Еден човек по име Јован бил поразен од гревот и станал крадец. Уште повеќе, тој станал и предводник на една разбојничка дружина од сто крадци, но сепак длабокот ја почитувал Богородица. Секое утро и вечер го читал Канонот кон Пресвета Богородица.
Сакајќи да го спаси поради неговата голема почит кон Богородица, милостивиот Бог испратил еден свет монах да биде запленет од дружината на разбојникот. Штом паднал во нивните раце, монахот им рекол: „Ве преколнувам, однесете ме кај вашиот водач, имам да му кажам нешто за ваше добро.
“ Тие го послушале и го однеле кај својот водич. Монахот му рекол: „Викни ги сите твои луѓе да дојдат тука, за да ви кажам нешто.“
Разбојникот ги викнал, и тие дошле. Но, монахот рекол: „Нема ли уште некој?“
– Има, еден готвач – одговорил главниот крадец. – И него викни го.
Штом дошол готвачот, тој го криел неговото лице и не можел да го погледне монахот во очи. Тогаш монахот пристапил до него, и му рекол: „Во името на нашиот Господ Исус Христос ти заповедам да ми кажеш кој си, кој те испратил и што бараш тука!“
Готвачот му одговорил и рекол: „Јас сум лажго кој секогаш зборува лаги. Но, бидејќи ме обврза во името Христово, не можам, а да не зборувам вистина. Јас сум ѓавол и бев испратен од мојот господар да работам за водачот на оваа дружина, и да чекам ден кога тој нема да го прочита Канонот кон Богородица – во истиот тој ден да го заробам во пеколот. Веќе четиринаесет години пазам на него, и немаше ден, а да не ѝ се помоли на Богородица.“
Монахот одговорил: „Во името на Света Троица ти заповедам да исчезнеш и веќе да не ги искушуваш христијаните“. И во истиот момент ѓаволот исчезнал како чад.
Тогаш монахот ги поучил крадците. Некои од нив станале монаси, други се ожениле и правеле добри дела, спасувајќи се.
Затоа и ве поучувам, вас, чеда, да го научите Молебниот канон кон Пресвета Богородица, и да се молите со него.


Свети Козма Етолиски

 

SV.Kozma.Etolski

Свети Козма Етолски рамноапостолен

Рамноапостолниот Козма Етолски е роден во 1714 година во Етолија, Грција. Татко му бил ткајач, мајка му била многу побожна. Тој се образувал во родното место најпрво под раководство на архиѓаконот Ананија Дервишан, а потоа го завршил своето образование на Света Гора Атонска, во Ватопедското школо, кај познатите учители од тоа време, како Николај Царцулија и Евгениј Вулгарис. Останувајќи на Атон во манастирот Филотеу заради растење во духовните трудови, тој таму бил пострижан за монах со име Козма, а потоа бил ракоположен за јеромонах.

Неговиот стремеж да ги научи на патот кон спасението и да ги укрепи во верата своите браќа христијани го поттикнал светиот Козма да побара благослов од духовните отци и да замине во Цариград. Таму се обучил на говорништво и откако добил писмена дозвола од патријархот Серафим II (а подоцна и од неговиот наследник Софрониј) да го проповеда Светото Евангелие, почнал најпрво да проповеда во цариградските цркви и околните села, потоа во Солун, Верија (Бер), Македонија, во областите Химара, Акарнанија, Етолија, на островот Лефкас, Кефалонија, Албанија и други места. Патувал пеш, на магаре или со брод. Неговата проповед, исполнета со благодатта на Светиот Дух, била проста, спокојна и кротка, им принесувала на христијаните голема духовна полза. Како и на Своите свети апостоли, Самиот Господ му помагал и го потврдувал неговото слово со знаци и чудеса. Проповедајќи во Албанија, во оние оддалечени места, каде што христијанската побожност била речиси изгубена, среде здивените и огрубени луѓе, кои пропаѓале во гревови, светиот Козма со Словото Божјо ги приведувал кон искрено покајание и поправање.

По негови упатства во селата се отворале црковни школи, повеќе од 200; се создавале домови и цркви. Богатите ги дарувале своите средства за изградување и украсување на црквите, за купување на свештени книги (коишто светителот им ги подарувал на писмените луѓе), марами (за да одат жените со покриени глави), крстови и бројаници кои им ги раздавал на обичните луѓе. Бидејќи црквите не можеле да ги соберат сите оние кои сакале да го слушаат мудриот проповедник, свети Козма со соборот од свештеници извршувал бденија во полињата, на плоштадите, каде што илјадници луѓе се молеле за живите и покојните и се поучувале од неговите поуки. И насекаде, каде што останувал светиот Козма и каде што проповедал, благодарните слушатели издигнувале големи дрвени крстови, кои останувале како споменик за неговото дело.



Добивајќи од Бога дар за пророштво, свети Козма го претскажал појавувањето на телефоните, авионите и воздушните бомбардери. Неговото 25-годишно апостолско служење завршило со маченичка смрт во август 1779 година во Албанија. На 65-годишна возраст по наговор на Евреите тој им бил предаден на Турците и бил удавен.

Неговото тело било фрлено во реката, а по три дена било најдено од свештеникот Марко и било погребано во Ардевускиот манастир посветен на Воведението на Пресвета Богородица. Понатаму честички од неговите свети мошти се распространиле низ цел свет.

Неговата канонизација била извршена од страна на Цариградскиот патријарх Атинагора во 1961 година, а како ден за празнување бил одреден 24 август/6 септември. По неговите свети молитви Бог да ни даде апостолска ревност и пожртвуваност. Амин.

Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев

 

https://crkvaveles.wordpress.com/2020/09/06/kozma-etol/