Hristos.Spasuva6

ИЗГУБЕНИ И ОСАМЕНИ

                Божјата милост благоволи да не собере одново денес, и би сакал да споделам со вас неколку мисли за денешното свето Евангелие.
Денешното свето Евангелие опишува еден настан. Христос оди во еден град и гледа погребение, гледа вдовица, една мајка која си го погребува синот единец. Христос се сожалува, бидејќи разбира дека нема кој да се грижи за оваа жена и прави чудо - го воскреснува нејзиниот син.
Мислам дека има моменти во нашите животи кога ние самите буквално личиме на оваа мајка. Го изгубила сопругот, го изгубила синот, се чувствува осамено и изгубено и затоа во извесна смисла се плаши - се плаши од сегашноста, се плаши од иднината. Но, Христос е таму и ѝ го враќа синот.
Кога се чувствуваме сами и изгубени, треба да знаеме дека без разлика дали го осознаваме тоа или не, Христос е тука и подготвен да ни помогне. Треба само да имаме вера и да не губиме срце.
                 Не сум сигурен дали тоа е случај во Австралија, но во Европа има птици кои мигрираат секоја година од едно место на друго за да бараат потопла клима бидејќи тешко би ги преживеале студените месеци. Кога летаат над Средоземното Море и гледаат брод, овие птици слетуваат таму за да се одморат некое време пред да продолжат. Но, се случува и нешто друго. Додека се уште летаат, поголемите птици им дозволуваат на помалите да се одморат на нивниот грб, па помалите птици слетуваат на поголемите и на тој начин собираат сили повторно да летаат, во спротивно ќе паднат во водата и ќе умрат. Христос постапува со нас на истиот начин, и можам да кажам дека Тој е големиот кораб што им помага на малите птици, или поголемата птица, поголемиот собрат, кој ни дозволува да се одмориме на Неговиот грб кога сме очајни, кога нашата сила е при крај за целосно да не ја изгубиме храброста. Треба само да веруваме и да знаеме дека овој живот не е вечен, дека е полн со тешкотии, но тие ќе поминат. И ако се фокусираме на Христос, ако имаме вера, нашите животи ќе се одвиваат полесно. Затоа, ќе постапиме доста умно ако веруваме. Во спротивно, ќе мислиме дека нема кој да ни помогне, а патот ќе ни биде многу тежок. Исклучително е важно да имаме околу нас луѓе кои не сакаат, исклучително е важно да ги сакаме другите. Но, мораме да сфатиме дека единственото нешто што може да ни даде храброст е љубовта кон Бога. Затоа што луѓето што ги сакаме порано или подоцна повеќе нема да бидат со нас, и тогаш ако ни недостасува вера, ако не веруваме во Бог, нема да можеме да го подигнеме нашиот дух. Затоа, ако сакаме да имаме вера, ако сакаме да веруваме во Бог, што треба да правиме? Што треба да направиме за да го познаеме Бога и да имаме посилна вера?

Hristos.Spasuva7


             Ќе ви кажам една многу едноставна приказна. Еден богослов умрел и завршил пред портите на рајот, но за да го пушти, пазителот на дверите го прашал: „Го познаваш ли Христос?“. „Секако дека го познавам Христос“, одговорил богословот. „Цел живот го проповедав Христа“. Имам дисертација за Христос - дисертација по Христологија. Секако дека го познавам Христос“. Но вратарот му рекол: „Застани настрана“. Потоа умрел еден епископ. Кога застанал пред пазителот на дверите, тој му го поставил истото прашање: „Го познаваш ли Христос?“. „Секако дека го познавам Христос“, одговорил епископот. „Цел живот му служев на Христа“. Ги служев светите тајни и Божествената Литургија. Секако дека го познавам Христос“. Но, вратарот рече: „Застани настрана“. Потоа починала една баба. Била неписмена бидејќи никогаш во животот не била на училиште. Кога застанала пред пазителот на дверите, тој и го поставил истото прашање: „Го познаваш ли Христос?“. А таа одговорила: „Кој не Те познава, Господи?“.
           Значи за да го познаеме Христос, да имаме вера и да не ја изгубиме храброст, не ни требаат дипломи, не ни треба образование. Сè што ни треба е да го сакаме Самиот Христос и тогаш каква и да нè снајде тага, таа ќе помине. Какви искушенија и да ни се случат, тие ќе исчезнат и конечно ќе откриеме дека сме Го познале Христа, односно ќе откриеме дека сме во царството Божјо.
       Ова е сè што посакувам на сите нас и се надевам дека сите ќе го запознаеме Христа и во свое време ќе влеземе во царството Божјо.


9 октомври 2022 година


Автор: епископ Емилијан (Кутузис) Мелојски
Извор: Orthodoxy App, веб апликација на Грчката православна архиепископија на Австралија / bogonosci.bg

За Преминпортал Симеон Стефковски

 

2023g