TViTer563

ПРАВОТО НА ГРЕВ

           Сè има свој почеток, вклучувајќи го и гревот. Доволно е да го направите првиот чекор, а потоа, сè се движи како на тобоган - побрзо и побрзо. Понекогаш свесно грешиме „малку“, „умерено“, „пријатно“, а потоа се впуштаме во она што е безгранично страшно. Но, Бог нè создаде како слободни и затоа имаме право да правиме што сакаме, вклучително и да грешиме. И тука е чудната работа! - ова право го користиме најчесто.

           Секој христијанин кој живее одговорно, кој се труди да размислува, на овој или оној начин се обидува да стражари над себе и неминовно порано или подоцна почнува да забележува одредени законитости: што и како влијае на неговата духовна состојба, од што зависат неговата цврстина и постојаност во добродетелите , и наспроти тоа, склоноста кон пороците. И, се разбира, не може а да не анализира: зошто повторно паднал во гревот кој веќе станал одвратен за неговата душа, за кој се покајал, десетина, а можеби и стотина пати, за што се заколнал и цврсто ветил дека ќе престане да го прави. Притоа ветил на Бога, и на свештеникот и на неговите ближни, кои ги нервира овој грев. На крај, се разбира, си ветил и самиот себеси си.
           Човекот гледа, сфаќа кога веќе е доцна, како се протега овој несреќен синџир - од нешто сè уште сосема невино, од некоја вистинска ситница, сè до падот што предизвикува неподнослива болка на целото негово битие. Прво, помислата дека е многу уморен, дека веќе нема сила да живее вака, да го прави тоа, дека конечно треба да се одмори, да се опушти... Не, не - да се моли, не - да чита, бидејќи тоа е напор за кој  што тој не сака ни да  помисли. Само да легне малку, да не прави ништо, да гледа некоја бескорисна серија, затоа што тоа толку ја опушта главата, ја ослободува напнатоста.
            Тогаш станува јасно дека главата не е растеретена, дека напнатоста не отишла никаде, пред очи играат некои слики од бездната на телевизиската програма, нејасни, хаотични мисли кои ја протегаат свеста во различни правци, срцето е нападнато со многу различни помисли. И се чувствува некаква вознемиреност, некаков немир... Доаѓа помисла дека тоа е грешка - дека требало да се мине времето во молитва, или во краен случај - едноставно да се легне и  да се заспие. Но, се провлекува и втора мисла: „Сега е доцна...“ А темнината се крева како оловен облак. Нозете сами одат до фрижидер, а таму после “гослакот” останало уште нешто - новоотворено шише коњак... А потоа уште поголема вкочанетост и горчлива свест за тоа дека човек треба повторно да оди на исповед и повторно да се покае за истото како некој луд човек. И ако тој не е навистина безумен, во секој случај- тој е апсолутно безволен . Ова им се случува на оние кои имаат долгогодишни и проблематични односи со зелената древна змија.
            Или... Или човек гледа дека неговиот колега прави нешто погрешно. И тоа го прави со таква сигурност, со чувство дека е вистински професионалец. И затоа сака да ‘’му одбруси’’ се што има во врска со тоа... Но, искуството му шепоти: и неговиот пријател е исто толку темпераментен, а ти не знаеш како да му кажеш без да го навредиш. Подобро молчи. Не, ќе му кажам - негова работа е дали ќе се навреди или не, сам си е крив, каква врска има тоа со мене? И тргна работата, паднаа такви зборови, за кои во минатото би  имало и двобој. А сега, поради некое чудо е избегнат. Повторно доаѓа унинието и помислата: „Ете, пак истото!“ Ова им се случува на оние кои имаат проблеми со јазикот. А кој ги нема?

TViTer564
           Или... Или треба да се подготвите за испит, а во компјутерот има симната книга од Интернет која едвај чекате да ја прочитате. Барем една страница да прочитате... десетина... уште едно поглавје за читање до крај... И одеднаш се испоставува дека денот поминал, и настапила вечерта, а ноќта летнала.. А учебниците и скриптата, каде што беа отворени, таму и останаа отворени. И човек не знае што да каже на испит, како да одговори, што воопшто да бара таму. Дали треба да бара некој што ќе му шепне, ќе го извади или ќе бара од професорот „шестка“? Во принцип, да се срами ...
           Секогаш постои почеток на гревот, без кој не би постоел самиот грев. Доволно е да го направите првиот чекор, а потоа, сè се движи како на тобоган - побрзо и побрзо. Во принцип, шемата е јасна. Нешто друго не е јасно: како се случува да знаеме, многупати сме се увериле во сето тоа, од сопственото горчливо искуство     и сè уште го правиме првиот чекор? Затоа што знаеме до што најверојатно тој ќе не доведе... Излегува дека едноставно си даваме право... да грешиме.
          Понекогаш самите се убедуваме дека сме станале многу поискусни, посилни, похрабри и дека она што порано нè наведувало да паднеме, сега нема да влијае на нас толку погубно. Меѓутоа, нашето срце ја чувствува измамата и ние едноставно се „свртуваме“, „не забележувајќи“. И понекогаш грешката „малку“, „умерена“, „пријатна“ ја правиме сосема свесно, а потоа се впуштаме во она што е безгранично страшно. Понекогаш „конечниот“ грев не го правиме затоа што не можеме да се контролираме, туку затоа што едноставно си дозволуваме да го направиме. Кој не го знае тоа? Кој може да каже дека  секогаш се бори против искушението до крв?
           А ние навистина имаме право - да грешиме! Кој ќе ни го одземе? Бог не создал слободни и затоа имаме право да правиме што сакаме, вклучително и да грешиме. И тука е чудната работа! - ова право го користиме најчесто. Оние кои не се верници, го прават тоа едноставно, без размислување и без воопшто да проценат - најчесто. А ние, со помислата дека нужно ќе се покаеме - подоцна. И ни се чини дека сè што се случува е можеби неправилно, но во суштина е невино: затоа што сè е во наши раце - сега вака ја сфаќаме нашата слобода, но подоцна ќе направиме поинаку. Само тоа, се чини, го забораваме: користејќи го правото на грев секојпат, самите му даваме право на оној што не мрази, демонот. Грешејќи свесно, со сопствена волја, му даваме можност да не вовлече во грев дури и кога не го сакаме тоа. Не ја укинува нашата слобода до крај, но ја сведува на извесен минимум кога за спротивставување на искушението ни е потребен огромен напор, за кој често се испоставува дека не сме способни.
           А кога преку подвиг, преку пролевање на пот и крв, преку големи страдања, човекот по Божја благодат повторно ја добива својата поранешна убавина, се разбира, размислува: „Дали воопшто ми е потребно ова право – на грев? Можам ли без тоа?“ И навистина, блажен е оној што се лишува од ова право.

TViTer565
Игумен Нектариј Морозов


За Преминпортал Симеон Стефковски


Извор prijateljboziji.com/

TViTer562

Ноември 2022 лето Господово