Monah.na.molitva.peshtera

                Еднаш во Мала Азија живееле богати и добродушни луѓе. Биле големи верници.
              Синот единец, откако порасна и го заврши образованието, го засака ангелскиот живот и се одлучи да живее пустиножителски живот. Долго одел по скитовите на египетската пустина, додека еден ден не сретнал еден многу строг старец. Момчето веднаш го замолило старецот да го прифати како свое духовно чедо и му вети дека во се ќе му биде послушен.
-Врати се назад во својата земја, - му рекол старецот, - и потруди се да го исполниш она што го кажал нашиот Господ Исус Христос. Оди и целиот свој имот раздади го на сиромасите, а кога ќе го направиш тоа врати се тука и ќе те примам.
Момчето направи метанија и се врати во својата земја. Го распродаде целиот свој имот, а парите ги раздаде на сиромашните. Радосен бидејќи го исполни послушанието од старецот, повторно се врати кај него, но сега како сиромашен човек. Старецот го прифати и по некое време откако момчето стана монах, старецот го повика и му рече:
               Од сега ќе живееш во оваа келија покрај карпата и со никого нема да разговараш.
-Нека е благословено –одговорил монахот и се вселил во келијата. Таму останал да се подвизува скоро пет години, не изговарајќи ниту еден збор. Неговиот живот во смирение не можел, а да не биде забележен од други браќа кои му се воодушевувале и многу го почитувале. Монахот продолжил да се подвизува во својата келија се додека еден ден не бил повикан од својот старец.
Гледам, дете мое нешто што ме растажува. Од браќата слушаш многу пофалби и затоа си во опасност да ја изгубиш својата душа. Треба да заминеш од Египет. Подготви се, одлучив да те испратам во општожитие.
Монахот ја наведна својата глава не изговарајќи ништо и покажувајќи послушност кон старчевата волја. Веднаш се подготви за да си замине. Пред да замине старецот му дал писмо со препораки за игуменот во манастирот каде што го испраќа. Меѓутоа, старецот заборавил да му каже на својот монах таму каде што ќе отиде дали да зборува или да молчи. А монахот, бидејќи старецот не му кажал ништо, продолжил да си ја држи устата затворена.
             Кога пристигнал во општожитието, игуменот го прифатил и монахот продолжил со својот подвиг. Повеќето оци од манастирот мислеле дека е нем, но игуменот имал некои сомнежи и затоа решил да го испита. Еден ден го повикал и му кажал:
Оче, сакам да отидеш надвор од манастирот, да ја поминеш големата река и таму од другата страна да донесиш некои работи за манастирот.
              Монахот наведнувајќи ја главата го прифати послушанието. Но, пред да замине, игуменот задолжил уште еден монах да го следи и подоцна да го извести за се што ќе се случи. Добро знаел игуменот дека реката е надојдена и дека никој не може да ја помине. Затоа и го испратил другиот монах, бидејќи верувал дека кога ќе види оти реката е надојдена овој ќе се врати и ќе го извести дека не е можно да ја помине и така ќе дознае дали е нем или не.
                Штом послушниот монах пристигна до реката и виде дека е поплавена, веднаш сфати дека не е можно да се помине. Затоа клекна и почна со солзи во очите, но со затворени усни да се моли. Кога завршил со молитвата, се појавил еден крокодил кој застанал пред него. Тогаш монахот се качил на крокодилот и од него бил пренесен на другата страна од реката. А собратот што по благослов на игуменот го следел, кога видел што се случило, со трчање се вратил во манастирот и го известил игуменот. Игуменот се воодушевил и од тој момент сите монаси го сметале за голем благослов тоа што имаат таков монах во манастирот.
             После некое време овој монах кој бил пример за послушание се упокоил, а во манастирот настапила голема тага. Игуменот му испратил писмо на првиот старец на монахот за да го извести за неговата смрт. Писмото завршувало со зборовите:
„Иако ни испрати нем човек, сепак тој живееше помеѓу нас како ангел.“
           Старецот се воодушевил на послушноста од својот послушник и во писмо му ја кажал на игуменот целата вистина за монахот. Кога го добил писмото игуменот ги повикал монасите и пред сите ги прочитал зборовите на старецот:
„Свети Игумене, блажениот човек што пред неколку години ти го испратив, воопшто не беше нем. Напротив. Благодарејќи на послушанието од својот духовник, сите овие години ги помина во молчење. Сега кога Господ го повика кај Себе, неговите молитви нека бидат со нас.“

 

2023