуваат човекот во духовните височини.

Hristos.Iskushenie2

Еден голем отец на црквата, вели дека колку повисока е пречката, толку посилна станува водната струја. Истото се случува и со човекот. Искушението го укрепува духовното и душевното созревање на човекот, бидејќи среде испитанијата гледам каков сум, што имам, што ми недостасува, се гледам себеси. Да си спомнеме за периодот кога некогаш сме биле болни – тогаш подобро ги осознаваме нештата, ја гледаме нашата вистина, се покајуваме. И сега, надвор од таа состојба, има моменти кога размислуваме за молитвата што тогаш сме ја упатувале, за тоа колку поразлично сме се однесувале и за тоа како во искушението сме ја виделе реалната и возвишена вредност на животот. Така гледаме дека испитанието го мобилизира човекот, го активира, го издигнува, го тера да гледа подобро и почисто. Ајде да видиме еден мал пример. Дома сме, гладни сме и упорно бараме да најдеме нешто за да си го заситиме гладот. Ќе влеземе во кујната, ќе побараме низ витрините, полиците, ќе го отвориме фрижидерот, – нема да запреме дури не најдеме барем нешто да си го задоволиме чувството на глад. Но кога си сит, не бараш да најдеш, не мислиш, не се замараш. Исто се случува и со искушението. Кога немаш испитание не бараш, не се активираш, не се трудиш, а напротив кога имаш, тогаш сè во тебе се мобилизира за да можеш да го надминеш. Зад искушението постои нешто кое е многу важно за твојот развој. Имено, тоа реално ќе те запознае со твоето вистинско јас. Тоа е она вистинско чудо на испитанието, тоа е можноста да се спознаам себеси. Така, давајќи му испитанија на човекот, Божјата љубов сакала да му даде, слобода, растење, издигнување и да може човекот да го достигне чудото – да се спознае себеси. Потоа, спознавајќи се себеси да ја почувствува Божјата љубов и нераскинливо да се поврзе со Бога и со сета твар. Ете што прави искушението. Колку многу љубов крие таа аскеза, тоа испитание од Бога. Во него се кријат слободата, развојот, возвишението и обожението на човекот.

Многупати ги избегнуваме искушенијата, но така не се развиваме, не одиме напред, не се издигнуваме, не живееме. Големиот писател Виктор Иго напишал:

„Невољите го прават човекот човек, а раскошот создава чудовишта“.

Виктор Иго

Ова е чист факт. Факт што го живееме. Среде благосостојбата, егоизмот се укрепува, а во испитанието, човекот се укрепува. Божјата љубов сака еден силен, активен, слободен човек. Затоа искушението има едно особено важно место во нашиот живот. Ако не дојде темнината на ноќта, тогаш каква вредност ќе има светлината на денот? Кој би дал значение? Ако не дојде облачното студено време, дождот, ветрот, градот, каква вредност ќе има сончевото време? Ако не дојде болест, како ќе го цениме здравјето? Ако не ја почувствуваме тешкотијата, како ќе знаеме за олеснувањето во животот? Ако не минам низ несреќа, што ќе ми значи среќата? Ако не минам низ зимата, нема да ја очекувам пролетта.

(Продолжува…)

 

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/za-smislata-na-iskushenijata/

 

 13.11.2023