Hristos.isteruva.demon.10.Pedesetnica

Секој брат кој мисли дека го победил чудовиштето, наречено депресија, без помошта Христова, треба да знае дека се мами самиот. Ѕверот спие и повторно ќе се разбуди со лоши последици.

Врзувањето на ѕверот со синџири не значи и дека сте го победиле. Проблемот сепак постои, вие само добивте малку време. Ѕверот рика и ќе се врати во првиот момент на беспомошноста. Депресијата е празнина на Божјото отсуство, кога тишината се исполнува со плач.

Православната психотерапија, преку покајание и поврзување со Христа, ќе го скроти ѕверот, ќе ве ослободи од него и вие повторно ќе можете да ги засадите цвеќињата на добродетелите во вашата душа.

Депресијата е страст од која треба да се ослободите. Оваа страст, отците подвижници ја нарекуваат „униние“ т.е. очајание. Според Навпактскиот митрополит Јеротеј „унинието – овој голем демон – ги парализира како телото, така и духовниот живот“.

Да видиме што вели свети Порфириј: „Денес се случува многу често човек да чувствува тага, очај, летаргија, мрзеливост, униние и други слични сатански дела. Да биде тажен, да плаче, да биде исполнет со меланхолија, да не обрнува внимание на семејството, да троши огромни пари на психотерапија, да зема лекови. Овие нешта луѓето ги нарекуваат „несигурност“. Нашата религија, пак, учи и прифаќа дека тие доаѓаат од искушувачот“.

Болката е онаа душевна сила, што Бог ја вложува во нас, за да нè насочи да правиме добро, да создаваме љубов, радост, молитва. Наместо тоа, ѓаволот успева да ја земе оваа моќ од батеријата на нашата душа и да ја искористи за зло, па ја претвора во депресија и нè води во летаргија и очајание. На тој начин, тој го измачува човекот, го прави негов заробеник и го разболува душевно.

Постои една тајна: мораме да го претвориме сатанското дејство во нешто добро. Сепак ова не е толку едноставно, бидејќи е нужна одредена подготовка.

Подготовката бара од нас да стекнеме смирение. Преку смирението ќе ја примиме Божјата благодат, ќе се предадеме на Божјата љубов, на служењето на Бога, на молитвата. Но, и сето ова да го направите, сепак нема да постигнете ништо ако не сте го придобиле смирението. Сите лоши чувства – несигурноста, очајот, разочарувањето, кои сакаат да ја освојат душата, минуваат низ смирението. Оној што нема смирение, егоистот, не сака да му ја отсечеш волјата, да влијаеш врз него, да го советуваш. Тој е вознемирен, нервозен, се спротивставува, го обзема депресија. Оваа состојба се лекува со благодатта.

Нужно е душата да се сврти кон Божјата љубов. А исцелувањето ќе се случи тогаш кога ќе го возљубиш Бога и ќе почнеш да копнееш по Него.

Многу светители ја претворија депресијата во радост преку љубовта кон Христа. Кога ќе се соединиш со Бога и ќе Му се предадеш… сето тоа поминува. Постепено забораваш на неа и се спасуваш.

Големата умешност и големата тајна во ослободувањето од депресијата, и сѐ што е негативно, се состои во препуштање на љубовта Божја. Во Црквата постои исцеление преку љубов и молитва, но тие постојат само преку жед и копнеж. Ова е тајната на исцелението. Ваков е пристапот на Црквата.

Старец Пајсиј рекол: „Себичноста води кон тагата; кон онаа тага што не е од Бога. Тагата за Бога води кон покајание. Тагата која не е од Бога води до очајот. Себичноста секогаш носи тага и вознемиреност. Лукавиот „сака да нѐ види натажени за тој да се радува… Злобниот не сака никој да биде радосен“.

Себичноста му ја отвора вратата на злото за тоа да влијае врз нас, фрлајќи нѐ во депресија и во таканаречените „психолошки проблеми“.

Старецот Порфириј велеше: „Главната причина за депресијата и за сите оние примамливи сатански нешта, како што се летаргијата, унинието, мрзеливоста, кои се придружени и со други психолошки проблеми, е тоа што во себе имате голема себичност “.

Остава впечаток тоа што старецот сите горенаведени психолошки проблеми ги нарекува примамливи, односно демонски дејствија и влијанија.

Себичноста, т.е. гордоста, демонската попреченост, е причината за навлегувањето и дејствувањето на лукавиот во човекот. Влегувајќи во душата, тој ја исполнува со тага.

Ова го прочитав некаде и го споделувам со вас: депресијата е незадоволство на душата од фактот дека ѝ недостасува Христос.

Отец Спиридон Скутис

 Hristos.demonite

Извор:

https://www.tiveriopol.mk/depresijata-e-praznina-na-bozjoto-otsustvo/?fbclid=IwAR30KbZROzBdn2gu9LqEWjOO4_N9jPqF3BKAtW_RZMXJrV-A9huVQh6zt98