TVIT688

Митрополит Иларион Алфеев:
Не е можно да се биде христијанин а притоа да не се оди во црква

                Грешат и се залажуваат себеси и другите луѓе, кои велат: „Господ е во мојата душа, најважно е да бидам добар човек“. Зошто ми се потребни сите тие ртуали, зошто е потребно да се молам на Бога, кога тој и онака знае сè? Зошто е потребно да се молиме на светителите, кога не ни се потребни посредници меѓу нас и Бога?“ Постои голема група луѓе кои се сметаат себеси за верници и ги наоѓаат сите можни причини да не одат во црква.

Да се има Бог во душата не е доволно за да се стане христијанин, - дури и многу од оние кои мислат дека Бог е во нивната душа, всушност го немаат Бог во душата. Да го имаш Бог во душата - значи постојано да се сеќаваш на Него и постојано да го насочуваш целиот свој живот кон Него, постојано да се обраќаш кон Бога преку молитвата и Тајните во Црквата. На тој начин, невозможно е да се носи Бог во душата без да се биде во Црквата.


Религијата на силните по дух
           Христијанството е религија за луѓе кои се силни по дух. Но, тоа не значи дека слабиот човек не може да се најде себеси во христијанската вера. Црквата е отворена за секого: во неа има место и за праведните и за грешните, за богатите и за сиромашните, за здравите и за болните, за силните и за слабите. Црквата му дава можност на слабиот да стекне духовна сила, да стекне духовна енергија, а на болниот - ако не се излечи од физичката болест, да најде сила во себе да ја поднесе со трпение и надеж на Божјата милост. Црквата помага на секого да ги поднесе искушенијата, несреќите и неволјите што го снашле.
          Црквата, како што говореа светите отци е духовно лечилиште - место каде човекот доаѓа да добие исцеление, пред се исцелување од грешниот начин на живот и грешните навики. Но, Црквата е - и училиште, кое е апсолутно незаменливо за човекот, кое не може да се замени со никакви книги, никакви научни дисциплини, бидејќи Црквата е училиште на духовниот живот. Таа школа му помага на човекот правилно да ги гради не само својот меѓусебен однос со Бога, туку и да гради меѓусебни односи со светот и луѓето околу него. Токму поради тоа, Црквата е извор на духовна сила и поради тоа Црквата може од човек со слаб дух да создаде човек со силен дух.

Најдете ја смислата на животот
            Денес, многу млади луѓе страдаат не затоа што немаат доволно пари, забава или некакви материјални вредности, туку затоа што им недостасува смислата на животот: имаат сè, но не знаат зошто живеат. Овој внатрешен конфликт води многу млади луѓе кон дрога, алкохолизам и неприроден начин на живот, а тоа се некои од причините не само за прераната смрт, туку и самоубиствата.
             Бесцелно, бесмислено постоење лишено од Бога, лишено од повисоко значење, а тоа значи и повисоки вредности - тоа е она што како краен заклучок му го предлага на човекот безбожниот секуларен свет. Денес, потрошувачкото општество им ги нуди на младите сите можности да ги задоволат своите материјални потреби. Земајте СЕ од животот - тоа е идеологијата на потрошувачкото општество. Како да заработите повеќе, да стекнете пари, успех, напредок во кариерата - ова се идеали кои меѓу другото им се нудат на младите. Не се откажувајте од ништо, не се ограничувајте во ништо, забавувајте се, уживајте во животот, бидејќи тој е краток и не забележувате како поминува младоста: ова е идеологијата по која живеат многу млади луѓе. Ние, православните христијани, сме должни да им помогнеме на тие луѓе да разберат дека е невозможно човек да ја најде смислата на животот, ако целата своја скала на духовни и природни вредности ја ориентира исклучиво на потрошувачката, успехот, кариерата, на постигнување на земнатата среќа и забава.
Ние сме должни и цврсто убедени, во што се состои и смислата на нашиот сопствен живот да им помогнеме на другите луѓе да живеат со одредена цел, која мора да биде духовно усовршување, за секој од нас да стане подобар, за околу нас како што рекол преподобен Серафим Саровски, да се спасат илјадници луѓе.


Младиот христијанин е повикан да биде мисионер
             Која е одговорноста на младиот христијанин во современиот свет? Секој христијанин е повикан да биде мисионер и апостол – млад и стар, здрав и болен, образован и необразован. Но, младиот човек затоа што има уште многу сила и енергија која не е потрошена на непотребни работи, може да донесе посебна корист за себе и за другите, ако со сета сериозност го сфати својот христијански повик.
         Еден млад човек денес е опкружен со многу искушенија, а идеологијата која владее со современиот свет остава малку простор за духовен развој на личноста, за човекот да ги отелотвори христијанските идеали во својот живот.
За да се биде солта на земјата и светлината на светот, потребно е да се има силно природно и духовно внатрешно јадро, а тоа не може да се стекне по пат на механичко одрекување од нешто.


cudo.rs / Подготвил С.Стефковски

03.07.2023 лето Господово