■ Молитва пред одење во училиште
Милостив Боже, Ти си вечната премудрост и изворот на духовната светлина и на знаењето. Испрати ми ја благодатта на Твојот Свет Дух, за да се просвети мојот ум и моето срце и да биде отстранета од мене секаква духовна мрзливост. Зашто со Твојата благодатна помош полесно ќе го усвојувам полезното знаење, ќе го разбирам учењето што ни се предава, ќе бидам добар ученик, нема да се расејувам и нема да ги заборавам моите должности. Нека биде мојата душа секогаш отворена за добрата наука и за вистинското знаење. Со нив да го збогатам мојот ум, да го облагородам моето срце, да Те познавам Тебе - вистинската Мудрост и Добрина и да им послужам на блиските и народот мој. Амин!