3.angeli.so.truba
    

Периодот пред Пасха, Великиот Пост низ кој врвиме раѓа или треба да роди едно посебно чувство во нас. Најубавата свечена химнографија на овој период, многуте литургиски заедничарења и посниот подвиг нѐ повикуваат да се собереме во себе си, да ги спознаеме своите слабости, непристрастно да се процениме и да тргнеме по патот на искрено покајание.

Многу луѓе не сакаат да го забележат значењето на овие денови и го продолжуваат своето монотоно секојдневие. Иако велат дека животот ги заморува, тие не прават ниеден чекор кон некаква суштинска промена.

Држат строги диети, но не постат. Одат на психијатар и седат пред телевизорот со часови, но не одат на исповед ниту во црква. Луѓето денес не сакаат да даваат туку само да земаат, без труд или лична жртва. Се плашиме да се погледнеме едни други во очи. Систематски го избегнуваме ова, содзавајќи си немир во себе.

    Великиот Пост е како своевиден рендген, како фотографски апарат, како огледало. По малку ни е одбивен, бидејќи ни ја открива нашата скриена реалност.

Денес духот на консумеризмот, луксузот и гордоста го прави човекот заробеник на многуте непотребни нешта со кои што си го исполнил животот. Великиот Пост е прекин на оваа досадна рутина и преображение. Една молитва која што стотици пати се кажува на богослужбите во текот на посниот период, запишана од Св. Ефрем Сирин, нѐ поттикнува да ја оставиме мрзливоста, празната љубопитност, желбата за моќ и празнословие и да стекнеме мудрост, смирение, трпение и љубов. Ова прекрасна и многу значајна молитва завршува со искрена прозба кон Бога: „Дај ми да ги видам своите согрешенија и да не го осудувам својот брат.“ Односно, да го оставиме оговарањето, прекумерното анализирање и строгото и постојано осудување на другите и да се свртиме кон себе си, исправајќи ги сопствените слабости.

    Великиот Пост бара да се насочиме кон себе си и да се потрудиме за лекување на нашите духовни болести, кои го помрачуваат нашиот ум и го прават нашиот живот тежок и горчлив. Ако достигнеме до ова самосознание и покајание , тогаш Великиот Пост нема да биде мрачно и јалово време за нас, или едноставно време за исполнување на нашите „морални обврски“, туку можност да ги омекнеме нашите скаменети срца, која што ќе ни даде да се исполниме со љубов кон луѓето и кон Бога.

Прекумерното рационализирање на тешките времиња во кои живееме нѐ држи подалеку од сѐ што е мистично, исихастичко, свето, таинствено, надлогично и надприродно. Плодовите од оваа состојба веќе излегуваат на површина. Секаде постои меланхолија и владее очајот кој обземал многумина. Време е е да видиме од дното на нашето срце дека сме се оттуѓиле и дека сега е вистински момент да се вратиме во прегратките на Распнатата Љубов.

Често за време на Великиот Пост се соочуваме со искушенија, неволји, немир и падови. Овие се тука за да нѐ созреат, да ни помогнат да стекнеме смирение и незлоблива детска природа. Да не забораваме дека животот на Христијанинот е живот на распетие. Без распетие нема да има воскресение.

Великиот Пост е едно прекрасно време за подготовка, полу-мрачен ходник кој што не води кон одајата полна со светлина. Темелот на ова подготвително време е молитвата и постот. Но молитвата и постот без смирение и љубов не дава плод. Постот и молитвата се насочени против нашата себичност.

Ајде да не ја изгубиме оваа прекрасна можност што одново ни се нуди преку Великиот Пост, како што зачекоривме, така и да го довршиме. Во црквата сите наши проблеми наоѓаат решение. По студената зима, доаѓа пролетта. После триодот следи цветен триод. Облаците не траат многу, но после нив сончевите зраци се посјајни. И сега како што вели тропарот „дојде време за покајание и часот за молитва“.

✣✤✣

 

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/golemiot-post-i-negovite-mozhnosti/

17.03.2121