krst.ptica.jpg

I

Човекот се роди, од телесно тело,
Со невидлива душа, со топол пламен:
Сега пламенот е земен во далечните височини
Од невидлива рака во Земја незнајна
Од целиот човек одведен е пола;
Замина возачот, остана колата.

О, Творецу голем, што се случува со нас?
До пред малку очите светлеа како ѕвезди,
Рацете работеа а нозете чекореа,
И јазикот му пееше славопој на животот,
А сега еве го телото, без движење и дишење,
Без песна и тага, без страв и воздишки.

Ај човеку смртен, со што се гордееш:
Со убавината или знаењето, со славата или имотот?
Кога ангелот слетува, и душата ти ја зема,
Сите твои пофалби се како лански ветар,
Еве, празен кафез на одлетана птица,
Остана сенката што се нарекуваше лице.

Човекот се плаши и се срами да умре,
Се срами заради гревот, тоа семе на смртта
Адамово и свое, и од смртта се згрозува,
Но од смртта нема лекар освен Еден,
Па во смрттната агонија само кон Едниот се крикнува:
Помилувај ме Христе, Победнику на смртта!


II

Не плачете браќа, плачот не ми помага,
Но молете се Бог да ме помилува,
Да ми ги прости гревовите, да не ме осуди,
А јас себе не можам повеќе да си помогнам.
Книгата на моите дела за мене зборува,
Молете Го Христос пред да настапи судот да ја изгори.

Прелажан од светот, светот го засакав.
Го засакав сонцето, и ѕвездите, и цвеќињата,
И целата природа што не знае за љубовта,
Жив или мртов, за неа јас бев исто.
Христе, Ти ме љубиш повеќе отколку јас себе,
Прими ја мојата душа во близина Твоја.

О, светлино вечна, што гробот го осветлуваш,
И мртвите во свои граѓани ги вбројуваш,
Моето мртво тело на никој не му треба,
Доста е прав и без него во светот!
Но душата грешна извади ми ја од мракот
И спаси ја од адските страшни призраци.

Се оставам сега, и се ме остава,
За целиот свет сум мртов, и целиот свет за мене,
Како никогаш да не сум бил во светот.
Како чад и сенка се исчезна.
Единствена е реалноста: пред Судијата стојам,
Со целата душа треперам и од Правдата се плашам.

III

Тука ми е главата но без мисли,
Тука ми се градите но без дишење,
Тука ми е срцето но без чукање,
Тука ми се очите но без гледање,
Тука ми се ушите но без слушање,
Тука ми е телото но без духот.

Тепајте ме луѓе, јас не чувствувам,
Бакнувајте ме, браќа, јас не чувствувам,
Јас не го чувствувам ни огнот ни мразот,
Нити пелинот а ни медот сладок,
Бидејќи душата моја не е во телото,
Кон другиот свет таа се движи.

Но душата моја сите вас ве набљудува
И без очи сега подобро гледа
И без уши сега подобро слуша,
Уште и без срце посилно чувствува.
Љубовта ваша темнината ја разбива
И секоја солза како свеќа свети.

Нема повеќе кај вас враќање,
Нити вас во светот долг престој ви претстои,
Утре задутре вие кај мене ќе дојдите
И сите заедно пред лицето Христово ќе застанеме.
Едно ве молам: Молете Го за мене
Спасен да бидам од вечната темнина.

Ангелу светол, сега помогни ми,
Дури сега ги гледам гревовите мои.
Гревовите ме влечат во пеколната бездна,
Не давај ме, држи ме, води ме на небото,
О, сине на Марија, Тебе Алилуја,
Не ги гледај делата но помилувај ме.

IV

Што ми помагаат пофалбите човечки?
Што ми користат среброто и златото?
Еве, телото мое празна лушпа е,
Гадост за очите, гозба на црвите.
Има ли јунак кој смртта ќе ја убие?
Душата кон Тебе Христе ми воскликнува.

Ти што повика: Талита куми!
Наиновото чедо во живот го врати,
Мртвиот Лазар од гробот го повика
И себе Самиот од мртвите се подигна
- Единствено Ти можеш да ми помогнеш
Во светлост да ме подигнеш од гробната ноќ.

Душата моја само животот го сака
Кој ќе ми го даде она што и сам го нема?
Но Ти Си Христе извор на животот,
Извор на животот силен и буен.
Со милоста твоја земјата восхитија
И со Твојата слава мене оживи ме.

Светителите во Тебе единствениот се надеваа,
И мачениците за Тебе гинеа,
Ти им ја отвори Рајската врата:
И мене прости ми, и во Рајот вселиме,
Во смртта го повикувам Твоето име
Боже Сесилен, Христе, спаси ме.

Ангелу свет, со Богородица
И сите светии Бога молете Го,
Бога молете Го да не ме суди,
Многу сум грешен и недостоен,
Да не ме суди по светите мерила,
Не по делата туку по верата.

V

Каде се сега царевите, каде се војсководците,
И каде се сиромасите, слепите, слеповодците?
Се е покриено со земја и молчење,
Се е прав во прашина, се било па не е.
Пофалби и навреди, се со ветрот бега,
Само суви коски во прашината лежат.

Прашината е мозок но мисла не е,
Прашината е срце но љубов не е,
Прашината е коски но душа не е,
И крвтта е прашина но живот не е.
Од телесниот прав нешто избега,
Од лушпата скршена пилето излегло.

Има многу огради во Божјата нива,
Има многу светови под Божјата рака,
Едни гледаат очите, а духот други гледа.
Од еден свет се преминува во друг,
Световите се Божји и многу и различни,
Се отвара другиот кога првиот се празни.

Праведници Божји, по земјата одевте,
Но земните богатства евтино ги ценевте,
На небото сега со Христос се радувате,
Со ангелите Божји славопој пеете.
И овој покојник со вас нека застане
Животодавателот Христос со вас да го прославува.

О, ангелу, Божји раскрилен, војнику,
Со твоите бели крилја закрили ја душата
Од демонските погледи, црните страшилишта.
А ти, Света Дево, погледни го благо,
Со молитвите твои судбината ублажи му ја,
Судијата од него многу да не бара.

VI

Мојата книга испишана пред Бога,
Со црни и црвени букви,
Добрите и лошите дела објавени,
Животот човечки бездна сокриена,
Но пред сезнајниот Бог јавена,
По делата Бог ќе му суди на секој,
По делата и по верата секому,
Круната, богатството, не му помагаат на никој,
По Правда Господ ќе му суди на секој,
На грешните пеколот ќе им го даде праведно,
А на праведните Рајот ќе им го даде - праведно.

VII

О, Христе вечен, Извору преполн,
Со живот Вечен, извору буен,
Власт Ти се даде заради страшната жртва
Да ги воскреснуваш мртвите во живот.

Човекољубецу, смилувај се сега
И оваа душа спаси ја од Адот,
Од Адот спаси ја, во Рајот вселија.
Со сите светии да се весели.

По молитвите на света Богородица
Да го гледа Лицето на Света Троица
Отецот и Синот и Светиот Дух, вистински,
На единствениот Бог пофалба и слава.

 Подготви: Михаила Поповска

Посети:{moshits}