Aleksandar.N.sv.Haralampij

Светата тајна Исповед не може да постои самата за себе. На неа секогаш ѝ претходи искрено и длабоко покајание, без кое исповедањето не би имало некакво значење.

Гревот ја има таа сила и моќ да нè одвои од Бога, од небото, од вечниот живот и во исто време да нè испрати во пеколот, во вечната смрт. „Плата за гревот е смртта“ – нè опоменува светиот апостол Павле. Според тоа, гревот се покажува како најголем, дури и единствен противник и непријател на нашето спасение.

Што всушност претставува гревот? Едноставно кажано, гревот е состојба кога некој мисли, говори или го прави она што Бог го забранува со Своите заповеди или, пак, кога не мисли, не говори и не го чини она што Бог ни заповеда да го правиме. Гревот значи не е само престапување на заповедите Божји туку е и неисполнување и не правење на истите. Гревот не е само чинење на зло, туку во исто време е и неправење на добро.

Значи ако е точно дека не постои човек што живее, а да не згреши, и ако само гревот нè лишува од спасението и нè одвојува од Бога, тогаш е точно и тоа дека нема друг пат и начин за очистување од гревовите и за враќање кон Бога, освен преку Светата тајна Исповед и преку покајание. Во оваа Света тајна човекот се чисти од сите оние гревови кои ги направил после Светото Крштение, заради што честопати таа се нарекува и второ Крштение, односно потопување и преумување во солзите на покајанието.

Покајанието е аголен камен на духовниот живот и на нашето спасение. Спознавањето на својата грешност, тагата за тоа што со гревови сме го навредиле Бога, одлуката да направиме една суштинска промена во нашиот живот и смиреното приоѓање кон Светата тајна Исповед пред свештеникот, односно духовникот, преставуваат самиот почеток на нашето спасение.

Се поставува прашањето: кому и пред кого треба да се исповедаме? Одговорот е пред живиот Бог, од Кого ништо на овој свет и во нашите животи не е скриено, а се разбира и пред неговиот посредник – свештеникот (духовникот). Тајната на исповедта ја востановил Самиот Господ, велејќи им на Своите ученици: „Примете Дух Свети, на кои ќе им ги простите гревовите ќе им бидат простени и на небото, а на кои ќе им ги задржите, ќе им бидат задржани и на небото“. Ова право на „простување и задржување“ на гревовите на луѓето кои се каат и исповедаат се пренесувало од апостолите, преку Светиот Дух, на сите нивни наследници, на епископите и свештениците, до денешен ден. Така семудриот и човекољубивиот Бог направил, и покрај сеопштата грешност на луѓето, спасението да биде достапно и остварливо со посредство на Светата тајна Покајание и Исповед.

Исто така се поставува прашањето: кога е потрeбно да се исповеда православниот христијанин? Одговорот е секогаш кога за тоа ќе почувствува потреба. Кога ќе стане свесен за некој свој пад, за својата грешност, а особено кога гревовите ќе почнат да му пречат во животот. Никогаш покајанието не смее да се одложува „за утре“, за „подоцна“, за „стари денови“. Денешниот ден е сè уште во наша власт, а утрешниот е во Божјите раце. Никој од нас не може да биде сигурен дека утрешниот ден ќе ни биде даруван.

На крајот, треба да знаеме уште нешто, а тоа е: како треба да се исповедаме? На исповед треба да се навикнеме, треба да се научиме. Како што сите вештини во животот се учат со пракса, така се учи и самото исповедање. За тоа ни помагаат некои наши духовници и исповедници. За самите почетници, еве неколку од нив посочени практични совети:

    Пред самата исповед, најпрво треба да се сетиме на сите свои гревови, испитувајќи го својот минат живот, сè до најраното детство.
    Гревовите свои треба да се исповедаат отворено, темелно, без срам и самоправдување, знаејќи дека се зборува не на човек, туку на самиот Бог.
    При исповедта не смееме да вмешуваме други личности, да не се жалиме на никого и да не се правдаме себеси за направените гревови.
    Без прашање на духовникот не треба да зборуваме за тоа што не сме го грешеле, што не сме го правеле, за да не бидеме слични на евангелскиот фарисеј.
    Со понизност и смирение во срцето ќе треба да пристапуваме кон исповедта.
    Гревовите треба да се исповедуваат со вера во Исуса Христа и со надеж во Неговото милосрдие. Зашто само така ќе добиеме простување на своите гревови.

Aleksandar.N.sv.Haralampij

Покајанието и исповедта се составен дел на нашиот личен подвиг. Покајанието буквално значи да се промени нашето мислење, а со тоа да се промени и нашата личност, се разбира кон подобро. Преку покајанието најмногу се гледа и се манифестира Божјата љубов и трпение. Ние луѓето заради својата несовршеност честопати знаеме да застраниме од патот на вистината, а добриот Бог секогаш ќе најде начин да ни се открие и да нè врати во Својата пазува. Ако гревот е основно и егзистенцијално промашување во животот, тогаш покајанието е методот со чија помош повторно ја воспоставуваме нарушената и промашената заедница со Бога. Покајанието никогаш не завршува, за нас христијаните покајанието е начин на живеење и начин на постоење.

 

Извор:

https://www.tiveriopol.mk/kako-treba-da-se-ispovedame/?fbclid=IwAR3M5fOIBLHDbk5wNYlQsZiIjuV7bTlK7fPseNftsIuu_M9qGjchZInQWtk