Lebed..ipilinja

Трите услови за правилен духовен живот

                  Секој чекор во духовниот пат на православниот христијанин е одреден од три незаменливи услови.

Првиот услов е патникот што тргнал по Патеката да биде член на Црквата.

Духовното патување се презема во заедница со други луѓе, а не во осаменост. Православната традиција исклучително силно го нагласува црковниот карактер на вистинското христијанство. Според зборовите на Алексеј Хомјаков:

„Никој сам не се спасува. Тој што е спасен е спасен во Црквата, како нејзин член и во единство со сите други членови. Кога некој верува, тој е во заедница со верата, кога некој сака, тој е во заедница со љубовта, кога се моли, тој е во заедништво со молитвата“.

Или, како што забележува о. Александар Елчанинов:

„Незнаењето и гревот се карактеристични за осамените индивидуи. Само во единството на Црквата овие дефекти се надминуваат. Човекот го наоѓа своето вистинско јас само во Црквата – не како беспомошен духовен осаменик, туку во моќта на општењето со своите браќа и со својот Спасител“.

Се разбира, има многу луѓе кои со својот ум ги отфрлаат Христос и Неговата Црква или пак никогаш не чуле за Него, но дури и без да се свесни, длабоко во нивните срца и во своите животни постапки тие можат да бидат вистински слуги на Единиот Бог. Бог е во состојба да ги спаси дури и оние кои никогаш во текот на нивниот живот не припаѓале на Неговата црква. Но, гледајќи ги нештата од наша гледна точка, тоа не ни дава за право да кажеме: „Немам никаква потреба од Црквата“.

Во христијанството не постои духовна елита, која е ослободена од обврската за целосно учество во Црквата. Осамениот пустиник ѝ припаѓа на Црквата исто како и градскиот занаетчија. Аскетскиот и мистичен пат, иако од една страна е „полет на самите кон Самиот“, во исто време е исклучително социјален и ориентиран кон заедницата. Христијанинот е човек кој има браќа и сестри. Тој припаѓа на едно семејство – семејството на Црквата.

Духовниот пат претставува не само живот во Црквата, туку и живот во таинствата.

Како што јасно истакнува Никола Кавасила, Светите тајни го сочинуваат нашиот живот во Христа. Овде повторно нема простор за елитизам. Не треба да мислиме дека има една патека за „обичниот“ христијанин – патеката на општото богослужение, чиј центар се таинствата – и друга патека за малкумината избрани, повикани на внатрешна молитва. Напротив, постои само една единствена патека – патеката на Светите тајни и патеката на внатрешната молитва, и тие претставуваат и формираат една целина.

Никој не може да биде вистински христијанин ако не учествува целосно во таинствата, исто како што никој не може да биде вистински христијанин ако гледа на нив како на механички ритуал. Отшелникот во пустината може да се причестува поретко отколку христијанинот во градот; сепак, тоа ни малку не значи дека таинствата се помалку потребни за пустиножителот. Ова само значи дека ритамот на неговиот евхаристиски живот е различен. Бог, се разбира, може да ги спаси и оние кои никогаш не биле крстени. И ако Бог не е обврзан со таинствата, сепак ние сме.

Како што забележува свети Марко Подвижник, целата полнота на подвижничкиот и на мистичниот живот е содржана во Светата тајна Крштение; колку и да напредува човекот на Патот, сè што ќе достигне е по целосно откривање на крштелната благодат.

Истото може да се каже и за Светата Причест. Полнотата на аскетскиот и мистичниот живот е продлабочување и реализација на нашето евхаристиско единство со Христа Спасителот. Во Православната црква, причеста почнува да им се дава на децата од моментот на крштевањето. Ова значи дека најраните сеќавања што еден православен христијанин ги чува за Црквата се скоро секогаш поврзани со примањето на Телото и Крвта Христови; и последното свесно дејство во неговиот живот, според неговите искрени надежи, повторно ќе биде примањето на Божествените дарови. И така, неговата опитност во Светата Причест продолжува во текот на целиот негов свесен живот. Пред сè, преку Причеста, христијанинот станува едно со и во Христа, станува „охристовен“, „обожествен“ и „обожен“; најмногу преку Евхаристијата тој ги прима првите плодови на вечноста.

„Блажен е оној што го јадел лебот на животот, кој е Исус“ – пишува свети Исак Сириски. „Уште во овој свет тој го дише воздухот на воскресението, во кое праведниците ќе се радуваат кога ќе воскреснат од мртвите“. „Секој човечки порив тука ја достигнува својата крајна цел“ – вели Никола Кавасила. „Зашто во оваа тајна ние го примаме Самиот Бог, и Самиот Бог станува едно со нас во најчудесното од сите можни соединувања. Ова е последната тајна: ништо не можеме да видиме надвор неа, и ништо не може кон неа да се додаде“.

Духовниот пат не е само црковен и таинствен; тој е исто така и евангелски.

Ова е третиот незаменлив услов за напредок на патеката на православниот христијанин. На секој чекор од патот, ние се обраќаме кон Бога за раководство, Кој пак ни зборува преку Библијата.

Според мудрото учење на отците од пустината „Старците зборуваа: Бог не сака ништо друго од христијаните, освен да го слушаат Светото Писмо и да го исполнуваат она што е напишано“ (Старците од пустината постојано даваат напатствија за неопходноста од духовен наставник кој ќе ни помага правилно да го применуваме Писмото).

Кога некој го прашал свети Антониј Египетски: „Кои правила треба да ги почитувам за да му угодам на Бога?“, Тој одговорил: „Каде и да одиш, Бог нека биде секогаш пред твоите очи; што и да правиш или говориш, земај пример од Светото Писмо; каде и да се населиш, секогаш биди подготвен да го напуштиш твојот дом. Запази ги овие три работи и ќе бидеш жив“.

„Најчистиот и најдоволниот извор за учењето на верата“, пишува митрополитот Филарет Московски, „е откровението на Светото Писмо“.

Владиката Игнатиј Бријанчанинов им ги давал следниве упатства на младите монаси, но неговите зборови подеднакво се однесуваат и на мирјаните:

„Уште од неговото прво влегување во манастирот, монахот мора да ја посвети целата своја грижа и внимание на читањето на Светото Евангелие. Тој мора толку внимателно да го проучува Евангелието, што тоа секогаш треба да биде во неговото сеќавање. Во секоја морална одлука, при секоја постапка, во секоја мисла, секогаш во неговата памет мора да биде евангелското учење. Проучувајте го Евангелието до крајот на својот живот. Никогаш не застанувајте. Немојте да мислите дека сте го проучиле доволно, дури и ако го знаете напамет“.

Епископ Калистос Вер

 

https://www.tiveriopol.mk/trite-uslovi-za-pravilen-duhoven-zivot/