TVIT52Животниот теснец на ликот и личноста на Саровскиот пустиножител проникна во душите на многумина, будејќи ги да размислуваат за краткоста, кратковременоста, ништожноста, на минливоста која постои во прекрстување на рацете кои на своите гради ги поставува човекот.

ЗА САРОВСКИОТ ПУСТИНОЖИТЕЛ

TVIT53

        Помеѓу животот и смртта, помеѓу раѓањето и умирањето, една нитка, една мисла протатнува и збор известува: причина, зошто?
Време поминало налик на музика, сага која ја отсвирил мал квартет, но, на кочија подигнат и влечен од два пара коњи со брзина која ветрот неможе да ја измери. Точка.
Точката би ја задебелиле, за да може бојата да ѝ ја видиме, боја темна, боја црна, а пак над неа со килибар поминато, притиснувајќи нежно и посилно, радосно и таговно, со мекост и силина – се додека темното не стане сјајно. Тогаш кога време поминува од тој притисок и таа силина, чиниш искри излегоја од таа темнина чиј блесок ја совлада бојата и кога ќе се погледне од далечина, таа станала бела белина. На тоа личи онаа појава, кога духот ќе блсне од човека во очите на другиот кој прогледал, потпрен на молитвите од оној кој ја смисли сагата.
               Животниот теснец на ликот и личноста на Саровскиот пустиножител проникна во душите на многумина, будејќи ги да размислуваат за краткоста, кратковременоста, ништожноста, на минливоста која постои во прекрстување на рацете кои на своите гради ги поставува човекот. Кога Духот Свети на призив се допре до широчината на тоа срце човеково, најде простор и вселувајќи се повика: Авва Отче, а он обзнани до човекот кој во времето битисуваше: „Чедо, имај дух смирен и илјадници околу тебе ќе се спасат.“ Тоа беше повик, тоа е призив до секого кој сака да биде Христов, но мора да знае дека треба да има удел и во раѓањето, и во патот Голготски, за на крај да стане сведок на Воскресението.
Покажи ми дела на твојата вера, повикуваше светиот Максим Исповедник. Ние преку овој духоносец, си го исполнивме мозаикот кој е круг во кого е вметнат човекот. Човекот кој поглед треба со помош на благодтата Божја да избистри. Тој човек ќе повика кон другиот, соседот, ближниот: без Христа ништо не си.
             Затоа простите го разбраа, обременетите по трагата Негова тргнаа, смирените го возвеличија, а горделивите во својата смеа се натажија. Сето тоа само заради една реченица Серафимова: „Целта на христијанскиот живот е здобивање со Светиот Дух“. Нам пак, ни останува да заблагодариме на подвигот кој овој духоносец, Христов ученик го имаше, стана дел од оние на чиј род Господ го предава царството небесно. Благодариме и сега, во секое време и на секое место, заради него можеме да се поздравуваме: Христос воскресе радости моја!
По неговите свети молитви, Господи Исусе Христе, Сине и Слове Божји, помилувај ги нашите души! Амин!


Сестринството на Слепченскиот Манастир

15ти јануари 2023 лето Господово