TVIT259

Чуда кои се случиле после прочитаниот акатист кон Богородица


Има многу, веќе објавени сведоштва за чудесната помош од Пресвета Богородица, постојат и цели книги со Нејзините чудеса, а овде би сакал да наведам две од многуте, кои се случиле после прочитаниот Акатист кон Пресвета Богородица.
          Познатиот свештеник Стефан Анагностопулос, познат брачен свештеник, духовник и автор на повеќе книги, сведочи за еден чудесен настан од времето на неговите родители, односно од почетокот на дваесеттиот век.
Во тоа немирно време многу разбојнички банди го ограбувале народот, па во една таква банда, постоел еден разбојник кој од мајка му бил научен, уште од мали нозе, секој ден да го чита Акатистот на Пресвета Богородица.
          Тој не убивал, но секојдневно крадел и грабал, се веселел со другите разбојници, но навечер редовно, како од навика, го читал акатистот. Поради овој негов мал подвиг Пресвета Богородица му го сочувала животот во многу опасни ситуации, а потоа и преку една средба со еден монах, му дала до знаење дека, благодарение на читањето на акатистот, таа постојано била над него и го пазела. Ова откровение го довело разбојникот кон покајание, и тој го оставил разбојништвото и си ја спасил душата.
И сето тоа благодарение на акатистот кон Пресвета Богородица.

            Второто чудо е од понов датум, а го раскажува една побожна  медицинска сестра од Атина. Настанот е од 2010 година, кога во  болницата бил примен 29-годишен пациент, биолог, кој боледувал од карцином кој целосно ги покрил неговите бубрези, како што се покажало на снимките.
И покрај хемотерапиите, на неговото тело се појавиле многу метастази од ракот. Во текот на болеста, имал видение, како да го видел пеколот и  еајот, нешто што го потресло многу, па сето ова ѝ го раскажал на  медицинската сестра.
А таа, бидејќи била воцрковена, му дала една бројаница, икона од Пресвета Богородица, и мала книшка со акатистот кон Пресвета Богородица, и го посоветувала да го чита акатистот секојдневно. Бил во тешка состојба, но го читал.
По неколку недели побарал свештеник за разговор, па го повикале отецот Силуан, кој служел во болничкиот храм. Младиот човек се исповедал.
          Потоа му препорачале да оди на операција во Америка, па отецот му нашол пријатели, кои се нафатиле да ги покријат трошоците. Но, таму се случило нешто неочекувано.
Новите снимки покажале дека нема никаква трага од ракот. Човекот дошол веќе излечен. Се јавил кај сестрата да ѝ го соопшти тоа. Потоа се вратил во Грција, и веднаш заминал на Света Гора, каде што станал монах, токму во градината на Пресвета Богородица, да живее во  покајание, благодарност и нејзнајност за светот.
Ете каква полза имаме, кога со вера го читаме акатистот.
            Затоа да се научиме да доаѓаме во црква на Акатистите, но и дома да се молиме, да ги читаме колку што можеме, не само кога сме во некаква неволја, туку и кога сме радосни, спокојни, да ѝ оддадеме чест на Богомајката, на Онаа која го роди нашиот Спасител, Господ Исус Христос.
Амин.

 

Извор: списание „Православна светлина
отец Јани Мулев