Не си ти оној кој се плаши. Не си ти оној кој се вознемирува. Не си ти оној кој трепери и полудува од неволјите и тешкотиите на секојдневието, туку тоа се улогите што си ги натоварил на себе, тие прават да се чувствуваш така. Ако го соблечеш костумот што тие ти го облекоа и ја скинеш маската што ја носиш, претставувајќи се за нешто што не си, тогаш ќе видиш дека ти никогаш не покажа страв; никогаш не почувствува меланхолија. Твојот немир не ти припаѓа тебе. Тој им припаѓа на твоите улоги. Не е твој. Ти си радосен. Духот, душата која живее во тебе не знае за немир и грижи, таа е дар Божји исполнет со светлина и радост. Грижата е одговор на лагата која ја живееш. Немирот е поради улогата која се обидуваш да ја играш, стравот – вина не заради тоа што си го направил, туку за она коешто си заборавил и откажал да го доживееш…

 



Не си ти оној што се плаши, но ти ги чувствуваш стравовите на оние што те одгледале. Родителите не се само биолошки реалности,  многу повеќе се душевни чинители. Во секој случај, душата не се раѓа со стравови и проекции. Во нас живеат нашите предци, како што кажа Свети Порфириј. Нашата мисија е да ги исцелиме.  

    ,,Од мерки за сигурност се заградивме со ѕидови, и ѕидовите се претворија во наш затвор‘‘
    (Коста Уранис)

Ако нешто Го трогнало и Го трогнува Христа, тоа се луѓето кои љубат. Оние кои имаат срце. Тие чувствуваат, страдаат, ја доживуваат болката, радоста, животот, грижите, сакањето и љубовта. Жените мироносици се првите кои Го виделе Воскреснатиот Христос, бидејќи тие имале силен копнеж за Него. Ја имале љубовта што го надминува стравот и несигурностите, оправдувањата и предрасудите. Го имале она срце, кое кога љуби не знае да брои, туку само да дава…

 

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/stravot-toa-ne-si-ti/