3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

Ниту една етика не ја победува смртта…

Кога Христос ѝ простил на жената фатена во прељуба, барајќи од нејзините гонители да го фрлат каменот на гневот и сопствената моралната „чистота“, велејќи им: „Кој од вас е без грев, нека прв фрли камен на неа!”,Тој не спаси еден човек од смрт, ниту држеше лекции за добро однесување, туку откри една голема онтолошка вистина дека ниту еден човек не е апсолутно морален и совршен, за да има право да фрла камења по другиот, за да го истреби.
Христос бара од нас да не го судиме  или осудуваме ближниот, не затоа што тоа е лоша постапка и лошо однесување, туку затоа што ниту еден човек нема морално совршенство и чистота да го стори тоа. Сите сме темни и светли во исто време, морални и неморални, херои и предавници, односно бескрајно противречни.
Секогаш носиме страсти и немоќи, убави и грди моменти. Моменти во кои љубевме и моменти во кои мразевме, кога се надевавме и кога бевме разочарани, кога создававме, но и кога уништувавме. Колку е трагично да те сакам и мразам во исто време, но и колку е блескаво во часот кога те мразам да чувствувам дека те сакам...
Сите херои на Достоевски и Пападијамантис ја живеат оваа неверојатна човечка противречност да се биде грешен и свет во исто време. „Бев еден лош човек, но го сакав Бога“, вели Дмитриј во „Браќата Карамазови“.
Некој ќе праша - што треба да направиме, да ги оставиме неказнети злото и криминалците? Не. Христијанството во никој случај не го амнестира злото, ниту пак го поздравува лицемерието или моралниот елитизам. Можеби едно од решенијата би било да се користи методологијата на отците на Црквата, кои со почит ја разликувале човечката личност од гревот. Постапките од длабочините на човекот. Затоа што е многу јасно дека нашите постапки ја покажуваат и нашата висина, но нè не исцрпуваат нас како личности. Ние сме нешто повеќе од нашите постапки, а тоа го знаат само Бог и оние кои навистина не сакаат.
Овој свет не е рај, му требаат граници и некој мора да ги постави. Законите и правилата се потребни во едно човечко општество; спречувањето на злото, но и неговото казнување се дел од правната држава. Како христијани, сепак, не смееме да заборавиме дека човечката правда е сосема поинаква од Божјата правда. Зашто оние кои отишле “на периферијата” во овој живот веројатно ќе бидат во центарот на Неговото царство, а последните веројатно ќе бидат први. Искуството на Црквата ни кажува дека обично она што луѓето го фрлаат, Бог го прибира. Луѓето може да ве изолираат и осудат, но Бог нека ве прегрне и спаси.
Светителите на Црквата го сакаа секој човек, а особено грешникот, бидејќи преку просветлувањето на Светиот Дух навлегле  длабоко во човечкото срце и ја виделе неговата трагедија, рани и противречности. Коментирајќи ја мислата од свети Силуан Атонски: „Чувајте го умот во пеколот и не очајувај“, митрополитот Пергамски Јован напиша: „Држејќи го својот ум во пеколот, вие се смирувате, не психолошки, туку онтолошки, учествувате во бездната на небитието, каде што бевте пред Бог да ви даде битие.
Го чувствуваш отсуството на Бога како егзистенцијална празнина и таму, во таа празнина, го сретнуваш твојот праотец Адам како плаче и рида за загубата на Рајот. Така се поистоветувате со целото човештво, особено во неговата падната состојба, и идентификувајќи се со него во неговиот пад, стекнувате вистинско самоспознавање и престанувате да се гордеете со себе - ова е вистинско смирение - додека во исто време чувствувате сочувство за сите оние кои како тебе се грешни, вклучително и твоите непријатели, и затоа ги сакаш сите, не емотивно, туку егзистенцијално, не поради обврска да го правиш тоа поради некој морален императив, туку со учество во нивното постоење, во нивното одвојување од Бога, нивната смрт.

3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel


Грешниот човек страда. Тој се обидува на погрешни начини да најде радост и среќа. Секој грев е еден погрешен чин на слобода. „Животот со празнина не се издржува“, рекол свети Порфириј, па затоа нетрпеливо бараме да поставиме нешто  на местото на оваа егзистенцијална празнина. Но, ние немаме трпение и мудрост да ја вложиме вистината Божја, личноста Христова, во темнината која сака да стане светлина, и некаде таму започнува маѓепсаниот круг на страдање. Оваа човечка трагедија им била добро позната на светителите, па ги сакале грешниците затоа што ги знаеле нивните рани.
Овој свет, додека не го достигне исполнувањето и целосното манифестирање на Божјиот план, а тоа е Неговото царство, ќе живее со противречности. Тој ќе живее среде Божјата и човечката правда. Да се потсетиме на Пападијамантис и неговата приказна „Убиецот“, каде Франка на Јан, оваа трагична жена, станува убиец на мали девојчиња и ќе умре со куршумите на полицијата на грбот, но и со параклисот „Свети Состис“ пред нејзините очи. Зад неа, како и во минатото, е судот на законот, напред, како поглед на надежта, е Божјата милост.
Во историјата на овој свет, човечкото срце ќе биде растргнато во своите противречности, во светлината и темнината, во човечката и Божјата правда. Човечкиот закон ќе го суди нашето минато, а Божјата љубов ќе ја просветлува нашата иднина. Ниту една етика не може да ја победи смртта освен љубовта. И оваа љубов не е чувство или идеја, туку личност - Христос.


отец Харалампиј Пападопулос


Извор - zadrugata.com
За Преминпортал – Симеон Стефковски