(Обновено)

(TVIT45

ЛИЧНИ ИСПОВЕДИ ОД СВЕШТЕНИЧКИОТ ЖИВОТ


          Ме праша еден човек, што имам доживеано во овие години откако сум свештеник.
Едноставно, би сакал да го споделам со вас одговорот што му го дадов.
Во основа, видов работи кои не ги очекував. Се збунував, се трогнував и ако даде Бог уште да живеам, веројатно ќе видам уште. Она што го видов и доживеав има еден наслов: „Противречности, преобраќање и изненадувања“.
Водев такви богословски дискусии со млади луѓе кои носеа обетки и тетоважи, какви што не сум имал со луѓе кои имаа здолништа до земја и коса собрана во прцол, и кои носеа костуми и класични чевли.
         Добив „медени“ лекции од децата од веронаука и „оцет“ од луѓе кои секојдневно месат просфори за во црква.
Запознав жени кои се фарбаат, но го имаа обоено своето битие со добродетели и добрина, а запознав и црковни жени кои немаа никогаш ставено шминка на своето лице, но имаа голема омраза и злоба.
Запознав луѓе кои глумеа пријатели, но штом ќе го свртев грбот, ножевите и кодошењата го достигнуваа својот врв.
Запознав луѓе на певница кои она што го пееја, не само што не го разбираа, туку и одбиваа да го стават тоа во нивното срце, додека, пак, други кои само со едно „Господи, помилуј“ ронеа солзи.
              Запознав „црковни луѓе“ кои имаа поголема врска со ѓаволот отколку со Христос. И луѓе кои можеби не знаеја што се случило на Првиот вселенски собор, но нивното срце знаеше само љубов и ништо друго.
Луѓе во мантија кои при средбите или телефонските разговори те ословуваат како „брате мој, возљубен“ и на почетокот тоа звучи срдечно, но со текот на времето сфаќаш дека завист, злоба и интриги се кријат позади убавите зборови кои на крајот завршуваат во ветерот. Но, познавам и попови кои ги нарекувам браќа и за нив срцето ми се топи како за мојот роден брат.
            Запознав и познавам луѓе кои го сакаат и човекот позади мантијата, а не само човекот со мантија. Тоа се луѓето кои остануваат во мојот живот и со кој секојдневно контактирам. Тоа се малкумина, но доволен е и еден дијамант за да свети, нема потреба од многу.
Запознав многумина кои конечно сакаа нешто од мене, но не и мене, но не е важно. Го велам ова само како констатација.
Запознав „црковни луѓе“ кои престанаа да ме поздравуваат само затоа што се вакцинирав и ме нарекуваат „предавник на верата“.
Запознав луѓе кои позади тоа „благословете отец“ конечно подразбираа „ќе те уништам, отец“. Но, големите крстови, просфорите и исповедите беа нивно секојдневно занимање. Но, само површно.
                Запознав луѓе Божји кои беа потполно нечујни. Во еден агол. Без многу зборови и паради. Луѓе со добар збор, далеку од кодошења и интриги. Луѓе на молитвата и љубовта, на простотата и внатрешната убавина. Некои душички кои овде ги нарекуваме „изгубени“, но во Царството Божјо ќе имаат ВИП место.
Една работа сфатив или почнав да ја сфаќам. Нешто што ми го кажа еден пријател свештеник: „Не очекувај, отче, ништо од луѓето. Луѓето само рани ќе ти принесуваат постојано, како дарови. Држи се само за Христа. Он е единствениот Кој те љуби и никогаш нема да те предаде. Остај ги луѓето да велат дека има Бог“.
Личен животен заклучок:
             Кога слушам за црковни луѓе или за човек кој има врска со Црквата и тоа го разгласува, се држам на дистанца колку што е оддалечена земјата од месечината, па и повеќе. Исто така и кога слушам за големи крстови, добротољубија и 500 бројаници среде супер маркет. Кога многу ти ветуваат, мала торба понеси. Со неколку зборови, луѓето на Христос се оние кои не се покажуваат, но блескаат со молчењето и нивното сведоштво. Луѓе на радоста и на благодарноста, на славословието и на прегратката.
И уште една мала поука.
              Човек кој верува на она што трети луѓе му го кажуваат за тебе, а не ти верува тебе, таквиот да го држите на дистанца во светлосни години, исполнувајќи ја така светоотечката поука: „Бегај и спаси се“.
Ова се дивите убавини на свештеничкиот живот. Полни со откровенија и изненадувања.
Единствено прибежиште е молитвата и човекот кој те чека кога ќе се вратиш дома…


Отец Спиридон Скутис


Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев
Православна светлина бр. 64
https://crkvaveles.wordpress.com/.../%d0%bb%d0%b8%d1.../...

 Јануари 2023 лето Господово